Waking Life (2001)
Какво неверојатно остварување на Richard Linklater, човекот кој стои позади добро познати хитови како Dazed and Confused и School of Rock.
Ама Waking Life не е ништо слично на овие два наслова. Уствари, не е слично на ништо што досега го имате видено. Не би рекол овде дека филмот не е за сите, море како да не.... би рекол - не е за сите, озбилно.
Како прво, не е за филмомани. Нема врска со нив. И покрај тоа што го ставам во купот "филмови за ентузијасти", овој нема врска со наивните љубители на филмот.
Ама има врска со наивните филозофи, оние модерни длабоки размислувачи кои се пронаоѓаат во мемињата на филозорапторот и пред се, за
сонувачите. Јас спаѓам во болдираната категорија и затоа овој "филм" многу ми се свиѓаше.
Како сум можел да го пропуштам? Ја видов рецензијата на stormspeaker и го спуштив филмот затоа што според неговата рецензија имав големи очекувања и што е најбитно ги добив!
Како прво и најважно, морам да напоменам дека анимацијата, цртежите и конструкцијата на филмот е невообичаена. Дури и напорна на моменти ако имате нежен вид. Ама тоа нема да ви претставува никаков проблем затоа што она што е најбитно во филмот е неговата порака, која патем овде нема никаква врска со сликата што ја прикажува. Ама кога прочитав дека за 1 минута анимација во филмот биле потрошени околу 250 часа работа, скроз го повлекувам ова што го пишав. Ако сте издржале на Coraline, за ова немате гајле. Анимацијата е неверојатно доживување!
Главниот јунак во филмот преку своите соништа се среќава со различни луѓе и разговара за смислата на животот, настанокот на универзумот, смислата на постоењето, смислата на соништата, смислата на се она што има и нема смисла...
Воглавно филмот е составен од долги монолози и дијалози. Јас обожавам монолози. Ама да бидам искрен и дијалозите во филмот се перфекција и уживав во нив дури повеќе!
Приказните се скроз неповрзани, единствено што ги спојува е главниот лик кој е само слушател во скоро сите настани и поради тоа што тој сам си ги креира соништата може и да ги ограничува, контролира и насочува понатака.
Сте размислувале некогаш за луцидните соништа, за тоа колку соништата можат да бидат реални и колку реалноста може да биде сон? Дали сте размислувале за задгробен живот, за телепатија, за сродни души, за постоењето на Бог и совршеноста на човекот, па и за изборот што го прави и неговата "слободна волја" која може да биде сама по себе и добра и штетна во исто време?
Многу ми се свиѓаше еден цитат во филмот:
"I had a friend once who told me that the worst mistake that you could make is to think that you are alive... when really you're asleep in life's waiting room."
Им го препорачувам на сите. Иако не е за сите и ако ви се бендиса значи навистина не сте со сите, сакам да напоменам дека мора да го вклучите мозокот арно да се сконцентрира за да ги изгустирате добро монолозите и можеби на крај сепак филмот ќе ве умори. И ќе ве натера да размислувате уште повеќе. Можеби ќе ви ги даде одговорите кои сте ги барале, а можеби ќе ве натера да поставите уште еден куп прашања.
Или на пола сат ќе го исклучите филмот и ќе ме испцујате еднаш од срце
или ќе ве инспирира. Ама во никој случај нема да ве остави рамнодушен!