Кратка рекапитулација на групната фаза и вовед во осминафиналето
1. Воодушевен сум од
статистиката што се забележува од првенството. Ова одамна очајно му беше потребно на ракометот и се надевам ќе добие поширока примена. Конечно е најдена едноставна методологија која има смисла и прецизно го опишува она што се случува на теренот. Сега е редот на тренерите, скаутите и играчите да го искористат ова, но и на фановите во обидот да бидат подобро информирани а и самото следење на ракометот да биде поинтересно.
Особено се интересни тимските статистики и класификација кои за групната фаза може да се погледнат
тука и се дообјаснети
тука.
2. Нашите генерално одиграа во рамки на очекувањата. Македонија - Алжир осминафинале лично и очекував да биде епилогот на групната фаза и така и испадна. Играта топло - ладно. Во напад во принцип играме добро (освен едно полувреме со Шпанија). Проблемите ни се во одбраната каде сме многу променливи и пред се на голманската позиција каде сме очај - имаме еден од најслабите парови на првенството досега.
3. Позитивно изненадување кај нашите е пикерот Арсеновски. Голем напредок има кај него и во фаза на градење на позиција и во фаза на шут. Само вака нека продолжи. Разочарување е голманот Томовски. Едноставно крајно време беше да покаже нешто и на репрезентативен план но засега е катастрофа. Кога првиот голман ти има 23.5% одбрани тешко е да се победи сериозна репрезентација. За споредба квалитетните репрезентации кои се борат за медал имаат голмани како Meyer (FRA) - 37.4%, Ledo (ESP) - 39.3%, Kastelic (SLO) - 36.9% итн. Сите 15 останати екипи кои ги поминаа групите имаат подобар процент на одбрани од Томовски и Даниловски.
За тимот, позитивно е што се игра далеку побрзо отколку што сме навикнале. Против Тунис дури имавме и 5-6 гола од брз центар. Позитивно е и што иако сме една од најмладите репрезентации (скоро цела втора постава е кадети, нешто што не е случај кај останатите репрезентации), горе долу сите 16 играчи добија шанса и покажаа одреден квалитет. Конечно и кај нас да има рамномерна распределба на головите, а не како што сме навикнале еден играч да ни е половина репрезентација. Од друга страна негативно е што според мене неприфатливо е со постава која често ни игра одбрана и кај сениорите (Талески, Нелоски, Кузмановски) да имаме толку многу проблеми со брзи атлетски играчи на влезови.
Некои статистики како вовед за мечот со Алжир:
Македонија
-----------------
напад: 4ти
одбрана: 15ти
главна страна во нападот: ефикасен позицион напад (3ти) со многу асистенции (3ти)
слаба страна во нападот: премногу предвидлив шут на главните играчи (Талески скоро секогаш на прва статива лево, Кузмановски секогаш горе)
главна страна во одбраната: добри на блок (6ти) и во изнудување на пробивања (2ри)
слаба страна во одбраната: голмани (17ти) и тоа со се билдањето статистика против Буркина Фасо
интересен факт: Талески е во моментов 4ти најдобар асистент на првенството
Алжир
-----------------
напад: 15ти
одбрана: 8ми
главна страна во нападот: добра реализација со играч повеќе (2ри) - патем ние сме засега 1ви!!!
слаба страна во нападот: многу слаби во транзиција (21ви)
главна страна во одбраната: голман (4ти)
слаба страна во одбраната: во скоро сите останати категории се потпросечни
интересен факт: најбавна репрезентација на првенството
за оние што не ги гледале: Најдобри играчи (барем според она што можев да го видам) им се голманот Ghedbane и десниот бек Abdi Ayyoub
Се на се сум оптимист за вечер. Иако е ова У21 репрезентација, нашите клучни играчи имаат доволно искуство за домашниот терен на Алжир да нема пресудна улога. Сепак играчкиот и техничко тактичкиот квалитет е на наша страна. Од пред првенството со оглед на распоредот на групите и играчкиот кадар за мене се под четвртфинале ќе беше неуспех. Истото важи и сега. За мене победа е императив на овој натпревар и никако не смеат ни да помислат да се задоволат со некакво си осминафинале.