http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=11805BD8F7C6934A8CB49BB9EB3996E7
Романија ќе н’ штелува
Ракометната репрезентација остана со четири контролки за квалификациите за СП 2011, од планираните шест, затоа што БиХ откажа
Двата контролни натпревара со Босна и Херцеговина што ракометната репрезентација на Македонија требаше да ги одигра на почетокот на јануари како дел од подготовките за квалификациите за СП 2011, отпаднаа. Македонската репрезентација засега останува со договорени четири подготвителни средби со Романија, две во Македонија, а две на гости. Според селекторот на репрезентацијата Љупчо Савевски оваа промена на планот нема да има негативен ефект на подготовките. Се прават напори да се договорат уште некои контролни средби, но и ако не се успее, нема да биде проблем, затоа што првичниот план и онака бил четири контролки.
- Отпаднаа средбите со БиХ, затоа што таа репрезентација не можеше да допатува во Македонија поради организациски проблеми. Имаше идеја ние да одиме таму, но поради можни компликации со патувањето, се откажавме. Сепак, не е проблем. Четирите средби со Романија се оптимална подготовка - вели Савевски.
Македонија ќе игра на квалификациски турнир за пласман на Светското првенство во Шведска 2011 година, кој треба да се одржи во Турција на 15 и 16 јануари. Противници ни се Литванија и домаќинот. Само првопласираниот ќе обезбеди пласман во баражот во јуни, што е последна пречка за пласман на СП.
Според планот на селекторот, репрезентацијата треба да се собере во Македонија на 14 декември, а ќе има тренинзи до 17 декември. На 18 декември ќе се патува за Романија каде следните два дена ќе се играат контролките. По враќањето во Македонија националниот тим ќе продолжи со тренинзите, а кон крајот на месецот (28 и 29 декември) тука ќе се одиграат и другите два натпревара. По Нова година тимот продолжува со тренинзи се' до заминувањето за Турција, на 12 јануари.
Селекторот сака да има почесто собири на репрезентацијата, да може да им даде шанса на повеќе ракометари да се изборат за место, да испроба нови варијанти во играта. Неодамна уште на првиот собир на сениорската репрезентација, кога беа повикани само ракометари од домашното првенство Савевски ги пофали играчите. Главно, зашто сите биле физички одлично подготвени, па ја издржаа првата „тортура“ на селекторот кој многу верува во физички добро подготвен тим.
- Бев пријатно изненаден, особено од помладите, оние што порано немале можност да играат многу. Не само од нивната физичка подготвеност туку и од сфаќањето, мотивот и залагањето - вели селекторот.
Савевски неодамна третпат беше поставен за селектор на машката репрезентација, откако претходно во краток период беше селектор на сениорите во 2000 и 2003 година. Беше селектор и на младинците во 1997 година и на женската сениорска репрезентација во 2007 година на СП во Франција.
- Се надевам дека во третиот обид ќе можам многу работи да направам, а што не успеав да ги реализирам во претходните мандати - изјави Савевски.