Кеј, годинава беше многу добра, ајде да не речам одлична зошто секогаш има простор за подобрување, нели совршено не постои. Одењето за Нова година е малку срање, зошто као демек треба да си поминеш ,,лудило" таа вечер. Јас не сум таков тип. Пример вчера беше понеделник, 28 декември 2015 година, ниту Нова година, ниту викенд, ниту повод, ниту забава...ништо, а пак си поминавме ,,лудило". Не сакам кога некој ми наметнува кога, каде и како да се однесувам.
Нејсе, сакам со тебе да ја споделам мислата што најмногу ми се вртеше во паметот во оваа 2015 година. Сметам дека е многу тажно што еден многу просечен човек како мене никогаш нема да ги искуси сите овие природни и неприродни убавини и места што ги нуди нашата планета. Знам, лесно е, ќе речеш земи авионска карта и шибај, ама не е тоа тоа. Зборувам за искусување во вистинска смисла на зборот. Да отидеш да искусиш како е да живееш таму одреден период. Да почувствуваш како свети Сонцето на друг крај на светот. Како врне дождот таму. Како трепкаат ѕвездите во мракот. Да зборуваш јазик што никогаш не си ни сонувала дека постоел. Да ти е топло во декември, студено во јули. Да ја почувствуваш секоја една педа на оваа земја. Никогаш нема да ти се случи. Повеќето луѓе како мене, за жал, засекогаш се заглавени во едно, максимум две места каде што живеејќи во нив, треба да глумaт среќа. Живееме практично речено на едно зрно песок во пустина и не сме способни ниту тоа зрно да го истражиме, камо ли нешто повеќе. Уште 5 животи да имаме нема да стигнеме да истражиме. Колку сме само мали и незначајни.
Ама ајде да не речеш ти ја завршувам годинава песимистички, ве поздравувам од срце тебе и сите останати, да ве прати многу среќа, да сте здрави во новава година, радосни и да имате многу пари. Тие што имале катастрофа година, сакам да им порачам дека ќе биде добро и дека сепак има некој што се грижи за вас и што ве сака, така што не очајувајте, уживајте. Останатите што сте имале супер година, следнава да ви биде уште поубава и подобра. А ти Кајганче, keep up the good work! Поздрав.