ЖИТЕЛИТЕ ОД СКОПСКОТО СЕЛО ОГЊАНЦИ ТВРДАТ
Чудни сили ги тресат црковните темели
За ова чудо се заинтересирал и архиепископот г.г. Стефан, кој го посетил местото и заминал без одговор
Чудо од Господа, велат мештаните од скопското село Огњанци за трите цевки што вибрираат од необјасниви причини веќе две години откако се поставени во темелите на новата црква во селото. За чудото се заинтересирал и архиепископот г.г. Стефан, кој го посетил местото и заминал без одговор, тврдат жителите на Огњанци.
Петковски: Цевките се тресат кога ќе се спомне името на светецот Илија
Цевките се високи околу три метри, зацементирани се во темелите, а за да бидат стабилни, мештаните ги завариле за арматурата од темелите.
Селаните велат дека е исклучена можноста цевките да вибрираат од силни ветрови, зашто се тресат само три цевки од вкупно десетина и тоа само кога до нив ќе дојдат луѓе, кога се споменува името на светецот Илија или на локалната гатачка Рабија. Велат дека синот на гатачката прв забележал оти цевките се тресат.
- Се почна во педесеттите години, кога нашата соселанка Ника Василевска прва ги почувствува силите на ова место. Поминувајќи покрај тоа место, подзапрела на кратко, а кога си дошла дома и се снемогло. Вечерта сонувала како некој и вели да изгради црква на селската утрина, близу гробиштата и црквата "Св. Илија". Јас и еден соселанац, решивме да и помогнеме и со гранки го оградивме местото. Не пријавија во полиција и едвај извлековме жива глава. На Ника повторно и се снеможуваше и постојано порачуваше: "Ако не ми помогнете и не подигнете некој објект ќе умрам". Така и бидна, почина на денот Свети Илија. Нејзиниот сопруг се прежени, но и на втората жена и се сони истото место - раскажува Митре Петковски од Огњанци.
Селаните раскажуваат и за извесен Илија од скопската населба Маџари, кој годинава на 2 Август, празникот Илинден, сонил дека треба да дојде во Огњанци и да го преземе правењето на колачот што се прави за празникот Преображение.
Петковски се сеќава дека порано на тоа место се правеле тули, а туларите тврделе дека кога ја копале глината наоѓале черепи и скелети. Постарите жители на селото раскажувале дека на тоа место имало турски гробишта и оти се случувале и други чуда.
- Во педесеттите години на тоа место поставивме камен крст, а комунистите од селото го фрлија во река. Едно момче го запали брестот под кој стоеше светиот камен крст и по извесно време се самоуби. Не знам која сила го прави тоа. Факт е дека сите што ќе го поганат местото ги чека некаква казна - вели тој.
Во селото велат дека и христијани и муслимани, и верници и неверници палат свеќи на ова чудно место. Сите веруваат во постоењето на чудните сили што ги тресат цевките.
Стојан Велковски, пак, магистер по еколошки науки, вели дека прво МПЦ треба да даде објаснување за "видот" на силите, па потоа ќе се даде и научно мислење.
http://star.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=1958&stID=7843