Лео и Реми се црно-бели ликови, барем до моментот на тоа несреќно прашање. Целосна спротивност еден на друг, како физички така и карактерно. Реми е смирен, срамежлив, а Лео отворен и борбен. Измислуваат игри, пргаво ѝ се радуваат на слободата. Малку се збунети на првиот школски ден, но заедно се и тоа е доволно.
Секогаш сме претпазливи кон непознатото. Прашањето на девојките, по мене барем, не е навредливо. Она што навредува е нивното боцкање, настојувањето за да си ја потврдат сликата која ја создале в глава и покрај тоа што Лео без заобиколување вели не.
„Можеби не сакате да признаете.“
Ооокеееј
Прегледај го приврзокот 364682
Кога Реми само панично гледа и се гаси, товарот да се одбрани од претпоставките паѓа на Лео. За да ги заштити двајцата, тој крева ѕид меѓу нив. Всушност ѕитче, затоа што сепак се обидува да балансира меѓу новата средина и старото пријателство. Се повлекува, но не целосно и баш тоа е овој момент.
Хокејот станува издувен вентил, простор за ресетирање и кога Реми влегува во тој, условно речено, личен простор на Лео прави грешка. Кога го прашува што мисли за идејата да се приклучи кон тимот, тој молчи и тука всушност пука нивната блискост. Затоа за мене Close претставува филм кој го вади на површина сето она што го премолчуваме и го туркаме под тепих.
Не можејќи соодветно да се справи со чувството на отфрленост, Реми бесот за „предавството“ го канализира преку агресија. И солзи, а на тоа оној кој му бил најблизок му вели „ништо не е тоа, немој да плачеш, прекини со солзи“. Оваа плачка протестира на тврдењето дека солзите се резервирани исклучиво за слабаци! Ме замисли колку различно ги перципираме машките наспрема женските пријателства. Јас сум ужасно блиска со другарките. Споделувам сѐ, во занес знам да одам под рака, гушната на сред улица, сме спиеле во единечни кревети и на 11 и на 21, и никој, никогаш не ми поставил вакво прашање.
Несреќата го менува Лео. Нема експресија, но трауматскиот настан го затвора. Се прашува што се случило, дали го болело, на 12 години мокри во кревет. Ме погоди кога во кругот требаше да споделат спомен на Реми. Ужасно ме нервира кога деца се втурнати во лицемерието наречено „за мртвите сѐ најдобро“. Треба да делува исцелувачки, како знак на поддршка, но скоро секогаш во воздухот виси непријатност. И за оние кои се трудат да најдат утешителни зборови, а не го познавале вистински тој што заминал, и за оној кој останува сам. Броев секунди пред Лео да експлодира на изливот на Себастијан/ Салвадор/ како и да се викаше. Тагата која не е линеарна, најслободно се излива преку солзите кога ја крши раката.
Реми е весел, но не и среќен. Има сигнали кои укажуваат на тоа. Додека лежеа во детската и Лео го праша зошто не спие, му одговори: „Не знам, тоа е мојата глава, не престанува ама не е важно.“ Неспокоен, за време на концертот згрчен, исплашен како да е крај на сѐ. По настојувањето на Софи вратите никако да не бидат заклучени, остана само исчекување. И мене ми фалеше малку подобро да го запознаам, зашто вака ко да се потврдува дека е лик напишан за да го пополни Лео. Но, со репризата видов нешто кое на прва ми промакна - колку и тој се труди за нивното пријателство. Во обид да го расположи Лео, ја возобновува играта со измислените непријатели. Не му успева, но покрај намерата не е ни важно.
Одејќи низ полињата, кога им се крши другарство, фокусот е на Лео кој чекори право без да застане, додека во позадина Реми постојано се погледнува накај него. По скоро една година, во последната сцена, Лео трча по истото поле. Наеднаш застанува и долго гледа назад. Далиите симболизираат преданост и лојалност, најчесто ги поврзуваат со внатрешната сила и предизвиците кои човек може да ги поднесе. Оваа сјајна симбиоза е еден од најсилните столбови на Close.
People tend to believe grief shrinks over time. But what really happen is that we grow around our grief.