Во Република Македонија доминира поданичкиот тип на политичка култура што подразбира висок степен на подршка на власта. Граѓаните имаат респект кон политичкиот ситем и неговите институции, покажувајќи висок степен на лојалност пред сé кон државата (власта), а во извесна мера и кон сите други субјекти во политичкото живеење. Граѓаните имаат мала доверба во можноста, со своето учество, да влијаат врз политичките процеси. Меѓу народните маси преовладува мислењето дека политиката е, исклучиво, раководена од страна на политичките елити кои самостојно ги донесуваат одлуките и врз кои е многу тешко да се влијае. Кај нас тоа се потврдува со фактот што изминативе осум години истата политичка опција победува на локалните, претседателските и парламентарните избори. Земајќи го во предвид фактот што суштинските проблеми како што се сиромаштијата, невработеноста и лошата економска состојба со коишто се соочуваат граѓаните на Република Македонија и натаму остануваат нерешлива енигма, сосема е јасно дека подршката кон постојната политичка елита на власт се темели врз популистичките методи коишто, засега, политичките елити на власт мошне успешно ги имплементираат во комуникацијата со граѓаните. Несомнено е дека Македонија е сеуште многу далеку од партиципативната политичка култура којашто е типична за западно европските развиени демократии и се карактеризира со плурализам, активен однос кон општествената стварност, толеранција и рационален пристап во прифакањето и признавањето на легитимитетот на власта. Во овие држави, граѓаните имаат висок степен на доверба во институциите на системот и развиена свест, како за своите можности да влијаат врз политички процеси, така и за институционалните механизми што ги имаат на располагање за активно да влијаат врз политичкиот живот во општествената заедница во која егзистираат. Едноставно кажано живееме во време кога се спроведуваат реформи без притоа да се има свест за промените, содржините и последиците кои што треба да произлезат од нив.