Avi: Should I call you Bullet? Tooth?
Bullet Tooth Tony: You can call me Susan if it makes you happy.
(Snatch/2000)
Не можам да кажам кој ден беше, знам дека беше пролет. Важни работи се случуваа тие денови. Завршуваше 24, завршуваше Изгубени, Милан се бореше за повисоко место на табела.
Беше пролет и јас го имав облечено оној дрес од Малдини, купен од Рим наместо од Милано, ја имав и онаа капа од Милан, исто купена од Рим наместо од Милано. Пред утакмицата, јас бев излезен, а Викец и Цврки ме чекаа дома да им донесам сок за да ја гледаме. Сообраќајот беше хаос, јас забрзан бев со точакот да стигнам што побрзо. Таман стигнав во улицата во која живеам, тазе асфалтирана пред 6-7 години, со бандера на скоро средина и неколку расипани коли кои стојат од ко паметам за себе. Битното е што така забрзан не здогледав како една кола се појави пред мене.
Фак, си реков готов сум јас, оваа ме смачка. Ми дојде одма пред мене оној мит дека во последните секунди од твојот живот можеш да помислиш и да направиш ретроспектива на сите работи кои ти се десиле во минатото, и добри и лоши. Едноставно во тие последни секунди ти поминува низ главата цел твој живот.
Јас мислам дека тоа што се случи тогаш не беше така. Јас не се сетив на ништо, само ми беше важно да свртам десно и да победит Милан. И свртев десно, се мавнав во живата ограда, се избоцкав малку, ама се спасив. Ојдов дома и ме чекаа двајцата дебили да им ја дам пијачката.
- “Ќе умрев за малу да те ебам.” Му реков на тој нискоградениот.
- “Ај бе нишо не ти е, Форца Милан.”
Некоја година подоцна, години и некој месец, и повеќе денови затоа што февруари мислам немаше 28 дена, јас се најдов пак да размислам за тој митот што беше дека во барем еден момент во животот може низ мозокот да ти проструи целиот твој живот.
Беше јули, и уште е јули, и утре ќе е јули.
Да не го должам со многу големи срања ко претходно напишаниве. Сакам да кажам дека ако еднаш заболиш од синуси, со здравје да си ги носиш. Без разлика дали е лето или зима. Интересно во врска со тоа е што јас никогаш со двеве ноздри не сум дишел чисто. Некогаш работи само десната, некогаш само левата и кога макар една добро работи јас сум пресреќен.
Еднаш почувствував толку силна миризба што ми се одзатнаа двете ноздри и дури в мозок ме мавна миризбата. Тоа беа три смрдливи контејнери каде што фрлав ѓубре.
А вечерта во јули, на едно место каде што келнерот секогаш ме поздравува, на едно место каде што има фини луѓе со лап топови кои играат Тексас Холдем, на тоа едно место јас почувствував далеку спротивна миризба која ги одзатна моите две ноздри за втор пат во мојов живот.
(Секогаш одолговлекувам да одам на заболекар, и дур го пишам ова ме болит забов, морат утре да одам, страв нестрав...)
Тоа беше парфемот на мојата сакана. Подобар од кој било машки парфем со кој сум се напрскал, подобар од било кој женски парфем кој сум го помирисал, подобар дури и од мирисот на страниците од списанието за женски. Не можам да се сетам на името, ама знам дека сите школски нарачуваа од таму продукти. Се осеќав преубав ко гледав дека на некои им треба појачување, а мојата фаца и тело воопшто се чист доказ дека природата има убав вкус да подари нешто. Само морам да ја наместам косата пред излегување.
Тогаш, во тие неколку секунди кога мојов нос беше опуштен и за прв пат мирисав целосно, е тек тогаш сфатив дека тој мит можеби е и вистина. Во тој момент можеби не проструи цел живот, ама проструи тој вториот дел од животот.
Еднаш еден продавач дур купував мастики ми рече: “Батка, животот не се дели на младост и старост, се дели на еден дел пред да се ожениш, а другиот од ко ќе се ожениш.”
Не знаев што сакаше да каже, а не знам ни сега, ама знам дека порано мојот живот се делеше на животот до 25ти мај 2005та година, и од 25ти мај 2005та година. Тогаш Милан изгуби од Ливерпул, на пенали, а 3-0 беше на полувреме. Добро е што не стигнав до психијатар.
Сега, кога ќе ме праша некој јас се ориентирам на времето до пред да ја запознам неа, и на времето од ко ја запознав неа. Е тој вториот дел од животот ми проструи во тие неколку секунди додека ја мирисав и додека цел град околу нас беше хаос во сообраќајот, а беше толку топло што се направив жива вода.
Една од работите кои ги почувствував беше мала нервоза. Се потсетив на таа бабата кога го праша Тед Страјкер дали прв пат лета со авион. Му рече:
- “Nervous?”
- “Yes.”
- “First timeeee?” И тој и рече:
- “No, I’ve been nervous lots of times.”
Изгледа тоа не беше нервоза, туку некаква несигурност.
Прво и најважно правило е да не мислиш на крајот. Еден наш Македонец еднаш рече: “зарем крајот вака мириса?”. Не мора да го замислуваме затоа што не знаеме дали некогаш ќе дојде.
Во тој момент јас сакав да и кажам за една работа за која ја лажев долго време... Не собрав храброст. Сакав во тој момент да и’ кажам дека ја лажев дека се заљубив во неа после неколку месеци од нашето запознавање. Не собрав храброст затоа што можеше тоа да звучи клише, и сега можеби звучи. Јас се заљубив во неа уште првиот пат кога ја видов и уште првиот пат ко ми рече “здраво”.
И тогаш за прв пат направив уште една работа. За прв пат ко ја видов, реков – “О фак, единствената што сум ја видел подобра од Винона Рајдер во Есен во Њујорк”.
Додека го мирисам парфемот нејзин, во таа јулска вечер, јас реков дека ќе ги задавам сите кои ќе речат дека не е најубавата девојка на цел свет. И ми текнаа уште многу работи. И знаев точно кои работи сум способен да ги направам поради неа
Би спружал алишта на балкон по гаќи.
Ќе и’ ги донесам сите љубовни книги и филмови и сите заеднички песни и ќе и’ заковам еден рафт за да ги чува. Ќе се смеам со моиве грди заби кога ќе рече да се заозбилам. Ќе ја нервира мојата насмевка кога со гласното смеење им ја рушам хармонијата на останатите.
Ако посака, би ги украл сите алишта на светот. Ќе престанам да и’ ја кубам косата ако тоа го посака. Затоа што со неа дури и невозможното ми изгледа возможно. Можам да му ја вратам и формата на Шевченко, можам да бидам Супермен, Бетмен, Ајронмен, Кет Воман, можам да ги забранам сите шпански серии и сите електронски песни, особено Rise Up.
Би ја пеел Нисам добар био, би ја пеел You and I од Scorpions, само ако посака.
Ќе и' ги дотерам веѓите кога ќе мисли дека пораснале многу.
Ако посака да не запеам нема ни да запеам нигде освен дома. Ќе и’ речам дека сум убав, само да изнудам насмевка на нејзиното лице.
Ми недостига во првиот момент од кога ќе се разделиме. Ми недостига толку многу како што на Бен Афлек и Џесика Алба им недостига талент за глума.
А тогаш, во таа претопла ноќ со многу туристи во градот, јас додека го мирисав нејзиниот парфем се сетив и на една случка која се деси пред некој ден, а нема врска со ништо што го кажав.
Боби Коса праша:
- “Абе, како е да седиш ко ненормален?” Му реков:
- “Седни, па ќе видиш.”
Во тие моменти додека носам заклучоци, поставувам и многу нејасни прашања:
Колку минути се потребни за убаво да ја наместам косава?
Колку е корен од три?
Кога ќе освои Милан Лига на Шампиони и Италијанска лига?
Дали и утре ќе ме сакаш?
Кој го уби Кевин Спејси во Американска убавина?
Дали ако огледалото се скрши ќе те следи несреќа 7 години?
Кога најмногу ме сакаш?
Зошто Тарантино сака да се пензионира на 60 години?
Постојат ајкули кои живеат во слатка вода?
Зошто јас и покрај сите други?
Ќе пишам уште еден текст после точно една година?
Кога ти недостигам најмногу?
И нема одговор на ниедно од овие прашања. Само претпоставки...
И ќе завршам со цитат од еден од подобрите фантастични филмови, не е кажано во тој контекст, ама вака е фино кажано.
- “How long will you need me?”
- “Until you die, or someone better comes along.”
И се’ се случи додека ја мирисав и чувствував нејзината кожа... И таа е единствена страна на светот, и уште се мислам дали сонцето изгрева на исток... Или на запад...
Најдов една слика пред некој ден, јас одма се тагирав во сликава. Tag tag tag...