Подземните тунели кријат златно минато
Кратово има недобројни легенди, приказни колку ти душа сака и колку што имаш време на располагање. Во средновековните кули, пак, владее мистерија, сѐ почнува со „се претпоставува“, „меѓу народот кружи муабет“, „старите велат“... Една од претпоставките е дека целиот град лежи на тунели, кои ги поврзувале 12-те кули, некогашни упоришта на закупниците на рудниците. Освен што преку нив можело да се стигне од една кула во друга, во случај на опасност, еден излез водел и до Кратовска Река. Но сето тоа денес е закопано во историјата
СРЕДНОВЕКОВНИТЕ КУЛИ ВО КРАТОВО
#РаскажиНиЗаМакедонија
Почнувајќи со реновирање, пред извесно време, сопственикот на еден кратовски ресторан допрел до подземните тунели за кои се претпоставува дека ги поврзуваат средновековните кули во овој град. Ова не е легенда, туку жива вистина.
На почетокот од тунелот има бунар и, кога ќе го прескокнете, низ мрачен, тесен, влажен подземен ходник, со поднаведната глава, се влегува во поголема одаја. Батериска ламба е неопходна, инаку нема да стигнете никаде.
Кратовските тунели датираат од 13 век. Во нивната околина речиси секој сопственик, штом ќе копнеел да стави темели за куќата, наидувал на вакви подземни ходници, но од незнаење или од немарност, ги полнеле со бетон, камен и ги закопувале.
- Во 1956 година стариот мој почна да ја гради куќата и, кога сакаше да стави темели, наиде на тунел. Во тоа време немаше цемент, па ставија 20 кубика камења и го закопаа отворот - вели стар жител на Кратово.
Ја закопале историјата, а сега дошло време да се копа по неа и да се тегнат конци за да се утврди претпоставката дали средновековните кули се поврзани меѓусебно, најверојатно за подобро да се заштитат некогашните жители и незабележено да пребегаат од едно место на друго.
Факти Претпоставки
- Реставрирани се Симиќeвата кула и Саат-кулата
- Златковата кула се реставрира во моментов
- Хаџикостовата кула е следна за обнова
- Како часовникот во Саат-кулата има уште два - во Дубровник и во Виена
- По Турчинот Данке, никој не знае да го навие часовникот - Цело Кратово лежи на тунели
- Тунелите се меѓусебно поврзани
- Тунелите водат до другите кули или до реката
- Во тунелите има скриено злато
МУЗЕЈ БЕЗ ЅИДОВИ
Драган Георгиевски, директор на музејот во Кратово, вели дека се претпоставува оти излезот од овие тунели водел во реката.
- Во случај на опасност, тие имале две опции - да излезат во друга кула или во реката. При изградбата на куќите, многу од тунелите се уништени и закопани. Сега Управата за заштита на културното наследство има проект да се истражат подземните ходници во Кратово. Ќе се прави сондажа да се утврди дали тунелите ги поврзувале кулите - вели Георгиевски.
Љубопитноста деновиве кани многу гости во ресторанот „Александрија“, во кој во моментов се наоѓа единствениот влез кон тунелите. Ова е само мал дел од сложувалката за историјата на Кратово. Речиси целиот град е како музеј без ѕидови, а многу тајни сѐ уште се скриени под земјата. Над неа, пак, стари градби, автентични куќи, камени мостови. Каменот наѕира од секој објект на чаршијата.
Сепак, средновековните кули се посебна глетка. Високи тесни градби, со ниски врати, со резбан камен го чуваат споменот за едно далечно време. Миризбата, темните одаи, камениот под, мрачните и стрмни скали сведочат за животот на закупниците на рудниците на злато во Кратово. Недобројни легенди, приказни колку ти душа сака и колку што имаш време на располагање. Во овие кули владее мистерија и сѐ почнува со „се претпоставува“, „меѓу народот кружи муабет“, „старите велат“.
ЗАКУПЦИТЕ НА РУДА СЕ КРИЕЛЕ ВО КУЛИТЕ
Со години, децении и векови кулите се препуштени сами на себе, на милост и немилост, но иако нагризани од забот на времето, сѐ уште не се предаваат и гордо исправени ја шират аурата дека и по смртта постои живот. Во последниве години кратовци почнаа да копаат по своето богатство, да ја тргаат правта од овие културни споменици, да буричкаат во златното минато. Така нов живот доби Симиќевата кула, која е обновена од петици до глава, и почна да привлекува гости. Саат-кулата, по која некогаш сите го сметале времето, исто така, е целосно реконструирана. Трите ката зборуваат за тоа како било. Часовникот се наоѓа внатре во неа и, бидејќи е во центарот на Ајдучка чаршија, кога ќе отчукал, сите знаеле колку е часот.
- Три ковачки часовници направил мајсторот, за Дубровник, Виена и за Кратово. И го научил Турчинот Данке да го навива секој ден. Но по него, никој не умеел со овој часовник, така што за него времето застанало - вели кратовецот Стевче Доневски.
Во кулите некогаш живееле закупниците на рудниците. Тука го чувале златото и се криеле од непријателите. Затоа овие градби имаат речиси непробивен одбранбен систем. Во околината во Кратово имало неколку рудници, а во градот имало и топилница. Златото се ковало во градот, така што во подовите во одаите на кулите се наоѓало и ден-денес може да се најдат златни алтани.
- Кулите се градени во 13 и во 14 век, не може со сигурност да се каже. Златкова кула е најстара од сите кули. Обично се со три ката и приземје. Градени се по ист терк. Имале силен одбранбен систем. Вратите ги потпирале со сурме, односно со сигурносна греда правена од кувано дрво што не дозволува никој да влезе. Претежно живееле на горните катови, а на приземјето ја чувале рудата. Архитектонски се мајсторски изведени, со полни ѕидови од полуклепан камен и малтер. Сите прозорци имаат железни решетки - вели Драган.
НАСТРАДАЛЕ ВО КАРПОШОВОТО ВОСТАНИЕ
Во моментов во тек е реставрацијата на Златкова кула.
- Алал ви вера. Одлично ви оди - им вели Драган на работниците.
Тие чепкаат по ѕидините, се обидуваат да ја задржат автентичноста. Американската амбасада има обезбедено буџет и до крајот на годината обновата треба да биде готова. Главната задача на археолозите и на работниците во моментов е да откријат дали има тунели во подземјето.
- Во Златкова кула се влегувало со скелиња. За заштита на кулите биле изградени и посебни набљудувачници со мали отвори, познати се како чуварници. Ѕиркаш од малечко прозорче и има простор само за едно око или за цевката од пушката - раскажува еден од мајсторите.
Ги оставаме да работат и продолжуваме кон Симиќева кула, која е прва на влезот од градот. Наречена е по Стеван Симиќ, кој пред Првата светска војна бил сојузен пратеник од Белград и ги застапувал идеите на кралот. Овде имал канцеларија.
Од другата страна на реката се зачувани уште три кули. Преостанатите шест се срамнети со земја, на нивно место се ставени темели на нови домови. Среска кула едвај го преживеала Карпошовото востание, а веднаш до неа се Хаџикостова и Крстева, сместени во Скопска маала или на Скопска улица.
- Сите сокачиња водат во центарот. Само појди надолу. А во кулите сум израснал, си игравме во нив. Кружат муабети, во нив се наоѓало злато и дека и ден-денес постои веројатност да се најде - вели бато Коле.
Овие кули се ремек-дело на архитектурата. Кратовци се гордеат со нив, иако, интересно, голем дел од нив немаат ни влезено внатре.
- Кралот Костадин Дејановиќ со својата ќерка Сара почнал да ги гради, во неколку етапи. Шест години е ѕидана една кула, со 60 мајстори. Мајсторите морало да имаат вино и ракија - раскажува кратовецот Стевче Доневски.
Од некогашните 12 кули, пет се зачувани, а најмногу од нив настрадале за време на Карпошовото востание. Тие за научниците уште се енигма. Нагаѓаат кој бил градителот, архитектот, од каде бил набавуван каменот. Сѐ се тоа претпоставки за кои нема сигурни информации ни пишани документи. Но се знае дека рудари доаѓале од сите страни и мошне е веројатно дека биле добро плаќани. Сега, пак, со обновата на кулите, Кратово полека се претставува на туристичката мапа наменета за сите оние што се привлечени од мирисот на историјата. Воодушевувањето е гарантирано.
Пристапност
- Сите зачувани кули се наоѓаат во центарот на Кратово и се лесно пристапни
- Единствениот влез во тунелот засега е преку ресторанот „Александрија“
- За да влезете во тунелот, неопходно е да носите батериска ламба
На два квадратни километри 18 моста
Кратово е најстар град на Балканот. Освен старовековните кули, вистински историски споменик се и 18-те моста збиени само на два квадратни километри. Меѓу најпознатите се Радин мост, Гровчански мост, Радев мост, Чаршиски мост, Јокшински мост, Свински мост и Сарајски мост, подигнати во седумнаесеттиот век. Во тој период градот бил еден од главните рударски центри на Балканот. Низ градот поминуваат неколку реки, Манцева, Бабакарина и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Низ градот има 32 чешми, кои некогаш биле единствен извор на вода. Исто така, најстарите два бора во Македонија се засадени на влезот во Кратово, во 14 век.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92215854161&id=49&prilog=0&setIzdanie=23571