Преземено
Во Македонија е прогласена седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани, па како создавач на едукативен профил, би сакала да апелирам како треба да се однесуваме овие денови, посебно на социјалните мрежи:

Овие денови воздржете се од објавување забавна содржина како собиранка во ресторани или смешни објави.

Дозволена е класична музика за време на вакви денови, но бидејќи настрадаа и музичари со авторска музика, во ред е да се објави таа за нивна почит.

Внимавајте какви вести ширите, моментално јавноста е чувствителна. Проверете дали релевантните медиуми ја имаат потврдено веста и дури тогаш споделете. Во овој настан последниот збор за веста (настрадани и сл.) ја даваат моменталните претставници од Владата чиишто информации ги пренесуваат преку медиумите.

Апсолутно немате обврска да споделувате и внимавајте колку споделувате. Доколку сметате дека за некоја вест е доволно споделено (сместување, барање исчезнати, донирање), не правете дополнителна гужва на социјалните мрежи затоа што веќе има премногу податоци коишто јавноста не може да ги прими.

Во ред е да искажете сочувство на ваш начин и гледајте тоа да биде поконцизно затоа што тагата веќе е преголема за да гледаме уште поголема тага. Да оставиме простор за оние што се директно погодени, а ние да бидеме само наоколу знаејќи дека сме тука да помогнеме.

Не напаѓајте на објави и коментари, воздржете се. Има премногу шпекулации и да не коментираме нешто што не знаеме. Сè уште трагедијата е во рана фаза за да се знае што и како било, ќе излезе сè на виделина, сега најпотребна е човечност и да останеме свесни.

Доколку видите луѓе што се скршени во својата тага, оставете ги, нека оттагуваат, нека викаат, нека им излезе. Протестите на младите поддржете ги, тие се најпогодени, гневни се и бунтовни, но насочете ги на правилно протестирање. Доволно е да ставите лајк, краток коментар за поддршка, споделување без продлабочување.
Скршени сме сите од болка и сметам дека ова е најмалку што можам да апелирам. Никого не сакам да напаѓам, но и сакам да поддржам во тага и болка.
Да бидеме разумни за да не потонеме во колективна тага. Во овој момент медиумската писменост е многу важна.
Сочувство.