Сега од ова гледиште, значи без теретот на несаканата бременост, не ми се допаѓа идејата за абортус. Всушност, ми е итекако одбивна кога ќе го земам во предвид фактот дека ембрионот, или фетусот, се нешта на кои им е вдахнат живот, и постојат исто онака као што постојам јас или било кој друг. Но, ако по некоја случајност останам бремена, а не го сакам тоа(од какви и да е причини) не знам дали туку така ќе ја отфрлам помислата на абортус. И не знам дали абортирањето ќе ми личи на убиство или на спас.
Можеби ме силувале, па сум останала бремена. Можеби носам дете со некој деформитет, а не сум способна ни материјално ни емотивно да ми ја дадам грижата што ќе му биде потреба. И што тогаш? Кој мене да ме суди, или кој да одлучи место мене?Кој да пресече дека е неопходно и единствено правилно да го задржам бебето?
Штом моето тело е она во кое расте плодот, штом се храни со мојата крв, штом јас ќе поминам низ процесот на породување и штом јас сум таа која ќе треба после да се грижи за неговата благосостојба, а не било кој друг, тогаш и јас сум онаа која ќе ја донесе крајната одлука.
И ова важи за секоја друга трудница. Таа, и никој друг освен неа, ќе ги сноси физичките, емотивните и моралните последици од абортусот или изборот да го задржи детето, сеедно. Па чим е така, нема што други да држат предавања и да донесуваат одлуки, кога тие не осеќаат ништо на своја кожа.
Нема правилен или погрешен избор тука, ниту има што друг да оправдува или критикува. Таквите дилеми ќе ги има само онаа која абортирала и ќе мора сама со себе да си ги расчисти.