КУМАНОВО НЕ ЈА ПРЕЖИВЕА ФИНАНСИСКАТА КРИЗА
Добра Вода стана суперлигаш:
Нова промена на ликот на Супер-лигата во женска конкуренција. Откако Универс 1 доби суперлигашки статус по банкротот на Т. Комбинат Бренд, сега и екипата на Добра Вода доби суперлигашки статус на дар.
Куманово не успеја да застане на нозе и сезонава нема да се натпреварува во Супер-лигата. Нивното место ќе го заземе Добра Вода од Кратово, а кумановките ќе играат во Првата лига.
Ваков расплет се очекуваше, поточно ќе беше почудно и понеочекувано доколку Куманово се појавеше на теренот и ја почнеше сезоната. Куманово беше во голема криза и минатата година, но некако успеја да ја истурка сезоната до крај.
Летото не донесе добри моменти за нив, напротив, место консолидација дојде до уште поголем распад, па екипата ја напуштија и најдобрите ракометарки. Така на финасиската се надоврза и играчка криза.
Куманово, сепак, најави играње во елитното друштво, но не ја почна сезоната. Првиот меч на кој требаше да го пречека Вардар О. беше одложен, вториот со Кабран Амбалажа исто така. Веќе беше јасно дека немаат сили да играат Супер-лига, а одложувањата не можеа да траат "вечно". Најава за решавање на проблемот немаше, а веќе стигна на ред и третото коло.
Ново одложување ќе беше премногу несериозно за и така разнишаната со углед Супер-лига, па дојде моментот да се реши овој случај. Одлуката е конечна, Добра Вода од Кратово ќе игра во Супер-лигата, Куманово во Првата лига.
Консултациите се извршени, за наредното коло делегирана е Добра Вода, а денеска би требало да се договорат термините за одигрувањето на натпреварите кои Куманово ги одложи.
На овој начин Супер-лигата ќе продолжи со осум клуба и нема да биде нарушен системот на натпреварување. Добра Вода ќе треба набрзина да ги одигра заостанатите мечеви и Лигата да влезе во нормален ритам, што исто така нема да биде едноставно, затоа што натпревари се закажуваат и се играат практично секој ден.
A vardar pro igra na 29 septemvri protiv Шафхаузен