Атва ресторан, хотелски комплекс, Кичево
...секогаш кога нешто сакам да кажам или напишам, давам малку увод, па немојте да ми замерите ако сум малку опширна додека дојдам до главното, секогаш кога одам некаде прашувам каде, што, колку, па дури ако има можност се запознавам и со сопственикот на локалот давајќи ги моите оценки за престојот било позитивни било некоја замерка за подобрување,
... кога ќе возите накај Охрид или пак кога ќе се враќате од Охрид, таму некаде на пола пат, нели, секогаш цревата почнуваат во една жална симфонија да пречат во визуелното уживање на околината на нашата мила и напатена државичка Македонија, со еден збор треба да се застане и да се наполни и автомобилот со бензин, а и стомакот со нешто мераклиско и кога ќе се погледне лево и десно за нешто примамливо човек да седне и да касне нешто некако таму на средина од патот од Охрид, освен градба на новиот автопат, ништо примамливо,
... но, ако подобро погледнете токму под овој висок носечки столб, малку повнатре од автопатот каде возите, се наоѓа еден поголем објект, поточно хотелски комплекс, свечана сала и ресторан или да бидам поточна сместен 5 км до Кичево, лево, на регионалниот пат Е-65 (Кичево/Охрид) во областа наречена с.Долно Добреноец.
... хотелскиот комлекс Аtva Residence Hotel , изграден во 2019 год, располага со 17 соби мислам беа по 20 Е со buffet доручек и 2 апартмана 33 Е ,целосно опремени со џиџимиџи технологија,
...до хотелскиот комплекс има еден бел шатор што всушност е модерно уредена сала за свадбени, прослави со површина од 900м2 за едно 500 гости со украсен базен, дополнителни ефектни куќарки за коктел прием и фотосесија во украсниот дел за склучување на брак,
... самиот комплекс има паркинг за едно 200 автомобил, детско катче за играње ,,Atva land”, дрвено мосте, украсни грмушки, многу цвеќиња и порибено вештачко езерце каде големи украсни риби пливаат,
... кога ќе се помине сето ова со неколку фотографии, оти навистина има прекрасна позадина од зеленило и цвеќиња на мостето за убави и ефектни селфија го поминувате базенчето- рибник за „тазе“ фатени риби на скара и се доаѓа до споредниот дел каде се наоѓа ресторанот ,,Atva Kitchen & Bar”со ала-карт концепт услуга за едно 200 души седечки места во внатрешниот дел со удобен намештај и топол интеритер и едно 150 души седечки места во надворешен дел нешто како тераса и тоа покрај река,
...што да кажам, лепота од природа на мал простор, тоа жубори реката со пријатно ветре и опоен мирис од околното зеленило од едната страна, а од другата страна мирисот на приготвената скара која доаѓа на мојата маса да биде изедена њаааааами, мљааааац!
... прво си реков да внесам некој витамин и минерал пред јадењето, па си ја одбрав шопската која имаше необично изрендано сирење, ама какво сирење да се топи во уста, келнерот не знаеше за потеклото на сирењето, така да не можев да разврзам маубет!
...и секогаш сум таква, едно нарачувам, а друго гледам, па не можам да се одлучам, ама брзо го решавам проблемот со тоа што нарачаната скара ќе ја јадам моментално, а пицата спакувана за дома, нели, колку сме едноставни ние жените,
... желба ми беше нешто како плескавица ама нешто необично спремено и веднаш ми понудија специјалитет кога ме видоа ваква со желби за скара, едниот „Атва гнездо“ со 300 г месо и кашакавал одозгора и „Атва панцерота“ со 600 г месо, човече, тоа му доаѓа како фамилијарен сендвич и пак ме заболе глава кое да го одберам, добро бе не можете едно да понудите? а? зошто давате можност за избирање (истото го нема на менито го прават вака по желба во моментот), ама се снаоѓам лесно....ајде од двете донесете, па пола од едното, малку од другото да се проба, а ручек два дена нема да правам кога ќе го спакувам останатото за дома со се пицата...па па па, јадење,
... впечаток? пааа све супер, свежо, таман испечено, таман зачини, единствено замерка имам што немаат класичен помфрит, туку така компири печени големи парчиња, првото беше порција 180 ден, второто 250 ден порција,
... на крај на јадењето мора да се круниса со благо, па бев расположена за некоја потпечена палачинка со шлаг и шумско овошје, инаку има би рекла едно десет врсти различни палачинки со различни додатоци, ама се воздржав, не зедов од сите да пробам веќе бев прејадена, а очите не се гладни!
до следна моја посета, се надевам дека ќе го задржат квалитетот, а и малку треба да поработат на келнерите, морат да знаат податоци околу јадењето, а не само „не знам“, „можеби“ , од каде е сирењето, месото, што како се приготвува...барем така сум учена кога седам на маса сакам да знам што јадам,
Атва Мени
еве поново мени за тие што можеби викендов ќе идат накај Охрид, нема да погрешат ако застанат да се одморат едно пола час, па и да каснат !
оценка? 9 /10!