„Металика“ повторно заедно со бившиот басист
Популарниот хевиметал-состав „Металика“ на 4 април ќе стане дел од Халата на славните на рокенролот, а на инаугурацијата повторно ќе настапи со бившиот басист Џејсон Њустед. Гитаристот Кирк Хамет за емисијата „Пулс оф рејдио“ ја откри оваа вест и додаде дека причината за одлуката е случајот со поп-групата „Блонди“. Музичарот алудира на церемонијата во 2006 година, кога Френк Инфанте и Најџел Харисон, поранешни членови на „Блонди“, се судрија со сегашната постава на бендот, барајќи да настапат заедно. Пејачката Деби Хари ги одби.
- Не сакаме да повториме таков непријатен момент. Тоа внесува лоша, навистина горчлива нота во самата прослава. Тогаш имаше „политика и драма“, па колективно се согласивме дека не сакаме да ја имаме на нашето инаугурирање. Џејсон Њустед ќе присуствува и во еден сегмент ќе свири со нас - потврди Хамет.
Њустед и' се придружи на „Металика“ по трагичната и прерана смрт на басистот Клиф Бартон во 1986 година. Беше дел од бендот 14 години, а го напушти поради расправии поради работа на други музички проекти. Од приватни и лични причини, но и поради физичката штета што си ја нанесов низ годините додека ја свирев музиката што ја сакам, морам да се тргнам настрана од бендот - истакна тогаш Њустед.
Сегашен басист на „Металика“ е Роб Трухилјо. Друг интересен детаљ за составот откри тапанарот Ларс Улрих. Имајќи предвид дека на бендот му заврши договорот со „Ворнер“, тој рече дека членовите размислуваат следните албуми да ги објавуваат самостојно. Од таа причина Улрих ќе се сретне со Трент Резнор од „Најн инч неилс“, бендот што последните две студиски изданија бесплатно ги публикува во висок аудиоквалитет на интернет.
извор:дневник
Фуртадо основа продукција
Португалската пејачка Нели Фуртадо ја лансира издавачка куќа „Нелстар“, која ќе ги промовира младите бендови од Канада. Иако не е првата поп-ѕвезда што основа своја издавачка куќа, Нели Фуртадо е првата што отвори независна музичка куќа. Таа ќе ја лансира фирмата „Нелстар“ во соработка со канадскиот независен издавач „Ласт ганг“. Први што потпишаа договор со „Нелстар“ се електроденсерите од групата „Фриц Хедлер енд Фантомс“ од Торонто. Нивниот деби-албум ќе излезе во јули. Нели не беше заинтересирана да постапи како Тимберленд со „Уан Репаблик“. Таа има независен дух и сака да се осигура дека ние ќе го изградиме бендот со вистинското темпо. Исто така е многу важно да лансираме куќа со независна марка зад него и да можеме да го изградиме полека - изјави Крис Тејлор, претседател на „Ласт генг“ и адвокат на Фуртадо.Тејлор истакнува дека Нели е блиска со бендот, а двајца од членовите се нејзини придружни танчари. Нели пак изјави дека никогаш немала намера да го претстави „Нелстар“ преку нејзината куќа „Интерскоп“.
- Среќна сум таму, а би било одлично ако „Фриц“ потпишат за нив во иднина, но исто така сметам дека е најдобро да основам независна куќа. Кога си нов артист и кога ќе потпишеш за голема куќа, веднаш те фрлаат во огнот. Плус, отсекогаш сакав да бидам независен артист. Кога бев тинејџерка ја обожавав Ани ди Франко и се надевав дека ќе бидам како неа. Голема музичка куќа излезе дека е мојата судбина, но уживам кога се поврзувам повторно со независниот свет - изјави Нели.Овој модел можеби потсетува на тој што се користи во хип-хопот, каде што еден рапер го зема својот штитеник, го става како гостин во своите спотови, промотивни настапи. Тејлор вели дека има неколку разлики и дека Нели не влијае на содржината на албумот.
Таа не фигурира само со својот потпис, но не сака премногу да влијае на нивната работа. Овој договор е уникатен по тоа што „Фриз Хедлер и Фантомс“ ќе остане со својот издавач „Хаус оф Хедлер“, но ќе работи и со „Нелстар“. Ние се' уште ја имаме марката и ги контролираме креативните аспекти. Нели има улога на ментор, „Ласт ганг“ ќе ја координира дистрибуцијата, а ние се' уште ќе правиме видеоспотови - изјави Хедлер.Тој и Фуртадо го опишуваат договорот како долгорочно партнерство, иако е потпишан на три до пет години. Нели додава дека бара други бендови со кои би потпишала договор.
извор:дневник