Ајде да ги исмејуваме Македонците
Петар Делилакиев
Повторно (и, како што е тргнато, не за последен пат) сме сведоци на организирано и осмислено исмејување на Македонија и Македонците. Зборувам за филмот "Македонија" на бТВ од Иван Георгиев, емитуван на 28 јануари 2012 година. Се чини, некои не можат да се помират со идејата дека Македонците не сакаат да бидат како нив.
На што мислам?
На тоа дека Македонија и покрај огромните напори и средства, вложени од страна на Бугарија, нема намера да се бугаризира; на тоа дека и покрај се досега тие не успејаа да создадат бугарско движење во Македонија, освен карикатурно-екстремистичкото "Радко"; дека и покрај сите предвидувања Македонија ниту се подели, ниту се приближи кон Бугарија, ниту се албанизира, ниту банкротира, ниту ...
Наместо тоа Македонија останува стабилна во услови на криза и без помош од европските фондови; образованието бележи вистински бум (при тоа студентите таму веќе учат од учебници кои се користат во повеќето елитни светски универзитети) - односно бројот на Македонци, студенти во Бугарија, се намали неверојатно многу; во неа активно се гради; нејзиното земјоделство продолжува да биде сон за Бугарија; општеството се прочистува од соработниците на комунистичките служби .
Можеби ова последното, особено многу ги иритира разните поцрвенетите гестаповски слуги, односно патриотите-кодоши на ДС (тајните служби) во Бугарија. Овде нив само ги посочуваат, а тие - во соето бајгањовското безочие - се чукаат во гради, викајќи "Булгаааррр!" и не убедуваат дека сите биле и повеќе од патриоти. И продолжуваат да заземаат удобни општествени функции (партиски лидери, пратеници, министри, претседатели, академици), продолжуваат да бидат авторитети и да утврдуваат злобничко јавно мислење во Бугарија, често уживајќи во праведно и патриотски заработените милиони. За разлика од тоа, во Македонија има вистинска лустрација. Односно имињата на луѓето коишто соработувале со комунистичката државна тајна служба, не само што се објавуваат, но и се отстрануваат од јавните функции. За илустрација може да послужи примерот со црквите. Во Бугарија Синодот направи се што е можно да не се разгледуваат досиејата на неговите членови, а откако се дозна дека 11 од 15 биле агенти - што се случи? Ништо. Двајца-тројца се подизвинија малку, други тројца бесрамно се гордееја со својот морален пад, протурајќи ни ја одвратната и веќе бајата “попара” за патриотизмот. Ниту навестување за вистинско покајание, а пак, да не зборуваме за повлекување од функцијата. А во Македонија? Таму Синодот не само што го поддржа барањето на властите, но и јавно изјави дека луѓето коишто соработувале со службите, нема да можат да бидат ниту свештеници, ниту митрополити - ниту да проповедаат, ниту да исповедаат.
Разбирлив е и гневот по повод новите згради и споменици во Скопје. Тоа е активна и категорична демонстрација на Македонците дека не се сметаат себеси за Бугари. Како да им го простат тоа? Згора на се,
меѓу така исмејуваните згради и музеи има и Музеј на холокаустот, посветен на насилството извршено од страна на бугарските власти врз македонските Евреи и нивното транспортирање во логорите на смртта. Тешко е да преминат преку овој факт "спасителите" на Евреите.
И така, наоѓајќи се во тешки услови Македонија се бори и напредува (за разлика од нас, би рекол, кои депресивни трчаме во круг како некакви затвореници). Проблемот за Македонија е местото каде се наоѓа, и неразбраните нејзини соседи кои создаваат проблеми за неверојатни нешта како тоа: како да се нарекува сопствената држава, сопствениот јазик, како нејзините граѓани да се самоопределуваат. Па сепак, и без излез на море, опколена од лудите балкански национализми, војни и ембарго, таа некако издржува и упорно оди напред. Не можам да замислам на какво дереџе ќе беше Бугарија, ако се соочуваше со проблемите кои ги има Македонија. За разлика од Македонија, проблем на Бугарија си е самата таа.
Но, од медиумите во Бугарија нема да слушнеме нешто добро за Македонија. Нема да слушнеме за подобриот пензиски и здравствен систем. Тоа не е интересно. Нема да слушнеме и за лустрацијата на разни бивши агенти (пу-пу да не чуе народот бугарски), ниту за напредокот во образованието, далеку подобрата храна (таму нема потреба да се воведува нов стандард за храна, бидејќи тој никогаш не бил нарушен) , подобрата патна мрежа ...
Нема да ги видиме и слушнеме македонските пејачи, уметници, писатели ... Не, ќе слушаме за разни “радковци” и Спаски, ќе слушаме еден, презрен во Македонија, манипулатор како Љубчо Георгиевски, зад чие мислење не е сигурно дури и дали и самиот тој стои. Нема да слушнеме за вистинските проблеми, болки и дилеми на Македонците, а ќе слушаме за болните фантазии и имагинарни “кризи на идентитетот", кои клокотат во главите на разни дебелогази националисти во Софија.
Споменатиот филм беше меѓу другото постојано рекламиран на бТВ, како да е нешто повеќе од мизерна манипулација, при што авторот беше поканет и во емисијата “бТВ-репортерите”, каде што сериозно се потруди да манипулира со водителите кои, многу непрофесионално, ја прифатија секоја глупост како чиста вистина и во најголем дел од емисијата беа со широко отворени усти од изненаденост.
Намерата беше очигледна уште со изборот на "експертите", чие мислење е побарано, меѓу кои беа агентот на антимакедонскиот оддел на Државната служба за безбедност,
Красимир Каракачанов, и поранешниот бугарски амбасадор во Скопје
Александар Јорданов. Освен на домашната ДС, зборот му беше даден и на друг еден таков, најверојатно агент на ДС, но од странство -
Љубчо Геогиевски. Кон нив се приклучија и
двајца осудени криминалци од Македонија. Воопшто, прекрасна
компанија, меѓу која мајките не би ги пуштиле своите деца, а бТВ ги пушти во нашите домови.
Не вреди дури и да се поставува прашањето, дека во еден ваков филм би требало да се даде збор на различните страни, но за да ги искажат своите погледи - на авторите на филмот им била потребна само едната страна. При мојата посета на Скопје не останав со впечаток дека граѓаните се револтирани или огорчени поради статуите на плоштадот, какви што, се чини, се сите учесници во филмот - напротив, речиси постојано цели семејства се фотографираа пред споменикот-фонтана на Александар Македонски. Но, интервјуираните во овој филм се посебно одбрани за да се докаже идејата дека Македонците се збунети будали без идентитет.
Бесмислено е да се прераскажува се во овој филм и рекламните спотови и емисии кои му претходеа. Доволни се само неколку забелешки. Уште во рекламните спотови, можевме да слушнеме како еден несреќник се дрзнува да изјави дека
"во Македонија, ако се чувствуваш Бугарин, ќе те чини живот". Но тоа го зборува жив човек на кого тоа очигледно не го чинело живот, а очигледно и не се плаши дека ќе го чини.
За да ги исмее Македонците, авторот на филмот спомна во бТВ репортерите дека во Македонија постои друштво на Египќаните, и тоа беше повод за нов восхит над македонската глупост. Премолчеа да спомнат дека се работи за здружение на Роми, коишто се на мислење дека зборот “Ѓуптин” доаѓа од Египќанец. Вистина ли е тоа, или не - нивна работа, всушност и во Бугарија доста луѓе го мислат истото, само што здружение не направиле. Но, каква врска има тоа со самите Македонци?
Цитираат некаков анонимен македонски министер за внатрешни работи, кој рекол дека сите луѓе потекнуваат од Македонците. И тоа веднаш го претставуваат како позиција на Македонците: без исклучок. Како да министрите за внатрешни работи не само што се експерти по историја, но и нивното приватно мислење ја изразува официјалната научна позиција во една или друга држава. Како дури и ако некој навистина мисли така, тогаш неговиот став треба да ги претставува сите.
Па,
кажете доколку е така, за да конечно разбереме дека тврдењата, како Бугарите дошле пред 35 000 000 години од соѕвездието Големата мечка и ја створиле светската цивилизација (заедно со половина народи и сите владетели и генијалци), како Исус Христос зборувал на бугарски, а на Мухамед мајка му е од родот Дуло (оној на Аспарух) додека татко му е свештеник на Тангра, како фараоните носеле бугарски капи колобарки, а бугарскиот календар е постар од шумерскиот и така натаму, и така натаму, се всушност мислење не на поедини лудаци, туку на Бугарија.
И исто така кога актуелниот претседател на Бугарија верува дека во претходниот живот бил жена некаде во Германија, од тоа да изведеме заклучок дека сите Бугари веруваат дека имале претходен живот како Германка? Кажете, па да се посмееме заедно ...
Енигма останува за нормалниот гледач зошто меѓу различните сцени се снимени и индијанци? И се прикажани повеќе пати! Што имаат заедничко со македонската нација овие продавачи на сувенири и музика од Перу, какви што можеме да видиме и во Бугарија? Само желбата на авторите на филмот да ги навредат и исмејат Македонците.
Зошто се фокусира на фрлањето на крстот во Вардар, исто така, не е многу јасно - можеби во своето незнаење авторите мислат дека така Македонците го крадат "најбугарскиот" празник - Јордановден?
Каква беше намерата може да се разбере и следниве заклучоци: има луѓе во Македонија кои не мислат дека се антички Македонци, затоа што
секој вистински Македонец може да најде две-три генерации наназад свои роднини во Бугарија, а ако не може, тогаш тој е Египќанец или пакистанска принцеза (во емисијата “бТВ репортерите”).
Се случи парадокс, така што
луѓето коишто веруваат дека потекнуваат од Аспарух, се смеат на Македонците коишто сметаат дека имаат врска со Александар Македонски. При тоа истражувањата на Игенеа покажаа 35% поврзаност меѓу сегашните и античките Македонци и 0% помеѓу сегашните Бугари и оние - вистинските - на Аспарух. Очигледно вистината дека Александар Македонски е милион пати повеќе роднина на денешните Македонци, отколку Аспарух, Крум, Борис и Симеон на сегашните Бугари и дека Аспарух е неспоредливо повеќе сонародник на Ахмед Доган, отколку на Волен Сидеров и Бојко Борисов, за овие луѓе останала целосно непозната.
На лице е повторно стремежот да се исмее и омаловажи Македонија и во исто време на тој начин да им се одвлече вниманието на Бугарите од фактот дека, како и досега, и понатаму се лажат во однос на македонското прашање (и после 20 години демократија во Македонија Бугари нема), но, уште повеќе, да не се дозволи Македонија да стане духовна потпора за Македонците во Бугарија, да не почнат да се гордеат со неа. Најдобар начин е да се направи за подбив - кој би се гордеел со нешто со што народот се исмејува? Па така, дури и реконструираниот центар на Скопје, за да не биде повод за инспирирација на Македонците, најсигурно е да се претвори во предмет на потсмев.
И неколку зборови за "теророт" над Бугарите во Македонија. Ако некој јавно кажел дека е Бугарин, завршувал во затвор. Колкумина од членовите на "Радко" биле во затвор? Сите? Половина? Една третина? Една четвртина? Десет проценти? Изгледа се многу помалку. Гледаме и дека ги чинело живот. А и некои нивни приврзаници биле
министри, директори на државни институции, пратеници ... а тоа се многу тешки форми на дискриминација.
Двајца сведоци за "репресиите" над Бугарите во Македонија во овој филм беа Мирослав Ризински и Здравко Здравески (кртот). И двајцата - осудени криминалци, кои одлежале по неколку години затвор. Првиот зашто како советник во Бирото за економски неразвиени подрачја со уцена изнудил 6000 евра од Блаже Георгиев, за да може тој да добие пари за проект. Фатен со означени банкноти, истиот пропиште дека бил Бугарин, и ја расплака од смеење публиката со расказот како полицијата насила му ги ставила парите во рацете и го натерале да му ги предаде на шефот. Оттогаш во Бугарија го сметаат за осуден поради неговите бугарски убедувања. Во исто дело е осуден и директорот на истото биро – Албанецот,
Зуди Џелили - сигурно и тој е осуден, бидејќи е Бугарин, кој знае ... Вториот пак, е осуден поради тоа што продавал непостоечки станови. Нему пак, којзнае кој насила му ги ставил парите и становите в раце.
Откако не успеа да ги убеди Македонците да станат Бугари, ниту пак луѓето со бугарско убедување да се вклучат во антимакедонското екстремистичко здружение "Радко", сега Бугарија ја применува старата тактика на врховистите - купувајќи разни криминалци од Македонија. Малку по малку, станува јасно дека сите корумпирани политичари и криминалци задолжително треба да си извадат бугарски пасош за во случај да ги фатат, да почнат да лелекаат дека се Бугари, и заради тоа ги следат. Токму такви луѓе многу добро се снајдоа.
Спаска Митрова, освен што си ги реши семејните и судските проблеми избегнувајќи ги правните средства (преку политички притисок од страна на Бугарија), стана помошник на бугарски европратеник.
Владимир Димов - поранешен македонски министер за здравство, баран од македонските власти за извршени финансиски малверзации, Бугарија одби да го екстрадира и дури стана шеф на оддел во болницата "Токуда" во Софија. Уште подобро се среди
Владимир Тамбурковски, со четири пресуди во Македонија (издадени во 2007-2009 година) за криминал во износ од неколку милиони евра (а, како што се разбра, вмешан е и во финансиски криминал во Србија), кој пак предава на Американскиот универзитет во Благоевград. Веројатно тоа го спасува и
Љубчо Георгиевски, кој си замина од премиерската функција вонредно богат - само неговата куќа во елитната населба "Водно" е во вредност од неколку милиони. Но, како да го судиш, кога Бугарија ќе го претвори во меѓународен проблем и пречка за евроинтеграцијата? И,
ете, чудо на статистиката - сите овие херои се судени после 2006 година, кога Бугарија стана членка на ЕУ. Како еден таков осуден "Бугарин" не се случи пред тоа!
За глупоста лек нема, а национализмот може да биде и во форма на волонтерски идиотизам. Зошто да не стане виновникот Бугарин – и без тоа криминалците се без нација и татковина, а ваму за едноставно декларирање и од затвор ќе го спасат, и украденото ќе го задржи, и добра служба ќе му дадат - е, како да не стане Бугарин !?? Нели сепак е криминалец, не е луд, и нели не му земаат, туку му даваат од колачот ...
Кога стана збор за лудаци, не можам да не се присетам на случајот од пред неколку години кога два автобуси со грчки националисти се истоварија пред најпознатата македонска лудница - "Бардовци" да го "спасуваат" затворениот таму, божем поради националните и политички убедувања, "Грк" од Скопје, а всушност психички болен младич, сместен таму по барање на мајка си. Си отидоа со подвиена опашка. И така, излегува дека
разликата помеѓу двата национализми изгледа е во тоа што бугарските националисти ги сакаат криминалците, а нивните грчки колеги - лудите.
Со оваа политика Бугарија, освен оаза на криминалот, се претвора и во негова основа и дестабилизирачки фактор за регионот.
Создавањето на слични филмови со слична намера и нивната промоција е знак на недостаток на култура и целосно непочитување како кон Македонија и Македонците, така и кон гледачите во Бугарија.
Што ли би се случило ако сличен филм, само што за Бугарија, биде прикажан во Скопје? Бугарија би се обратила до Брисел! (Видовме каква врева кренаа за безопасен уметнички филм, уште пред да го изгледаат.)
Македонија одговори со молчење. И навистина, што друго останува кога не сакаат да ти ги чујат зборовите? Можеби во сопствената патолошка смеа ќе ја слушнат тишината. И гневот, сокриен во неа. И умирањето на добрососедството и пријателството.
http://narodnavolja.com/articles2012/03/txt06.asp
.