MAMA
Мама на imdb.
Одамна немам гледано солиден хорор филм, или некој трилер, со такви елементи. Insidious беше занимлив, имаше грст такви моменти, и пројде некако, можев да дадам зелено светло ако некој сака да го гледа. Слично ќе биде и со овој филм. За мене лично, отскокнува од годишната испорака на ~хорор, wannabehorror и "хорор" (читај Gore). Не беше нешто кој знае што во однос на кинематографски импакт од својата бранша, но сепак подобар од повеќето кои ги гледам последниве ... 10 години?
За чудо, приказната ми се допадна во голем дел (а, за чудо, има и приказна, не баш присутен термин кај повеќето хорори денес). Иако истата има неколку пропусти, дупки, и маани, и така не гледам често content driven хорор филмови (бидејќи ги нема), не сакам да потенцирам премногу дека не е преквалитетна приказната нити да ги посочувам дупките (ради почит кон задоволството што го имав кога го гледав филмот, а и ради спојлери, секако).
Не знам каков е трејлерот искрено, трејлерите се дупипамет работа, некогаш е добар трејлер - лош филм, или лош трејлер - добар филм. Мислам дека имав среќа што не го гледав трејлерот, бидејќи можеби ќе ми оставеше некој впечаток, или насока во која треба да се тера филмот, и ќе имав одредени замисли за се, како и очекувања. А може ради трејлерот и да не го гледав ни филмот, ако сметав дека е ужасен трејлерот. Многу е лошо кога имаш очекувања за филм/серија а потоа истите се уништени. Така да, ви препорачувам наместо да го гледате трејлерот, да го гледате директно филмот, како мене.
Музиката ми се допадна, потсеќа на некои нумери од постари филмови, посебно постари хорор/трилер филмови, што мене лично многу ми се допадна. Иако некои од нумерите не беа прикадни за одредени сцени, особено пред крајот. Не знам, можеби само јас така мислам, и така се осеќав, можеби нема да делите исто мислење со мене. Може дури и ќе ја мразите музиката. Звукот беше умерено одличен, што до некаде и очекував, сепак е хорор филм, звукот мора да се долови реално, да биде остар, акцент да има на одредени сцени итн. Голем плус за тоа од мене.
Актерската екипа - Сер Џејми Ланистер (или
Nikolaj Coster-Waldau) му е доделено да глуми два лика (ќе видите во филмот
), но не знам зошто, очекував малку повеќе од него во однос на глумата во филмот, малку како да не се потрудил доволно.
Jessica Chastain му ја глуми сопругата, која патем е хардкор сопруга, и многу машки би посакале да имаат таква еден ден
. Детската актерска екипа повеќе ме воодушеви како одглумеа. Се надевам децава што глумеа во филмов дека ќе продолжат да се занимаваат со актерство бидејќи според мене ги бива. Баш ги бива. Неверојатно одигрување на ликовите, движењата, карактер итн.
Филмов мислев дека е некој вид роднина на
Darkness Falls, но набрзо го изгубив тој впечаток бидејќи малку повеќе содржина и емоција содржеше овој филм. Единствено крајот не ми се допадна, ама тоа е на некој начин личен вкус.
Земено се в предвид - би му дал оценка од
6.7/10 (можеби стаклена 7ка преку сила). Што е доста високо според мене, бидејќи повеќето хорори последнава декада добиваат највеќе солидно тројче од мене. Земајќи в предвид декa
Guillermo del Toro е извршен продуцент на филмов, можеби тој е и клучот што го "спасил" проектов од тоа да помине полошо. Се што сум гледал од него до сега или ме воодушевило, или барем поминало со умерено задоволство, како на пример со овој филм.
Ако ви се гледа приказна со хорор елементи (без крвишта, претерано насилство, мачења итн.), топло го препорачувам овој филм. Може да го гледате и во друштво а и сами, не менува многу. Да напомнам дека ова е мое лично мислење и евалуација на филмот, и ако некој има построги критериуми за хорор филмови, или поинаков вкус, и смета дека е полош филмот од што е опишан, јас најискрено се извинувам однапред.
ЕДИТ: Гледам мојата оценка е доста близу со таа на IMDB. Ваљда оценката ми е приближна до просечниот човек кога се работи за филмов.