Драга,
Се сеќавам на големите розеви легени со рачки во основно, накрцани со ужинки. Ужас ужинки - мрсни крофни со грам вештачко чоколадо внатре, масни банички со лажна урда, млечни кифли и под нив кутија со чоколадно млеко со сомнително потекло. Ми текнува на ѕвончето и одекот „Ајде дежурните по ужинка“, гладот што се претвора во брзо насладување и незнаењето дека таа ужинка некои деца не ја плаќаа, оти нивните родители беа премногу сиромашни дури и за тоа невкусно, тукуречи безобразно лошо јадење...
Гледам ДИК дека си „јаде леб' од народните трпези без да им трепне. Каков народ живее овде, косата трипати да ти испопаѓа. Не сум најсигурна зошто е тоа така, веројатно не можам да се идентификувам или едноставно гледам да го живеам животов, да направам колку можам и да си го барам чарето во работие во кои верувам.
Да земеш нешто од некој што нема, е духовна сиромаштија, расцеп, дно со уште едно дно, порекнување на homosapiens-от како мисловно битие што треба да размислува за напредок, солидарност, подобра иднина.
Тие пари што ги украдоа, да се дадат за едно општонародно хранење, ќе излезат еден тон гладни и бедни луѓе кои се дел од нашата култура, живот, но ние „не ги гледаме, што знам јас, од кај да знам, нисам одавде“.
Гладот не е само за леб, за правда е.
М.