Објавено на
28 Март 2013 - 12:55
Вака, како што стојат работите, оваа наша институција уште долго ќе си остане ’поголема селска томбола’, како што ја нарече англискиот принцот Чарлс кога ја посети во минатото.
Неколку фактори влијаат врз неразвиеноста на пазарот на капитал во Македонија, кој тоа е само по името и по ништо друго.
Прво, тука е регулаторот, кој никако да си ја сфати улогата како што навистина треба и како што е во домаќински земји. Комисијата за хартии од вредност (која, патем, се финансира од две места – од буџетот и од учесниците на пазарот – по 0,4% месечно, и тоа не од остварениот промет, туку од
капитализацијата на друштвата со чии хартии се тргува!?!), уште од своето формирање, е сконцентрирана на казнување и дисциплинирање на брокерските друштва, берзата и централниот депозитар. За жал, не и на поединците кои го изигруваат законот без ’око да им трепне’ или затоа ’што им се може’. Не постои брокерска куќа (па и брокер-поединец) која не била казнета барем еднаш – некои привремено, некои дури и трајно, некои по неколку пати, а некако е тешко да се поверува дека сите, ама баш сите ги изигруваат правилата и заслужуваат санкции. А секоја казна повлекува и неработење и, се разбира, значителни загуби (не само на приходи, туку и на клиенти, поради негативната перцепција што се создава со такви мерки). Во други, поразумни средини, телото кое е задолжено за надзор над пазарот на капитал, предупредува, води, едуцира, помага, насочува и се грижи пазарот да се развие, во најмала мера исто колку и тие од коишто живее – посредниците и институциите што го овозможуваат тргувањето. Се разбира, и таму казнуваат, но само како последна мерка, а не како начело на работење.
Второ, самата Берза: не можам да се сетам кога таа, како институција
во сопственост на брокерските куќи и секторите за хартии од вредност на банките, застанала во одбрана на своите газди. А и таа наплатува од секоја (и куповна и продажна и т.н. блок) трансакција на посредниците. Овие, пак, неразбрано и типично балкански, единствениот излез го гледаат во бескрајно спуштање на цените на своите услуги, божем така ќе (о)станат конкурентни.
Освен тоа, Берзата досега имаше најмалку две сериозни понуди да се продаде на поразвиена берза – еднаш, уште таму, околу 2000-та (ми се чини), кога Атинската берза нудеше да откупи најмалку 10% од акциите издадени од Македонската берза. И тоа, по добра цена, по цена што самата наша берза ја имаше пресметано. Вториот пат беше понеодамна, кога се проширија гласини дека една од берзите во САД сака да ја купи нашата. Да се случеше која и да е од тие две нешта, сега нашите акционери во, да речеме, Алкалоид, Макпетрол, (бивша) Железара..., ќе можеа да си ги нудат своите (па и да купат) акции во Атина или на Вол Стрит, каде што и бројот и видот на купувачи и продавачи е неспоредливо поголем и пософистициран од оние кои ’играат’ кај нас и каде што врз цените влијаат вистински информации, па се следствено далеку пореални. И веројатно немаше да се случи еуфоријата во 2007-та година. Барем не со таква идиотска димензија.
Трето, самата брокерска заедница е неорганизирана, нездружена (и после толку години присуство на пазарот) и несвесна дека интересите на една се интереси на сите брокерски куќи. Имено, и покрај тоа што во рамките на Стопанската комора постои групација на членки на Македонската берза, таа ниту ја консултираат пред носење закони што ја тангираат индустријата, ниту таа самата застанува во одбрана на сопствените членки од налетите на Комисијата за хартии од вредност или од лошонамерни клиенти. А, не дај боже заедницата и да помисли дека токму таа треба да биде најнеуморниот борец за привлекување странски инвестиции! Ако донесат ’промотерите’, донесат, ако не – живи и здрави. Ваквиот став е и една од причините што од некогашните речиси 30 брокерски куќи, сега функционираат само 12-ина, а во блиска иднина ќе ги има и помалку.
Единствениот учесник на пазарот на капитал кој воспостави релативно добри односи со брокерските посредници беше Централниот депозитар за хартии од вредност. Неговите провизии отсекогаш беа најниски, а подготвеноста за соработка и заедничко решавање на проблемите највисоки во однос на сите други што грабаат од приходите на брокерите. Меѓутоа, со последните измени во раководните структури на депозитарот, се чини дека и тоа ќе се смени: на местото на досегашниот извршен директор, кој го основаше и солидно го разви депозитарот, назначија лице кое доаѓа на тоа место од Македонската берза. Мене ми се чини дека целта е овие две институции да се спојат во една, а причината би била, главно, покривање на лошите финансиски резултати на берзата со одличните на депозитарот.
Понатаму, фактот што лиценцираните инвестициски советници зеле лиценца само колку да го заобиколат ограничувањето во поглед на можните полиња на работа, е причината зад тоа што неискусните и неуките клиенти (и продавачи и купувачи) во просек се во минус на годишно ниво од аспект на работењето со хартиите од вредност. Некои од купувачите, кои слушаа совети од секакви ’советници’ во 2007-та, никогаш нема да можат да излезат од дебелото ’црвено’ во кое безумно се втурнаа. И, речиси сите веруваат дека тргувањето на Македонската берза не зависи од перформансите на друштвата со чии хартии се тргува, туку исклучиво од политичките настани во и околу Македонија. Анализа на финансиските показатели? Долгорочни стратегии? Диверзификација на портфолиото? Тоа, во очите на овие самоуверени играчи на берзата кај нас, се глупости што не се поврзани со движењето на цените.
Истото ова се однесува и на инвестициските фондови, кои, за разлика од фондовите во други земји, одвај успеваат да го одржат капиталот што им е доверен од нивните членови (повторно главно македонски инвеститори). Да не зборувам и за небулозата на владата која ги принудува пензиските фондови да продаваат обврзници издадени од државата во момент во кој фондовите знаат дека тоа е спротивно на секоја инвестициска логика. Се чини дека овој потег на владата навестува дека следното нешто е формирање ново, државен (или поврзан со државата на некој начин) пензиски фонд. Се разбира, откако пред тоа ќе ја дотепа сегашната конкуренција со насилно наметнати потези или (ако, не дај боже, се осмелат да не постапат спротивно на налозите на власта) казни, пенали, санкции...
Барем еднаш, само едно акционерско друштво да издадеше нова емисија на хартии од вредност на Македонската берза, таа и ќе можеше некако да се нарекува пазар на капитал. А тоа, пред се и во најголема мера, зависи од условите што ги нуди самата берза. И од нејзините искрени намери после цели две децении работење навистина да стане место на кое друштвата ќе може да приберат евтин капитал само заради тоа што се успешни.
Вака, како што стојат работите, Македонската берза уште долго ќе си остане ’поголема селска томбола’, како што ја нарече англискиот Принц Чарлс кога ја посети во минатото. И тоа, томбола во која дури и бројките може да се ’поднаместат’ да им паѓаат најчесто на одредена привилегирана група.
Захари Арсенков