Парфемот на мојата сакана...
Елегантна како и секогаш, Џенифер и тоа утро го спроведуваше својот вообичен утрински ритуал, кафе, цигара, неколку листови марула и две три резинки домат. Знаеше дека секогаш мора да внимава на својата линија. Секогаш дотерана, секогаш совршено изгледаше. Го облече својот најубав фустан, нејзиниот врат го красеше нејзината нова свилена марама и така спремна за новиот ден и новите подвизи, излезе од дома - решена да оди во неверојатен шопинг, знаеше дека најголемите забави се подготвуваат и таа мораше да има совршена облека за такви пригоди.
По неколку часовно лутање низ продавниците, реши да си земе кафе, да земе малку здив. Кога одеднаш, позади неа се приближи еден неугледен човек, сиромашен, со искината облека. Таа се исплаши и почна да вика, а тој само со неговата рака ја тргна марамата од нејзиниот врат и си отиде. Целата потресена, растресена, луѓето во околина и даваа вода да смири, а таа се уште бладаше и се дереше: Во каква ли земја јас живеам, кога секакви луѓе можат вака да ми се приближат?
Се вртеше се уште околу себе, го бараше со поглед кутриот бедник, но него го немаше никаде.
Се врати дома, се слушна со пријателките, раскажуваше како е згрозена, како не и се верува, излезе потоа на коктели, беше на забава, но се уште не можеше да се смири, имаше нешто во тој човек што ја прогонуваше, не ја оставаше на мир. Знаеше дека е обичен бедник, но тој ја сакаше само нејзината марама и ништо повеќе. Зошто? Се прашуваше зошто?
Две недели подоцна, таа се уште беше гламурозна и елегантна, опкружена со новинари, опкружена со кавијар и шампањ... заводлива, посакувана од сите. Иако помина подолго време, човекот се уште не и излегуваше од главата, тоа ја вознемируваше и даваше немир во нејзиниот навидум совршен живот. Реши дека мора да го побара, мора да дознае што е неговата приказна, што се случило? Фати такси и се врати кај истото кафуле од минатиот пат. Се распраша по луѓе, им го кажа описот... еден човек се сврте и кажа: Јас, јас знам каде би можеле да го најдете, но не верувам дека дама како вас, би сакала да се приближи таму, премногу е валкано, ниеден човек не би сакал ни да го помириса тој воздух таму.
- Би била навистина благодарна кога би ми помогнале, сакам само да го најдам.
- Во ред, но немојте да кажете дека не сум ве предупредил.
Одеа неколку минути, влегоа во една запустена темна уличка, полна со прашина и стари предмети, а измет и ѓубре имаше насекаде.
- Еве тука ве оставам па вие како сакате.
- Во ред е, ви благодарам многу - му одговори таа.
Одеше, тешко се снаоѓаше низ целиот тој хаос, тешко гледаше од прашината, а и тешко дишеше од целиот тој смрад. Малку во замрачен дел од аголот, виде човек кој седи со главата надолу држејќи во рака нешто што личеше на нејзината марама. Се доближи малку повеќе и од кога се увери дека тоа е човекот, само се накашла.
- Кхм, кхм..
Кутриот бедник само ја крена главата со насолзени очи и кога ја виде се стаписа.
- Од каде... вие.. се извинувам... не ме пријавувајте во полиција, ве молам, ве молам, ве преколнувам, не сакав да ве исплашам...
- Во ред е, јас само дојдов на разговор, нема да ве пријавувам во полиција, не ми беше тоа ни на ум - одговори Џенифер.
- Навистина? - сега човекот беше уште повеќе збунет.
- Да, не грижете се. Едноставно не можам да го заборавам целиот настан, па сакав да позборуваме, ако не ви е тешко.
- Не, нема проблем, иако не знам колку тоа ќе звучи интересно и занимливо.
- Навистина би сакала - му одговори - ајде да се тргнеме од тука, ќе одиме до мојата куќа, таму ќе ве чекаат чисти алишта а и попријатно е за разговор.
- Не би можел... великодушно е, но не би можел...
- Би можеле и морате.
Човекот некако стана, не испуштајќи ја од раце марамата и ја водеше по патот до главната улица каде што фатија такси. Стигнаа во нејзината куќа, таа им нареди на нејзините луѓе да му обезбедат чиста облека и бања.
Откако се заврши, седнаа во нејзината огромна дневна соба, човекот само немо набљудуваше се околу себе.
- И? Ќе ми кажете ли барем како се викате? - го праша
- Џон...Моето име е Џон - тивко одговори.
- Мило ми е Џон... - воздивна, не и беше некако пријатно, но продолжи - ...ќе ми кажеш ли што се случи оној ден и зошто ти значи толку таа моја марама?
Џон само длабоко воздивна и со тажни, црвени очи, ја започна својата приказна: Не ме интересираше Вашата марама, туку мирисот...тој ден кога Ве видов случајно проаѓав од таму и мирисот на Вашиот парфем, миризбата која Вашиот парфем ја ширеше... толку многу ме потсеќаше на мирисот на парфемот на моја сакана... мојата единствена, одамна изгубена...Одамна го немав почувствувано тој мирис... се стаписав и хипнотизирав, следно на што се сеќавам е дека ја држам Вашата марама на која се уште го чувствував тој мирис. Верувајте не сакав да Ве исплашам, едноставно се изгубив.
- Извинете вака, но кога веќе почнавте, што се случи со Вашата сакана?
- Се знаевме уште како деца, пораснавме во истото сиропиталиште, секој ден бевме заедно, делевме иста трагична судбина, бевме оставени од нашите родители. Поминавме низ толку многу работи и спонтано се засакавме, иако тежок, нашата љубов правеше животот барем малку да ни биде олеснителен имавме за што да живееме. Се трдудевме да штедиме за нешто наше, мало, за мал свет... и таа секогаш користеше парфем, сличен на Вашиот. Секое утро се будев и го чувствував нејзиниот мирис, на нејзината кожа, во нејзината коса... имавме караници, расправии, нормално, не беше совршено, но од кога ќе се смиревме беше уште поубаво...
- И? Што се случи?
- Аххх... живеевме на таа улицата каде што ти ме најде, имавме неколку душеци, некако се снаоѓавме. Таа вечер јас отидов да поработам малку, тогаш работев како чистач трета смена во локалната болница. Се беше нормално... кога завршив со работа, си доаѓав накај дома и само видов полиција, амбулантна кола и видов како креваат мртво тело, се затрчав со целата моја снага и кога видов дека тоа е нејзиниото тело, онемев, почнав да викам, се фрлив врз нејзиното тело, сакав да умрам заедно со неа... и тогаш мирисот на парфемот на мојата сакана се уште се чувствуваше... тогаш за последен пат го почувствував...тогаш и оној ден кога ви ја земав марамата.
- А што се случило таа вечер?
- Некои наркомани дошле да се дрогираат, мислеле нема никој и ја виделе неа и сакале да ја ограбат, кога виделе дека нема ништо, ја силувале и на крај ја избоделе со нож. Кога дошле луѓе во близина, веќе било готово, не можеле да ја спасат - Џон веќе не можеше да ги сопре солзите, ги пушти да течат.
- Навистина ми е жал - гламурозната Џенифер беше пред раб да заплаче.
- Ахх колку ја сакам, никогаш нема да престанам да ја сакам. Немавме пари, но се сакавме, се љубевме, се имавме себе. Сега немам ништо. Само неа ја сакам и ќе бидам најсреќниот човек на планетава.
- Извинете Џон, не сакав да Ве вознемирувам.
- Не, јас ви должев извинување и објаснување.
Поминаа неколку часа во евоцирање спомени, раскажување, солзи, смеа, пријатни и лоши спомени. Сепак дојде и на тоа крајот и Џон веќе тргна да си оди.
- Се извинувам, само една молба ако може?
- Да, се што сакате? - одговори Џенифер.
- Ако може да ја задржам марамата?
- Се разбира! Ваша е!
- Ви благодарам... најискрено...
Се поздравија, се договорија некогаш пак да се видат ако судбината ги спои повторно.
- Никогаш нема да ја заборавам оваа приказна... никогаш
Џон само се насмевна, ја стегна марамата и се заврте и си отиде.
Два различни света се разминаа... таа утре ќе присуствува на најлуксузната забава во најлуксузната дискотека, а тој ќе лежи на валканите душеци покриен со весници, стегајќи ја марамата, потсетувајќи се на мирисот на парфемот на неговата сакана....