Werk Ohne Autor
Англискиот наслов воопшто не одговара со правиот наслов на филмот.
Ова не е романтичен филм. Бар јас не го сфатив како романтичен филм.
Воведот беше поприлично шокантен, интересен и требаше да ја даде насоката по која ќе се движи, развива и кулминира самиот филм. Но, потоа, филмот се развива во друг правец, иако стоејќи од страна прашањето од самиот вовед, демнејќи, чекајќи, и градејќи тензија за тоа што требаше да не очекува на самиот крај.
Третиот дел скроз почна да се развива во друг правец, артистички би го нарекол и не можев да го поврзам комплетно со првите "два дела". Ја немаше таа посакувана кохерентност која би требала да ја има еден филм, според мене.
Самата должина беше еден своевиден проблем кој тежеше низ целото гледање. Развлечени, според мене и доста непотребни сцени кои можеле да се скратат. Можело да биде спакуван во еден многу покомпактен начин кој верувам дека подобро ќе допреше до гледачот.
Не е прв пат да гледам долг германски филм. Изгледа Германците си имаат кејф да прават долги филмови. Уште еден оваков е Unsere Mutter, Unsere Vater, кој според својата големина е поделен и направен како мини серија, иако некаде дефилира и како целина, како филм.
Верувам дека и овој да беше направен на ист начин, ќе беше подобро прифатен.
Сум гледал доста филмови за самата Втора светска војна, за повоениот период... Еден од нив е и овој што го напишав погоре. Потоа го имавме во клубот Goodbye Lenin, одличен саркастичен филм кој ни го долови животот во Источна Германија.
Скоро го гледав и полскиот Cold War...
Сценографијата беше одлична, како и самата музика во филмот, иако на моменти, посебно кога беа во Западна Германија имав чувство дека сме во денешницата. Не знам дали со тоа сакаа да ни покажат колку е понапредна или едноставно имаше по некоја "грешка" каде се прoвлекла некоја сцена со елементи од денешницата.
Сето ова, кога ќе го споредам со Cold War, ќе кажам дека полскиот филм многу повеќе успеа да ме привлече со својата кинематографија, сценографија и музиката.
На моменти, не ми беше јасно и однесувањето на докторот, кој имаше агенда против неговиот зет, за подоцна, дури и осакатувајќи си ја својата ќерка само да не го продолжи сојот плашејќи се вајда од можните лоши гени, за потоа истиот во "третиот дел" да гледа да му помогне на секој начин, да успеат во новиот живот.
Космичката правда беше незадоволена, бар за мене, иако главниот лик го пронајде својот мир, сепак за мене нешто изостана.
Прочитав на интернет дека филмот е сниман по вистински настан, и е своевидна автобиографија на германски уметник за кој не сум знаел, ја прочитав и поголемата слика позади филмот, но, каков е тој филм ако не може самиот преку својата приказна да извлече безбројни емоции од тебе?
Може и самата должина, некохерентност, како и тоа што го гледав на дури 3 пати си го направи своето.
Може, јас видов само неповрзани броеви, без значењето меѓу нив.
Се мислев да му дадам 7, но споредувајќи го до горенаведените филмови кои повеќе ми се допаднаа, од мене има:
6.5