Се вратив и јас, па да споделам искуство. Ако сте тип на човек што одите за журки, моето мислење нема да ви е многу од корист, но ако одите да прошетате и да ги видите убавите плажи, може ќе ви се најде, па да споделам што како сум посетил.
Cameo Island
Се плаќа 5 евра влез, во кој имаш бесплатна пијачка (пиво, сок, газиран сок) и седиш колку сакаш. Плажата е премала, но има бар и има сенки од барот. Сега кога е сезона, ви препорачувам да одите од порано, бидејќи шанкерот ни кажа дека многу често се прават свадби и порано се затвара плажата (17:30 затвараат). Ние дојдовме кај 15:45, вредеше да се поседи уште.
Turtle Island & Turtle Spotting
За ова чудо најдовме тура 10 евра, има секакви тури, но ние ја избравме турата во која те носат на островот на желките колку време сакаш (ти им кажуваш колку) и те носат со бродчето на 5 минути негде во морето (блиску до Cameo Island не однесоа нас) да ја видиме фамозната желка. На островот желки не видовме, туку само по пат таа едната. Преубава е плажата и бојата, се наоѓа сенки од карпите, но зависи кое време од денот се оди. Ние одбравме 2 часа да одиме и многу се зезнавме, мислевме што ќе правиме и 2 часа многу ќе е, но времето одма летна и криво ни беше. Одберете 3-4 часа, кога веќе можете колку сакате да бирате, нема да зажалите. Од другите тури поврзани со островот на желките сретнавме: 10 евра само пола саат да застане на островот ама во подморница брод, 15 евра да те однесе 1 саат на островот + Кери кејвс пола саат или така нешто.
Navagio + Blue Caves
Тешко дека се наоѓа тура за бродов под 18 евра. Ние најдовме тура за 18 евра да се посети сулфурната плажа, Навагио и сините пештери, но не ја земавме и наредниот пат кога отидовме за истата цена од 18 евра ги добивавме само Навагио и Блу Кејвс, но не и сулфурната плажа. Има тури и од 20,22,25 евра, од нашата и не сум нешто многу задоволен. Траеше 4 часа се вкупно, требаше да тргнеме во 8, но тргнавме во 9ипол, не знам зошто. На Навагио плажата е премногу натрупано со бродови немаш каде да пливаш, другото се беше убаво, 1 час застанавме таму. Водата е многу поладна од другите плажи, тиркизна преубава боја, одма се преоѓа во длабокото. На бродот ве советувам да не се пентарите, рѓосан е и се распаѓа, може да се повредите. На Blue Caves типот не ни застана, ги поминавме и само ни даде 10 минути да пропливаме откако ги поминавме, жива превара. Можеби можеше подобра зделка, ама што е тука е. А и да ќе заборавев, ни следуваше и бесплатно возење со банана на Сент Николас плажата.
St Nicholas Beach + Banana Beach
Значи луѓе немојте да сте се зезнеле да плаќате пари ако некоја од нашите агенции нуди понуда некоја 10 евра и посета на Сент Николас или Банана Бич. Автобусчињата за ова се бесплатни, тргаат во 10 сабјале и ве враќаат во 5 поручек, се што треба да покажете на враќање е дека сте зеле лежалка, лежалката 4 евра ве фаќа и тоа е целиот трошок, можеби имаше и за поефтино лежалки. Сент Николас е многу блиску со Банана Бич, 20 минути пешки по автопатот ако се качиш, со едно одење двете ги посетивме и да ви кажам Банана е многу многу подобра, поубава боја е водата, има поинтересни бранови, поубава е атмосферата, подолга е плажата, има камчиња специфични во различни бои, но далеу дека и Сент Николас е лоша, и таа е исто доста убава, водата топ е и таму, но е доста помала плажа. Имате водени спортови, најефтино ви е тоа банана (нас што ни следуваше гратис поради Навагио турата), седнувате во едно во форма на банана ко душек или не знам што, и глисер ве носи 5 минути низ вода. Да го земеш не вреди, ама ако е гага, интересно е да се возиш.
Agios Sostis + Porto Koukla + Kalamaki
Овие се 3 плажи кои можете да ги прошетате ако одите пешки по обалата на Лаганас. Првите 2 ако одите накај Камео на десната страна, а Каламаки на левата. Плажите се можеби и полоши од Лаганас, ама вреди да се видат, помалку луѓе има отколку на Лаганас другото се е исто.
Laganas
Тука бевме сместени секако, плажата е километарска, од едниот до другиот крај можеби се оди 40 минути до 1 саат. Онака ништо посебно не е водата, не е лоша, сите овие плажи нагоре се подобри од Лаганас. Има доста луѓе што не мрднаа од таму, само на таа плажа седеа, ако сте љубители на убави плажи не ви препорачувам сите денови тука да дремете. Имате тури со брод, можете да изнајмите кола/моторче прошетајте ги другите плажи или барем дел од нив. Дискотеки има премногу, таму во делот кај Мекдоналдс и дискотеките ако поминете навечер ќе ви смрди на повраќаници и ќе гледате англичани како лежат како лештови и ги собира амбуланта или пак како се движат како болни мајмуни, глетки кои не се препорачливи да се гледаат, но се секојдневие во ноќниот живот на Лаганас.
Нешто од цени (во Лаганас)
гиро - 2 евра
води 6х1.5 - 1.5 евра
сардина - 1.2 евра нагоре
туна - 2 евра нагоре
кока кола лименки - 0.8/0.9
банани/јаболки/праски кг - 2 евра нагоре
патлиџани - 1.4 евра кг
Се на се, супер остров, вреди да се прошета, изобилува со прекрасни плажи. И тоа како ќе ви фали морето и плажите кога ќе си заминете од него.