ДК,
Постепено навлегувам на првата декада од моето форумење. Се приклучив, најмногу поради Литература, која беше многу поактивна тој временски период, некаде во залезот на златните времиња на овој форум. Имав привилегија тековно да ги читам тамошните дискусии, а и во дел да земам активно учество. Постепено го проширив својот корпус на интерес и на други подфоруми, кои сега се помалку или повеќе неактивни.
Оваа декада форумов стана мое секојдневие, читање, дружење, информирање и дебатирање. Но дебатите на форумов се релативно лоши, дури и кога периодично ќе се развие некоја поинтересна дебата, дебата која ќе предизвика одреден интерес, истата мора да биде уништена од некој член кој ужива привилегиран статус кај самите админи. Имав за цел да раздвижам одредени подфоруми, како Литература и Музика, да ги вратам назад активните членови кои некогаш поминуваа доста од своето време низ тие теми, па и да го развлечам корпусот на дебата, во Политика и вести, од дневно-политичките препукувања и кон поактуелни, поларизирачки и попопуларни теми за кои има интерес, но за жал немаше реципроцитетен интерес. Мислам дека, барем периодично, успеав во својата замисла.
Форумите се убава алтернатива за социјалните мрежи, но мора да се има одреден унифициран стандард за дебатирање на соодветен форум или на соодветна тема. Губењето на тој стандард предизвика драстичен пад на квалитетот и интензитетот на дебатите, па и целосно мртвило на одредени форуми, а со тоа постепено се загуби и мојот интерес да ги гледам, активно или пасивно, текавните дебати. Повеќе не се пронаоѓам на оваа платформа. Воедно ова е мојот последен пост на овој форум, мојата последна активност.
Се надевам дека слободното време ќе го трошам (по)продуктивно, ќе започнам со долгите прошетки низ природата од кои бев лишан поради студеното време, кои се одлична рекреација и разонода, во друштво со некоја интересна книга. А имам и неколку проекти низ домов кои ќе ми бидат извесна преокупација.
Сакам да ви се заблагорарам на сите, со искчучок на тетките, за секојдневното дружење, за одвоеното време за дебатирање, за смеењето, забавата, па и за сите филмски, литературни и музички предлози. Се надевам дека ќе ми останете во добро здравје и во добро расположение.