Порано, Велес имаше своја автентична култура. Самоникната, самоодржлива и независна. Некои постари ми кажуваа дека ја имало и во "комунизам", не правеле проблем КПМ на такви ендемски субкултури, ама не сум живеел тогаш и можам само да им верувам или да не им верувам. Тоа што знам, е дека во 90ти, се до негде 2008ма имаше десетина квалитетни, а триесетина активни бендови; три, повремено знаеја да бидат и четири големи културно-уметнички друштва, редовни концерти и претстави и ентузијазам кај млади за да учествуваат во негување на таа култура.
Чисто за споредба, памтам настан негде околу 2003/04та, кога се направи иницијатива за свирка во отворениот амфитеатар на повеќе бендови. Пари се собраа во еден ден, дозвола се доби од општина за два дена. Немаа тогаш директори никаков проблем да шитнат по некоја пара за да се отпечатат флаери и да се украси сцена. Немаа тогаш проблем градоначалници да отстапат простор за вакви работи. Партии не се мешаа затоа шо знаеја дека не им е местото таму. Затоа што ниту има причина, ниту има логика да забрани некој бесплатна свирка на локални дечки, за атер на млада публика, а за промоција на нивен албум.
На тие настани немаше комуњари и вмровци. Немаше бранковисти и љубчовисти. Не постоеше ни интелектуално, ни социјално информбиро.
Е сега, 2014та. Си викаме група луѓе дека не чини вака шо е замрена сцената, редно е да се ревитализира, па макар и да се присоберат веќе отселени по Скопје луѓе за да се направи барем една свирка годишно, колку да не останеме без ич. Им се јавуваме на тие луѓе, они викаат супер, ќе дојдеме. Се оди кај директори, од кои меѓу петмина, тројца што не те знаат, ти викаат "вие дечки од УМС ли сте?" Им викаш не сме од УМС. После ги гледаш како мењаат бои и почнуваат со некои емаскулирани оправдувања и со инсистирања на тоа дека "требало погоре да прашаме". По логика, тоа погоре е општина. Се оди во општина, таму викаат, еј супер идеја, ај да се јавиме и на еден човек, он е за вакви работи. Тој човек да ти бил некој фраер во УМС. Иде, вика супер, прашав ја погоре, ќе анимираме членство, ќе собереме пари, ќе го крстиме настанот "Велес Фест", ќе наредиме штандови за скара и пивце и ќе донесеме некои јаки фаци како Џамбазов или Ламбе. Му викаш пичка ти матер, креваш раце и си одиш дома. По два месеци гледаш промотивен материјал за тој Велес Фест, инаку партиски настан за неуспешни абортуси од партиската омладина.
На помладиве сега, тие во период на оној развој на критична мисла, им е убиен духот. Тоа е коренот на ова интелектуално и вредносно сивило кај младите, на оваа анемија. Такви настани помагаа многу на нашите генерации, развиваа скепса, обликуваа вредности, градеа отпор кон секаков наметлив авторитет. Помагаа во кршење илузии дека единство е невозможно затоа што Љубчо го нарекол Бранко пијаница или Бранко на Љубчо му рекол дека е шизофреник. Денес се напикани во партиски штабови, трчаат да им се допаднат на партиски шефови и живеат за да добијат партиски вработувања. За ништо не се борат. Немаат ниту една, макар и симболична манифестација на нивна независност и култивирање пркос. Немаат никакво единство ниту па сами се борат да создадат терен кај што ќе можат да го создадат. Се спремни мали војничиња, на готовс да бидат наредени во спротиставени табори и да умрат во бој за да ја одбранат честа на Заевци и Грујовци.