Никогаш не сум се врзувал за материјалните нешта. Се радувам кога нешто сам ќе си купам или приуштам, ама знам дека еден ден ќе го немам од X причини.
Теоретски не е мој, под кирија сум ама веројатно кон крајов на годинва ќе се разделам со мојот прв стан. Во него имам и добри и лоши спомени. За мене тој стан има посебно значење, не од финансиски аспект туку како дојдов до него.
Сам одам во непознат град, кој претходно сум го видел само еднаш. Сум тргал пари на страна со месеци, сум си имал некоја замисла што би сакал да има во тој стан. А, немав многу време за барање, почнував со работа и спиев кај другарка привремено дур не го најдам идеалниот стан.
После 10тици разгледувања, изборот падна на 2. Едниот во строг центар, другиот малку на страна. Двата имаа предности и маани, ама одлуката падна на овој вториот бидејќи беше блиску до другаркава и повеќе ми одговараше за работа.
Станот беше празен, само кујнски елементи. Купив еден душек и перница и машина за перење. На поклон добив основен кујнски прибор. И тоа беше се за првиот месец.
Во наредните 6-7 месеци скоро цела плата идеше на уредување, од кревет, полици, столици за јадење, за биро, за тераса, маса, шпорет, цел кујнски прибор и милион ситници потребни за нормално функционирање.
Ова ми нема никакво финансиско значење освен борбата и колку пожртвуваност беше потребна за да можам да живеам нормален живот.
И не ги памтам цените ама го памтам секој ден поминат во икеа и останати продавници. Ја памтам секоја одлука што да се купи, дури и кој ден што сум купил. Станот е сега целосно опремен и секое парче ми носи некакви мемории.
Тука првпат пробав лосос, пројадов суши, научив да готвам повеќе од јајца и месо да испечам, ги платив првите сметки, и за првпат има мој потпис. Највеќе ќе ми фали тоа што секој ден гледав зајдисонце, и уживав во сите годишни времиња. Погледот од станот е непроценлив.