Драга,
Во недела е легитимно правото да се биде смотан и глупавичок. Да се читаат секакви жолти списанија, да се пие кафе лезетски, а воедно и да се забаталат сите умни книги што собираат прав и сништа под креветот. Денес ништо не решавам. Ме мрзи и ме фаќа блага радост дека имам кому да му бакнам нос. Ќе правам мрзлива пита и ќе слушам валцери. На Andre Rieu сите од Абба.
Недела е за компир манџа, палачинки, џем од кајсија, греана ракија, собирање корките од мандарини од радијатори и ќебе на глава.
За филм кој бара паломи и боза.
За надеж, која ја губиме. За поштенските сандачиња, оние старите на ПТТ. За честитки со светкавци и дрвени лампиони премачкани со кармин црвена боја.
Недела, за да одмориме од себеси.
М.