Broken (2012)
Најчесто кога ќе налетам на некој непознат филм, мојата пракса е дека колку помалку знам за филмот, толку подобро. Во овој случај доволно ми беше оцената на IMDb, Тим Рот, а и тоа што ми се гледаше европска драма. На филмов му пристапив без којзнае какви очекувања, но на крај останав фасциниран.
Дејството на филмот е сместено во едно предградие на Лондон. Преку перспективата на едно 11-годишно девојче по име Сканк, ги гледаме приказните на луѓето од нејзиното опкружување. Обичното секојдневие на Сканк е нарушено кога таа ќе биде сведок на еден немил настан во соседството. Овој инцидент со себе ќе повлече серија од настани кои ќе остават траг на секој жител, а најмногу на Сканк. Таа е на чекор до зрелост и одеднаш ќе биде принудена да се соочи со работи кои ќе ја натераат да порасне побрзо отколку што очекувала.
Ако во денешно време, филмската индустрија ја прикажеме метафорично како пустина најчесто полна со веќе видени работи, тогаш Broken е вистинска оаза. Одамна немав гледано филм полн со ваква живост која не му дозволува на гледачот да остане рамнодушен. Онака, life in your face. Прикажувајќи едно типично секојдневие gone wrong, Broken не се плаши да навлезе во некои проблематични територии, каде до израз доаѓаат добрите и лоши особини на луѓето. Филмот има полни раце работа бидејќи се занимава со неколку приказни истовремено и со уште толку карактери. Режисерот ова го прави на вешт и непосреден начин, балансирајќи совршено со ликовите и настаните, без да дозволи гледачот да го загуби интересот. Раскажувањето на дејството е генијално изведено, честопати давајќи предност на последиците, за потоа да се наврати на причината. Монтажата му дава посебен белег на филмот, со чија помош гледачот не ни приметува како се префрла од една тема во друга, или пак, од една емоција во друга. Broken прилега на зафркната сложувалка. Режисерот ги има деловите и истата успева да ја сложи за деведесетина минути, без да губи време. Океј, доста со метафорите.
Како што вели насловот, филмот се занимава со една средина која е неисправна и потребно е многу малку за таа целосно да се распадне. Иако во Broken има моменти кои ме натераа да се смеам на глас (нешто што ретко ми се случува), сепак, тој е пред се` типична драма, и тоа од оние потресните. И покрај тоа, предноста овде е што наместо драмата да ја турка сосила во фаца на гледачот, Broken полека креира атмосфера каде ја отсликува непредвидливата и нечесна природа на реалниот живот. Токму поради тоа, силната кулминација и заклучокот дека возрасните не се секогаш во право, е совршен крај за ваков прекрасен филм кој се занимава со теми како љубов, фамилија, болка, страв, детство и бунтовништво.
Нормално, драма од ваков тип би изгледала чудно, можеби неприродно, ако не се погодени актерите. Тим Рот совршено се претопува во улогата на воздржан татко, како и Силиан Марфи во улогата на емоционално нестабилниот наставник. Најголем впечаток ми остави малата што ја глуми Сканк на која ова и` е прво актерско искуство и на која и` предвидувам успешна кариера. Понекогаш сметам дека децата се преценети кога ги фалат за нивната глума/ „глума“ (I’m looking at you, little girl from Beasts of the Southern Wild), но тоа во овој случај не е така бидејќи ретко кој млад актер е способен да пренесе ваков голем спектар на емоции.
Како заклучок, Broken е квалитетна драма каква што одамна не бев гледал. Драма, полна со ненаметлива чувствителност, трогателни приказни, но и ведрина. Состојките кои го креираат животот се присутни насекаде околу нас, но за истите да се пренесат на филмското платно треба умешност, нешто што филмов го има во изобилство.
Оцена: 7.5/10