Најчесто , чувствата на тага се испровоцирани од надворешни фактори, пред се губиток на драго лице, предмет, материјални добра или пак социјална позиција. Реакцијата може да биде многу различна, во зависност од јачината и ненадејноста на настанот, но и од основната структурата на личноста (секој не доживува ист настан подеднакво). Почетокот на депресивната реакција е обично нагол, веднаш после некој трауматичен настан, но може да започне и постепено, посебно ако личноста е подолго време изложена на некои фрустрирачки ситуации кои ја намалиле психичката издржливост на лицето. Во вакви случаи, повеќе од очигледни се причините и мотивите кои предизвикале депресија. Сепак, постојат случаи кога мотивот за депресивните чувства воопшто не е познат, дури и за лицето кое ги доживува. Што се случува тогаш?
Длабоко потиснат конфликт
Кога личноста доживува депресија и не може да допре до евидентни надворешни причини, станува збор за длабоко потиснат конфликт, кој има корени во детството. Тој внатрешен конфликт е активиран од неповолни актуелни ситуации и доведува до депресија.
Карактерни својства на депресивни личности
Карактерните својства на депресивните личности, кои оддаваат посебен печат на целокупноста на депресивните тегоби се следниве:
1. Неодолива потреба за меѓучовечки односи , бидејќи признавањето и прифаќањето на сопствената беспомошност доведува до создавање на силна желба за свртување кон луѓето од кои се очекува топлина, признание, заштита. Колку е поинтензивна оваа желба, толку е поизразена тенденцијата: да се биде заштитен, да се биде сакан, да се биде признат. Овие личности се секогаш “гладни” за љубов и имаат необична потреба да бидат опсипувани со љубов.
2. Пренагласена зависност од другите , односно, чувствата за себе се видно определени од околината, од она што другите мислат за нив, бидејќи никогаш не воспоставиле своја внатрешна самостојност.
3. Јасно изразена тенденција “да се биде едно” со саканата личност . Од партнерот постојано бараат одобрување, охрабрување, со што би се чувствувале соединети со него, а без неговото присуство не се во состојба во ништо да уживаат. Самотијата тешко ја поднесуваат, тогаш се чувствуваат вознемирени и беспомошни.
4. Страв од изразување на агресија , со цел да не го изгубат саканиот објект (лице) и покажуваат голема спремност да се прилагодат, посебно на личноста за која се врзале.
Тегоби и однесување кои се јавуваат при депресија
- доминираат чувства на тага
- спремност да се заплаче во секое време
- изгубен интерес за околината
- немање потреба за друштво
- нарушување на сонот
- редуциран или пак зголемен апетит
- чувство на отфрленост
- чувство дека нешто недостасува
- нетрпеливост кон луѓето
- агресивно однесување (најчесто вербално)
- соматски тегоби (гадење, повраќање, болки во грбот, недостаток на воздух и сл.)
Побарајте стручна помош
Кога веќе се јавиле депресивните чувства (без разлика дали причините се објективни или не), а посебно тегобите и однесувањето кои произлегуваат од нив, најдобар успех во подобрувањето на таквата состојба се постигнува со психотерапија. Во некои случаи, во психотерапискиот процес е потребно и неопходно да се вклучат и останатите членови на семејството (семејна терапија)