Ердоган и Камерон ќе ја крепат Македонија во Чикаго
За државава на самитот на Алијансата најгласни ќе бидат Велика Британија и Турција. Тие ќе се обидат да дадат некаков поттик за Македонија, најверојатно со декларација во која ќе се истакне подготвеноста на земјава за членство, со нотирање дека проблемот со Грција за името е пречката поради која Македонија не може да стане полноправна членка на евроатлантското семејство
Од дваесет и осумте земји-членки на НАТО, Македонија за претстојниот самит во Чикаго може да очекува поддршка од речиси половина земји-членки. Но поддршката, главно, подразбира тие да го отворат прашањето за македонскиот случај, но не и да издејствуваат Македонија и проширувањето на Алијансата да бидат на агендата. Дипломати проценуваат дека за Македонија најгласни ќе бидат Велика Британија и Турција. Се очекува британскиот премиер Дејвид Камерон и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган да бидат најгласни. Тие практично ќе се обидат да се даде некаков поттик за Македонија, најверојатно со некаква декларација во која ќе се истакне подготвеноста на земјава за членство, со нотирање дека проблемот со Грција за името е пречката поради која државата не може да стане полноправна членка на евроатлантското семејство.
Се очекува, исто како и Европската Унија, со воведувањето дијалог на високо ниво, сличен поттик за Македонија да даде и Алијансата.
Процените се дека, освен Велика Британија и Турција, Македонија може да смета и на соседите Албанија, Бугарија, потоа Словенија, Унгарија, Полска, земјите од Скандинавија и од Балтикот, Канада и САД.
- Соседите, со исклучок на Грција, е многу веројатно да застанат зад Македонија, како и земјите што традиционално ја поддржуваат државава, Турција, САД, Канада - велат дипломатски извори.
Македонија може да очекува поддршка од Велика Британија, бидејќи нејзиниот традиционален партнер Соединетите Американски Држави нé признаа во 2004 година под уставното име и нејзиното придобивање може да има ефект и врз Франција и Германија. Оттука и Германија може да помогне, бидејќи германската канцеларка Ангела Меркел не упати никакви условувања на адреса на Македонија по неодамнешната средба со премиерот Никола Груевски.
Поддршката од земјите како Холандија следува поради фактот што земјата е седиште на меѓународното право, кое, пак, исклучително го почитуваат Данците и Норвежаните. Тие, пак, со своето влијание ги повлекуваат балтичките земји Литванија, Летонија и Естонија. Претставниците на официјална Рига и Талин јасно укажаа, по неодамнешните средби со министерот за надворешни работи Никола Попоски, дека правото е на македонската страна.
Дипломатите имаат објаснување на што се должи поддршката од ваквата група земји.
- Македонија може да очекува поддршка од овие држави зашто сега позицијата и е многу јака. Но, за жал, поради превладување на политиката и интересите во меѓународните односи, многу тешко може да се ефектуира поканата и да се реализира членство. За тоа е потребен консензус, кој не може да се постигне поради спорот со Грција за името - велат дипломати.
Актуализирањето на прашањето за македонско членство ќе следува поради две причини, првата е пресудата од Меѓународниот суд на правдата од Хаг, која е во полза на Македонија, а втората е учеството на војници од државата во меѓународните мисии.
Турција сигурен сојузник
Дека ќе се отвори темата Македонија на самитот на НАТО согласни се и аналитичарите, но за разлика од некои дипломати, тие сметаат дека бројката на земји што би го направиле тоа ќе биде мала.
- Сигурно е дека Турција ќе зборува за македонскиот случај. Веројатност има тоа да го направат и Словенија и Унгарија. Но треба да се има предвид дека Словенија е мала и не многу влијателна во евроатлантските структури, а Унгарија има веројатност да го направи тоа поради неофицијалното партнерство со македонската влада - вели Стево Пендаровски, советник за надворешна политика и безбедност на двајца поранешни претседатели.
Професорот Денко Малески, пак, смета дека за да го добиеме она што го сакаме, а тоа е членството - условот е многу јасен. Тој не ни проценува која од земјите може да го стави на маса прашањето за Македонија.
- Во секоја меѓународна структура, така е и во НАТО, има држави што одлучуваат и држави што учествуваат. Оние што одлучуваат, како САД, ни го кажаа патот за влез - рекоа „решете го името“. Ако САД не можеа да се справат во Букурешт со преостанатите држави, не би го направиле тоа ниту сега. Оттука, малку е беспредметно да разговараме за помалите држави. Некои од нив, како на пример Чешка, ги интересираат пред сé сопствените интереси и никогаш не би застанале зад некоја помала земја од која немаат никаков интерес и не би создавале непријатели за некој друг - вели Малески.
Има обиди на различни начини да се зборува и да се создава фронт за Македонија во Чикаго. Фондацијата „Херитиџ“ неодамна јавно порача од администрацијата на Барак Обама да побара приемот на Македонија и проширувањето на северноатлантското семејство да бидат на агендата во Чикаго. Аналитичарите од „Херитиџ“, Морган Роуч и Лук Кофи, укажуваат дека во Вашингтон мора да се обезбеди вратите на НАТО да останат отворени за нови членки, а Македонија, која ги исполни сите услови, да стане членка.
Педесетина американски амбасадори се потпишаа на писмото, кое ќе биде упатено на адреса на американскиот претседател Барак Обама. Иницијативата за ова писмо е на Македонската обединета дијаспора, а целта е Македонија да биде тема во Чикаго. Но останува да се види дали и каков плод ќе дадат ваквите и слични иницијативи.
Амбасадорските заложби без детали
Дилемата е речиси решена кога станува збор дали проширувањето ќе биде на агендата. Може да се отвори дебата за овој процес, но тоа нема да биде точка на дневен ред. За поддршката што ја има Македонија, со цел да и се даде поттик, говорат и некои од амбасадорите на земји-членки на НАТО. Сепак, тие не прецизираат дали ќе го отворат прашањето за македонското членство.
- Обединетото Кралство продолжува да биде силен поддржувач на евроатлантските аспирации на Македонија. Иако не можеме да ги предвидиме одлуките од самитот на НАТО во Чикаго во мај, кои ги носат сите земји-членки, сепак Британија секогаш била јасна дека сака да ја види Македонија во Алијансата - изјави неодамна за „Нова Македонија“ британскиот амбасадор Кристофер Ивон. Тој ги повторува вообичените работи за кои големите сили и се благодарни на Македонија.
- Британија високо го цени придонесот на Македонија во операцијата ИСАФ и напорите за зголемување на безбедноста за народот на Авганистан. Таквиот придонес ја истакнува улогата што земјите-аспиранти би ја имале кога еден ден ќе станат полноправни членки на НАТО - додава Ивон.
И Словенија е една од земјите што се вбројуваат во групата што стои зад Македонија, кога станува збор за евроатлантските структури. Словенечкиот амбасадор Алан Брајан Бергант укажува дека поддршката треба да се преточи во нешто конкретно, но не кажува детали.
- Мислиме дека оваа фраза треба да се пренесе во конкретни чекори и од таа причина се одлучивме за поактивен и поодговорен пристап. Тврдењата на сојузничките, дека следниот НАТО-самит во Чикаго нема да биде од проширувачка природа, сé уште не се доволно втемелена причина да не се расправа на оваа тема и мораме да се потрудиме Македонија да остане на агендата на расправите на Алијансата. Важно е да не се заборави на Македонија - вели амбасадорот Бергант.
Причината зошто се ангажира Словенија за Македонија, како што вели Бергант, е тоа што „државата докажа дека е сигурен партнер и извозник на регионална и меѓународна безбедност“.
- Затоа, Словенија во најголема можна мера се ангажира при барањето, односно промовирањето решенија што за Македонија би значеле опиплив резултат и воедно признание за досегашните напори при вклучувањето во НАТО. Поддржуваме какво било решение, кое на Македонија ќе и го овозможи патот напред - вели словенечкиот амбасадор, кој не заборава да укаже дека е потребно да се истакне оти одлуките внатре во Алијансата се донесуваат со консензус, што е и едно од основните начела на НАТО.
Меѓу земјите што би го отвориле прашањето за Македонија на самитот во Чикаго е и Унгарија. Но амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јожеф Бенце, освен повторувањето на политиката на неговата држава за поддршка на Македонија, не открива дали има план случајот на Македонија да се стави на маса во Чикаго, иако неговата земја е единствената чии претставници упатија писмо до земјите-членки на евроатлантските структури дека прашањето за името не треба да биде пречка за интеграцијата.
- Денеска регионот е постабилен и побезбеден откога и да е, но треба да ги зачуваме и да ги зајакнеме резултатите што досега ги имаме постигнато. За да ги зачуваме овие резултати особено е важно Македонија што побрзо да стане членка на НАТО - изјави унгарскиот амбасадор Бенце.
ГРУПАТА А5 ПОРАЧА:
На самитот да се отворат вратите на НАТО
Александар Србиновски Фото: Дарко Андоновски
НАТО на претстојниот самит во Чикаго да испрати цврста порака до земјите-аспиранти дека Алијансата останува посветена на политиката на отворени врати кон евроатлантските интеграции во Југоисточна Европа, стои во заедничкиот заклучок на министрите за одбрана на земјите од Јадранската повелба (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Црна Гора) и САД.
Глобалната економска криза и нејзините импликации врз регионалната безбедност и развој, енергетската сигурност, како и можностите за примена на НАТО-концептот за „паметна одбрана“ пред претстојниот самит во Чикаго, се темите на кои се фокусираа дискусиите на министрите за одбрана на вчерашната конференција „Заеднички предизвици и здружени решенија“ што се одржа во Скопје.
На форумот се истакна важната улога на Хрватска, Албанија и на САД во обезбедувањето континуирана поддршка за преостанатите земји од А5 во нивните аспирации за полноправно членство во НАТО.
Во тој контекст се реафирмира поддршката за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, што е можно поскоро, се подвлекува во заедничкиот потпишан документ на претставниците на овие држави.
Министрите ги охрабрија земјите од регионот да продолжат со имплементација на одбранбените реформи.
Селест Валандер, заменик-помошник на американскиот секретар за одбрана, поздравувајќи го вчерашниот форум, меѓу другото, рече дека САД очекуваат на самитот на НАТО во Чикаго да се препознаат напорите на регионот кон полноправно членство.
Чеку: Косово и Србија да станат членки на групата
Косово и Србија да станат дел од Јадранската повелба и таа од А5 да стане А7, е барањето што го упати Агим Чеку, министер на косовските безбедносни сили.
Тој смета дека Косово се залага за дијалог и регионална соработка, и притоа изрази жалење што немало српски претставник на конференцијата.
- Можам да ве уверам дека Косово нема непријателски намери. Кога гледаме на регионот, гледаме само соседи и пријатели, не непријатели. Не гледам сценарио во кое Косово ќе ги искористи безбедносните сили надвор од нашите граници. Овој регион има своја улога, што треба да ја одигра на глобалната сцена. Мислам дека е време да го нормализираме начинот на кој работиме заедно и да го разбереме нашиот потенцијал. Верувам дека е време Косово да се приклучи на оваа група и да има глас на масата и ние заедно да се движиме напред - истакна Чеку.
Иванов: Да се преиспита заклучокот од Букурешт
НАТО на самитот во Чикаго да го преиспита заклучокот од Букурешт во однос на Македонија, порача вчера претседателот Ѓорге Иванов во својот говор на конференцијата.
Пред претставниците на поканетите земји, Иванов побара да биде испочитувана пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која, како што рече, ја потврдила исправноста на нашето досегашно одговорно однесување.
- Не сме задоволни, но не сме и обесхрабрени. Незадоволството не значи напуштање на партнерството и визијата. Напротив, уште поохрабрени сме и силно сме фокусирани на она што е наш дел од обврските - порача претседателот.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=33012846272&id=9&prilog=0&setIzdanie=22544