Морам овде да го пишам ова, а не во темата „Македонски филмови“, од причина што нема да зборувам само за наш филм. Денес конечно бев на последната проекција на „Златна петорка“ во Синеплекс. И не беше сѐ така црно: пред почетокот на филмот го гледав трејлерот за Hacksaw Ridge на Мел Гибсон и за прв пат во мојот живот ме наежил трејлер. Мислам дека годинава е годината кога конечно ќе ви речам „Ви реков?“ откако Ендрју Гарфилд ќе заблеска на филмското платно и кога сите ќе признаете дека е актериште (може не по „Hacksaw Ridge“, може по „Silence“ на Скорсезе, а може и по двата, небитно). Одамна го препознав талентот во него и знаев дека ќе дојде овој момент, но нели вам ви го уништил Спајди, па затоа одма го прогласивте за подпросечен актер, што е далеку од вистината. Ама ај, да не правиме муабет пред време и по само еден изгледан трејлер. Ќе видите.
Hacksaw Ridge, заедно со La La Land, Loving, Arival... е еден од најочекуваните филмови есенва, за мене. Се надевам дека за Hacksaw Ridge, стоечките овации за кои читав по Венеција ќе се пренесат и кај нас. Барем според трејлерот, ветува многу.
А сега да завршам за тоа што почнав - „Златна петорка“. Очобол! Еден од полошите македонски во последно време. Едвај го догледав. Ај, ќе ги разберам некако пасажите со нараторот - немале доволно средства, па морале да го пополнат времето со нешто, некако. Ама не можам да разберам до толку здрвена глума. Значи дрва, трупци да наместиш пред камера ќе изглумат подобро од поголем дел од актерите овде. Ај, доајените од типот на Љупка Џундева, Петар Арсовски, гостинот Славко Штимац и Билјана Таневска (па и Игор Ангелов би го ставил во оваа група), ќе ги оставам на страна, и не беше така страшно. Ама овие младиве... Ка-та-стро-фа! Влатко Илиевски бе! Таа секретарката на Петар Арсовски - полошо нешто немам видено на филм. Па на дете од 5 години да му дадам да прочита една реченица ќе и поверувам повеќе отколку на оваа. Делуваше ко просечен политичар кој чита однапред напишан говор од друга личност. За статистите да не правам муабет: на почетокот на филмот двајца од убиените момци - мрднаа. Подоцна, кога одеа со свеќи на погребот, еден статист со свеќа в рака - се ѕвереше во камерата и се смееше. Во хотелот на Петар Арсовски, на скалите, двајца статисти кои божем правеа муабет, звучеше ко да рецитираат песничка, а кон крајот на филмот, групата од статисти, божем новинари, кои ја снимаа изјавата на стариот Џиџи (Петар Арсовски, пак), беа поздрвени од восочни фигури. Полошо водење на статисти во филм не сум видел.
Ја спомнав изјавата за новинарите на Џиџи, т.е. неговата доцна исповед - потполно непотребна во цел филм (ова го прочитав и во рецензијата на Влатко Галевски во Филм+) - ништо ни добивме, ни изгубивме со неа, може само еден facepalm плус.
Приказната не очекував дека ќе ја сведат на толку елементарно ниво. Јас од Златната петорка не видов ништо во филмов. Единствено се издвојуваше Маки (Александар Ристоски), а останатите момци ми делуваа ко статисти, а не како актери кои портретираат улоги кои треба да се стожерот на филмот. Ни да се расветлат мотивите, нивните делувања, нивните идеи и идеали, па дури и начинот на кој беа убиени беше прикажан некако преедноставно... А се согласувам и дека пренесувањето на приказната во 2016 беше очајно изведено и не сфаќам што сакаше да се постигне со тоа. Но, баш затоа што не дознав ништо од тоа што сакав за Златната петорка, до некаде е и позитивно, зашто ме заскокотка, ме заинтригира, и сега сакам да го најдам и прочитам романот на Братислав Ташковски - „Расцепен ум“, по чии мотиви е направен филмов. И сигурен сум дека ќе ми се допадне повеќе од филмот.
Не сум забележувал толку многу технички детали од типот на шминка и фризура во нашиве филмови, но тука дури и тоа беше катастрофално страшно. Децава од петорката, особено Влатко Илиевски, имаа по пет кила пудра на лицето, што беше толку очигледно, што на моменти гротескно изгледаа ко травестити.
Ај, да не биде сѐ така црно - ми се допаднаа музиката, и секс сцената на Јана Стојановска и Александар Ристовски. И тоа што ме заскокотка да дознаам повеќе за златната петорка од Струмица. И толку.
5/10