Тестирање кај првакот на Африка
Во периодот предвиден за настап на репрезентациите, селекцијата на Македонија отпатува за Тунис. Таму ќе одигра три натпревари со неодамна крунисаниот првак на Африка.
Македонскиот сениорски тим во речиси комплетно изменет состав од тој што оригинално го планираше селекторот Љубомир Савевски денеска ќе го одигра својот првиот натпревар по јануарските квалификации.
Тековниве денови се во рамките на неделата на ЕХФ, период во кој клубовите се должни да ги ослободат своите играчи за настап во националните тимови. Тоа не функционира перфектно низ Европа, па ретко кога и се собираат најсилните состави. Оваа недела на ЕХФ е предвидена за подготовка за јунските баражи за СП. Македонија, балгодарение на ремито со Литванија во квалификациите во Адана, е слободна до октомври.
На покана на федерацијата на Тунис македонскиот состав отпатува на северот на Африка, каде во градовите Соус и Хамамат ќе одигра два контролни натпревари.
Првата средба се игра денеска во 18:00 часот по локално време (19:00 според македонско локално), втората и третата веројатно петок и сабота.
Противници требаше да се Тунис и Алжир, но ќе играме само три натпревари со Тунис. Оригинално, требаше и Ц. Гора да учествува и ова да биде турнир, но нема да биде така. Недела ќе им биде ден за одмор, во понеделник ќе имаат два тренинга, неколку играчи (вклучувајќи го и Лазаров) заминуваат на 18, а другите дури во вторник тргнуваат назад кон Македонија.
Македонската експедиција вчера не беше достапна, што оди на сметка на нивната сериозност.
Неколку откажувања и тоа од клучни играчи се случија непосредно пред заминувањето на тимот за Тунис. Раде Стојановиќ, Наум Мојососки, Стојан Стоилов и Мите Стоилов останаа во Скопје.
Мите Стоилов има проблем со препоните и периодов ќе се обиде да се рехабилитира. Стојан Стоилов има сипаници и ќе го нема извесен период, Наум Мојсоски место за Тунис ќе патува на рехабилитација во Словенија каде ќе треба конечно да поработи на проблемот со грбот кој е актуелен веќе неколку месеци.
Интересно, но РФМ овој пат успеја да ги замени авионските билети во последен момент.
Горан Кузманоски и Мите Караиванов одново добиваат шанса да играат за репрезентацијата, а Стојан Стоилов ќе биде заменет на линијата од Дарко Јанев.
Тешко е да се каже дали е воопшто и оправдано одењето во Тунис кога не е на располагање пола репрезентација. Присуството на Кирил Лазаров, прави да бидеме "сериозни", но факт е дека кога ќе дојде ред да се играат квалификации, бековската линија ќе тешко да се замисли без Филип Миркуловски, Наум Мојсоски, Ацо Јоноски, Влатко Митков, Раде Стојановиќ, одбраната без Мите Стоилов, Ванчо Димовски, Владимир Темелков...
Лазаров, Алушевски и голманите прават репрезентацијата која е во Тунис да може да се нарече "А" репрезентација. Корист од играње контролни натпревари секогаш има, штета е само што на мегдан на првакот на Африка одиме со некомплетен тим. Лазо Мајнов е повратник во репрезентацијата со што веќе се исправени речиси сите "фалинки" од минатото и одново селекторот може да смета на сите играчи кои ги има Македонија на располагање. Барем во делот на откажување или непојавување на собирите на националниот состав.
Македонија во понеделникот ги дозна противниците за квалификациите за ЕП 2012 во Србија. Ждрепка каква што можевме да посакаме. Истото го велат и БиХ и Унгарија, а само за две репрезентации ќе има место на континенталниот шампионат.
Затоа Македонија мора уште веднаш, да почне сериозно да работи за да ја спреми репрезентацијата за квалификациите. Плус да не заборавиме, веројатно ќе играме и со Естонија, а тоа е репрезентацијата која досега ја немаме победено на нивни терен, а сме играле двапати и двапати сме "кикснале" во Талин, по што сме пропуштале шампонати.
На сево ова мора да додадеме дека ова е веројатно последната шанса на оваа генерација по полесниот пат да стигне до првенството. Не се пласираме ли на ЕП, тогаш ќе падне рејтингот на македонскиот тим и веќе нема да бидеме во втор, туку во трет шешир, а тоа би значело дека би имале фаворит плус во квалификациите.
Р. Ѓ.
ПРОТИВНИКОТ ВО СЛЕДНИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ СО МНОГУ ПОКВАЛИТЕТНА ПРОВЕРКА
Унгарија на спаринг со Словачка и Грција
Унгарија периодов ќе го искористи за играње контролни натпревари, а нивни противници ќе бидат репрезентациите на Словачка и Грција.
Унгарија ќе биде организатор на турнирот кој почнува утре со дуел меѓу Словачка и Грција.
БОСАНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ СЕ СЕЛИ ВО ДАНСКА
Хармандиќ во Силкеборг
Веројатно најдобриот играч на репрезентацијата на БиХ со која ќе играме во квалификациите, плејмејкерот Аднан Хармандиќ, на лето го напушта тимот на Горење од Словенија и се сели во Данска. Екипата на Бјеингбро Силкеборг ќе биде неговиот нов тим.
ПОВЕЌЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ЌЕ ТЕСТИРААТ ВИКЕНДОВ
Германија со скандинавците
Два големи турнири се играат викендов. Едниот е во Чешка, другиот во Норвешка.
Во Чешка се среќаваат репрезентациите на Чешка, Австрија, Словенија и Русија. Турнирот го отвораат Австрија и Русија.
Во Норвешка ќе се сретнат скандинавските репрезентации и Германија. Првиот меч е резервиран за дуел меѓу Шведска и Данска, а домаќинот силите ќе ги одмери со репрезентацијата на Германија.
Јуниорите пред тежок испит
Машката јуниорска репрезентација на Македонија синоќа замина за Исланд каде што од петок до недела ќе игра во квалификациите за Европското првенство кое се одржува годинава. При ждрепката немавме воопшто среќа, па за противници ги добивме составите на Исланд, Црна Гора и Србија. Се работи за силни селекции против кои ќе имаме големи проблеми да обезбедиме добар резултат.
Турнирот кој јуниорите го одиграа во Романија беше показател дека во моментов оваа генерација има само одредени поединци коишто веќе имаат меѓународно искуство зад себе. Се виде дека претстојат тешки средби на кои ќе треба многу повеќе од максимум за да се направи подвиг.
Исланд како домаќин е прв фаворит, а тимот ќе биде предводен од ракометарот на Кил, Палмарсон, којшто е главниот адут на оваа селекција.
Интернационалец во Бундес-лигата имаат и во составот на Србија. Се работи за бекот на Флензбург, Петар Ѓорѓиќ, којшто ќе биде главен адут на овој состав во обидот да се обезбеди место на Европското првенство. Првите два тима ќе заминат на завршницата, па оттаму задачата е дополнително потешка.
Што се однесува до Црна Гора, во овој тим има двајца ракометари кои се добро познати на македонската јавност бидејќи играа во Вардар Про. Бекот Стефан Вујовиќ и крилото Милош Калуѓеровиќ ќе ја предводат оваа селекција на квалификациите.
И Македонија има свои адути во Никола Марковски и Дејан Манасков. Сепак, во нашиот состав недостигаат повеќе собири во текот на годината и контролни средби. Натпреварите во Романија на кои забележавме два високи порази со идентични 44:22 и едно реми од 27:27 беа први за овој тим, а воедно дојдоа по само 3-4 тренинзи. Со подготовки од неколку дена навистина е тешко да се очекува нешто повеќе од јуниорите освен добро претставување во Исланд. Секој освоен бод би бил еднаков на подвиг.
Д. М.
Со 14 ракометари за Исланд
Во составот на јуниорите место имаше за 14 играчи коишто ќе се обидат да се изборат за добар резултат.
ГОЛМАНИ
Антонио Пешевски (Металург Јуниор)
Крсте Костески (Струга И. Мкд)
ЛЕВИ КРИЛА
Нино Ѓуровски (Металург Јуниор)
Владимир Спировски (Металург Јуниор)
ДЕСНИ КРИЛА
Кристијан Василевски (Преспа)
ЛЕВИ БЕКОВИ
Дарко Георгиевски (МРК Вардар)
Дарко Димитриевски (МРК Вардар)
СРЕДНИ БЕКОВИ
Дејан Манасков (Металург)
Петар Јованоски (Струга И. Мкд)
Љупчо Ордев (МРК Вардар)
ДЕСНИ БЕКОВИ
Виктор Петковски (Металург Јуниор)
Ивица Лазаревски (Борец)
ПИКЕРИ
Никола Маркоски (Вардар Про)
Жарко Пешевски (Металург Јуниор)
ГРУПА 2
1. КОЛО (16.04.2010)
16:00 Србија - Македонија
18:00 Исланд - Црна Гора
2. КОЛО (17.04.2010)
20:30 Македонија - Исланд
22:30 Црна Гора - Србија
3. КОЛО (18.04.2010)
15:00 Црна Гора - Македонија
17:00 Исланд - Србија
Извор: Македонски спорт