Ти благодарам љубена. За „прекрасната“ годишнина која ми ја придеди вечерва. Не ни очекував да поминам вака. Те познавам да...цела една година те познавам, и гледав, или мислев дека гледам напредок кај нас - гадно сум се лажел. И те читам исто така...шо би рекла ти, ко буквар те читам. И знаеш дека паметам. И го паметам тој гаден поглед кој го имаше кога ништо не ти беше средено, кога живееше во хаос и не знаеше дали да ја прифатиш мојата љубов. И богами ти требаше време за да ја прифатиш. Време, во кое јас константно пропаѓав на секое психичко ниво. Не остануваше на моменти во мене ни толку сила, колку да се присетам дека сум жив, и да обрнам внимание на другите околу мене - на тие што ме сакаат...дури ни на моите родители. Време, во кое јас комплетно ти се предадов.
И го поминав тоа, и почувствував дека сум те изменил, дека сфаќаш дека те сакам, дека си среќна со мене и доволно ти е тоа. Ама не, не почувствував дека те гуши тоа што коментирам и давам суд за сите работи...дека „те измачувам“ додека сакам да те заштитам. Е денес, ми го објасни тоа на најубав можен цивилизиран начин.
Општо, ги мразам јубилеите. Глуп пристап за бегање од реалноста ми се, најискрено. Така и овој...не запалив еуфорија поради него. Но, сакав да направам она што го правам секогаш - да ти биде убаво. Е, ама го забораив фактот дека ти си уморна - тој твој вечен изговор дека си уморна од работа, на кој никако не можам да му најдам повратен коментар. И го заборавив фактот дека умор, во комбинација со алкохол, го будат злото во тебе...или можеби ја покажуваат вистинската ти. Ти, која не знаеш дали те гушам и те правам несреќна, или ме сакаш и те исполнувам со позитива. И токму таквата ти, која во вакви моменти си мајстор, за да ми се искакаш на срцето. А го читам и тоа како дел од букварот...зошто и тоа ми е дел од развиениот емпиризам во врска со тебе.
На секој завршен циклус, најчесто по години, се трудам да направам ретроспектива, на тоа што поминало - што сум добил, што сум изгубил, колку сум созреал. Сум го правел тоа во школо, го правам на факултет, го правам на секој мој роденден. Едноставно, седнувам и размислувам за тоа. И пробав да го направам и сега тоа - и не можев. Ете така, не можев да смогнам сили и да ставам на кантар лоши и добри работи. Зошто очигледно, едното веќе на почеток ќе прелееше. И сфатив, дека сум созреал многу, и дека сум изгубил само едно - своето јас! Своето здравје, своето почитување, својата професија, своите родители, своите пријатели... И знам - и не те обвинувам тебе. Ти си таа што си, и по сите равенки, испадна дека си непроменлива. Ама се обвинувам себе. Мајке ми, си ја гризам душава, што си го дозволив сето ова.
Да, во право си. Сум те излажал. И сум бил со друга. И не е битно која, и немоја да ми ја спомнуваш кога треба да ме напаѓаш - таа не е ништо крива. Јас сум тој којшто чувствува нешто према неа...Или барем знае дека покрај неа, доби храброст да почне и да размислува - зошто го прави ова! Почна да размислува, дека светот не се фокусира во точка, туку се има видокруг кој се ротира.
Помина една година, љубена. И ти си истата. Потполно истата. Јас повеќе не сум...