Епа ептен нарцисоидна ама да пробам, ако не пробам не сум јас
Јас
И повторно пак, стојам и се спремам за поаѓање. Знам дека патот е долг и тежок, го поминав еднаш, два пати незнам ни ја. Горда сум на успесите исто како и на поразите, тие се дел од мене и ги прифаќам такви какви што се. Страста за победа, понекогаш ја убива романтичноста на самиот тек на настаните.
Но тоа сум јас, вештица ил светица будно пратам се.
Кралица на трагедиите кои не ги открива, и не баш љубител на комедиите кои ми се случуваат во животот. Несебично подарувам љубов и не очекувам ништо за возврат, ама баш ништо.
Тоа сум јас, љубовник кој не знае за крај, љубовник кој не прашува колку е саат, љубовник кој без трошка срам со неверно срце те прашува ме сакаш ли? Сепак не верувам во вечна љубов и бајките одамна ми се смешни.
Јас кловнот што никогаш не ја заврши претставата, зашто незнаеше која маска ќе одговара за крајот и бегаше, бегаше онаму кај што пеперутките го играа својот танц...
Јас сум пријател што не прашува за време и место туку како можам да помогнам. Човек кој живее во реалноста и му е многу тешко да пишува во прво лице... Зашто боли животот кој го пишува, боли немоќта која ја има да смени нешто.
Да, тоа сум јас, од мало научено да подава рака и да не прашува зошто...
Знам дека сум создадена за победа, за војна, затоа и бунтувам за успех. Секој чекор е нов чекор, секоја патека е мој нов успех. Патот е долг, спремна сум пак да пешачам, и морам да победам. Совршенството ќе дојде до израз!
Јас сум родена да победувам, свесна дека зад секоја победа стои пораз и јас ги признавам истите како дел од мене и создавањето на моето Јас и себе си како личност, индивидуа што сака да напредува и да биде едно нешто, а не големо ништо.
Јас
малото девојче кое прерано порасна зашто така требало да биде, продолжувам зашто несмеам во ниту еден момент да се откажам! Од сега јас ќе живеам како знам и умеам и пак ќе го одберам подолгиот пат зашто секогаш имаш време да размислиш, и зошто само тој пат го знам. Секогаш го одбирам потешкото, но тоа сум јас, на друг начин неумеам.
Еве, еве ме! Се гледам себе си! Па јас пристигнав!
Совршено би било да пристигнев, ама јас потајно ќе се завртам да видам некој да не се вратил, и ќе подзастанам и веќе смислата на совршеното јас се губи, но не се предавам на болката.
Јас верувам само во себе и несмеам сама да се предадам, не во овој живот.
Јас сум уметник кој го црта својот пат, поет кој пишува за судирот со реалноста и актер кој проклето добро знае да го одглуми истражениот и макотрпен живот, зашто таков и го живее, просто, лесно и со искуство.