Секогаш Англија ми била една од омилените држави и држава која морам да ја посетам некогаш во животот. Уште од малечка. Дури и англиската литература секогаш ми била најдрага од сите останати (германска, француска, американска и сл.). Англија и општо Велика Британија. Зошто, не знам, не можам да објаснам, ама уште од мали нозе е ова. Да, има многу за критики во текот на нивната историја, ама нема да се задржувам сега на тоа. Се прашува некој зошто го пишувам овој пост, сега и ќе елаборирам...
Претпоставувам повеќето од вас знаат дека имаше избори во Велика Британија, Камерон и конзервативците победија. Нејсе, се случи тоа, конзервативците славеа, другиве тажеа и така натаму, како што нели обично бидува на избори. Стандардна процедура. Лидерот на Лабуристичката партија реши да се повлече од лидерското место заради политичка одговорност, бидејќи ги разочарал своите. Кампањата, за тие што не знаат, беше доста жестока, имаше прилично голема негативна кампања од сите страни, имаше и доста материјал за сеир.
Само неколку часа откако се ова се случи, тројцата лидери на најголемите партии во Велика Британија застанаа рамо до рамо, со венци во рака, за да го одбележат 8 мај - денот кога фашизмот официјално беше на колена и денот кога Европа и светот дефинитивно започнаа нов почеток и нови промени. Тројцата лидери на најважните партии, заборавија дека само пред неколку саати, броеја гласови, дека се тепаа (условно кажано) за секој глас и дека се бореа за политичка моќ. Тројцата лидери сигурно не се најдобри другари и сигурно после изборите и не им било најголем мерак да се гледаат едни со други (освен Камерон, за да си пука сеир.

). НО, овие тројца луѓе, без разлика дали противниците мислат дека се апаши, вакви и онакви, знаат дека има работи кои се поголеми од нив и дека не е битно што до пред неколку саати некој излегол лузер, а некој победник и дека некој ќе седи во фотеља, а некој ќе си оди дома и нема да има никаква функција. Овие тројца луѓе, со целата одговорност која ја носат со себе, застанаа да одадат почит на оние кои го дале својот живот за подобро утре, застанаа во знак за почит на 70-те години кои поминале и кои го променија цел свет. Овие тројца луѓе го заклучиле егото во своите кабинети и без разлика дали е само заради медиуми или политички поени, направиле нешто кое е важно за државата, да се одбележи голем и значаен датум.
Може и ќе звучи романтичарски и идеалистички, ама мене мерак ми се направи што видов ваква слика, колку и да не сакале да се видат меѓу себе. Фактот дека толку брзо по сите политички караници и расправии и секакви кампањи, успеаа да застанат еден до друг и да го зауздаат егото за многу поважна работа од нивната фотеља и политичка припадност - за мене е за почит, без разлика што јас посебно мислам за секој од нив.
И да, им се смееме: ладни биле, арогантни биле, онакви биле, такви биле... А кога ние ќе доживееме во државава да видиме ваква слика? За работа од државен интерес, за нешто кое е важно за целата држава? За оставање его и политички несогласувања на страна во името на Македонија?
Ама јебеш га, они во 1215 година ја имаат Магна Карта, а ние во 1903 Крушевски манифест.
*
Има разлика. Векови и векови е разликата...
Малку е подолг текстов и ќе биде најверојатно смешен за некои, ама откога ја видов сликата, едноставно морав некаде да го напишам ова.
*како документи се различни, ама ќе ме сфатите што ми е поентата.