Кајганке
Во секоја нормална држава прва и основна работа е инфраструктурата.
Одиш во странство, се возиш со кола, колава спие, мува да ти влезит ќе ја слушниш. Ти си возиш и некако веднаш ти станува досадно, монотоно, еднолично.
Лево, десно од коловоз, покосено, средено, прегледност од сите страни, нема ѓубре, сигурен си дека нема да ти скокне некој полицаец од нигде никаде со тоа лопатчето, секаде правилно поставена патна сигнализација, соодветно напишана, никој не ти се престројува во лента кај ќе му текне, сите знаат што е жмигавец и свирка, кога и како се користи и сл. А бе досада жива, да не може човек да се испцуе на раат, онака сочно се по список.
Како е кај нас?
Кај нас си е милина, да му е мерак на човек да вози.
Дупки на секој чекор, шахти над коловоз колку ми ти душа сака, мора очите 16 да ги отвориш ако не сакаш колата на ремот да ја носиш. Автоматски не може да ти биде досадно, затоа што мора да се фокусираш на патот. Секој ден рели, ако имаш некој камен во бубрег гарант ќе ги исфрлиш на толку тресење и чукање
Немаш појма кај ќе му текне некому да претрча преку улица, има пешачки премин на 10 метри од него, ама не, кој ќе оди 10 метри подолу или погоре на пешачки, кога може само така да претрча кај му текнало. Ова е како терапија за фокусирање, си го држиме мозокот активен.
Ако му текне на некој полицаец да те застане, спремен да ти напише заслужена казна, по брза постапка ќе си направиме 3 реда муабет:
- „А бе го знаш Климе од Лешани“?
- „Не, не го знам, кој е тој бе“?
- „ А бе Климе, братучед му на Трајко шо ви е главен В полиција кај вас. Сега ќе му се јавам, па да се чуете“.
Ова му доаѓа како социјализација и нормална комуникација меѓу Министерство за внатрешни работи и граѓаните.
Или си возиш, па возилата од спротивната лента ќе ти блиндираат со светлата, што преведено значи „намали, има полиција“, па фино лепо како господин човек ќе си намалиш брзина.
И еден куп вакви примери.
Ние сме примерок за во учебник. Да не постоевме ќе требаше да не измислат.