Македонија преку чија територија поминуваа патиштата што водат од
Централна Европа кон
Блискиот Исток всушност претставува не само сообраќаен, туку и стратешки јазол. Долината на
Вардар ја има предноста што од север преку Моравската долина води до големиот
Солунски залив, од каде преку
Егејското море завлегува на исток кон долината на
Струма и на запад преку
Албанија до
Јадранско Море. Оттука за
Македонија не се борат само младите балкански држави кои сакаат со Македонија да ги зголемат својата територија и бројноста на населението, но и големите –
Австрија,
Русија,
Англија и
Турција - чиј стремеж да играат клучна улога во структуирањето на
Балканот ќе се манифестира токму преку нивните територијални претензии кон Македонија.
Безбројните извори (книги, статии, студии, дипломатски преписки..) јасно сведочат дека не само балканските, туку и европските влади ѝ посветувале внимание на Македонија. Во европската историја тешко е да се најдат слични примери толку да се пишувало и расправало за националниот карактер на еден народ, каков што е случајот со
Македонците.
Оваа преокупација околу националниот карактер на Македонците произлегува од определени политичко-стратешки интереси - и тоа не само на балканските националистички кругови, туку и на големите европски сили (во прв ред на
Австрија и на
Русија), кои во трката за завладување на Балканот, настојуваат да ја вклучат и Македонија во својата интересна сфера, поради нејзината извонредна географско-стратешка положба.
Принцип на народноста и самоопределувањето на Македонците
Бидејќи Македонците главно претставуваат импозантно мнозинство од населението, заинтересираните страни ги ангажираат сите свои сили, вклучувајќи ја тука и науката, за да ги прикажат нив било како
Бугари,
Грци или
Срби, за да го имаат на своја страна при решавањето на македонското прашање и принципот на народноста.
Бугарските, грчките, српските, романските и мнозина европски писатели даваа контроверзни сведоштва за Македонија и нејзиното население. Поради тоа, подоцна и многумина се прашуваа (таков е случајот со
Рене Пинон и
Едмонд Буше), дали е воопшто можно, во овој галиматијас на докази, да се дојде до една вистина за Македонија и Македонците: самиот термин Македонија станува, во
Западна Европа синоним на кулинарски вештини, на карташки игри, па дури и еден вид литерарен правец во Франција беше наречен со тоа име.
Имено, контроверзните “докази" за Македонија, со што e преокупирана европската јавност, им даваат поттик на некои духовити француски умови да го искористат терминот “Масedoinе" во сосема практични цели. Со ова име тие не ја нарекоа само салатата составена од разновиден зеленчук или компот составен од разновидно зашеќерено овошје, туку и една игра со мешани карти. Дури, со ова име го нарекоа и еден вид литературни приредби што се одвиваа во цитирање на поезија и проза.
Балканските пропаганди во Македонија
Главна статија: Балкански пропаганди во Македонија.
Дискусиите околу националноста на
Македонските Словени, во европскиот свет започнуваат со прашањето:
Дали се ова Грци или Бугари? а не
Дали тие претставуваат нешто трето и посебно? Тезата која малку подоцна се оформи од српските националисти дека Македонците се
Срби, уште не се поставуваше, бидејќи самата српска влада, си до смртта на кнезот Михајло
1868 година пред себе имаше други цели и разбирања.
Меѓутоа и ваквото поставување на прашањето произлегува не од фактот дека тие навистина се
Грци или
Бугари, туку од замрсеноста на проблематиката што произлегува од една страна, од етничкиот состав на населението, а од друга, од турскиот начин на поделба на населението не врз етничкиот принцип, туку врз црковната припадност. Бидејќи Македонците се под
Цариградската патријаршија и како такви припадници на “грчката" вера, а по својот етнос
Словени, тоа грчките и бугарските националисти сакаат да го искористат на свој начин, секој за своите интереси. На едните им пречи словенскиот етнос, на другите - црквената припадност.
Грчките националисти кои сонуваат за Велика Елада, во ова време почнуваат да тврдат пред
Европа дека Македонците се пословенчени Грци, па според тоа и припаѓаат на грчката народност и држава. Бугарските пак лидери, поттикнувани од руските словенофили, тврдат обратно, дека тие како
Словени не можат да бидат
Грци, туку се
Бугари. Меѓутоа, додека едните “докажуваат" дека македонските Словени се Грци, а другите дека се Бугари, од самата македонска средина почнуваат да се појавуваат луѓе кои на прашањето што се:
Бугари или Грци? одговараат дека
не се ни Грци ни Бугари, туку Македонци, потомци на старите Македонци и
Словените.
Бугарските пропагатори удираат со голема жестина по ваквите македонски произнеси. Во овие настапи тие имаат силна подршка и од грчките националисти.