Темелковски без нов селекторски мандат
Актуелниот селектор на машката сениорска репрезентација ќе биде разрешен наскоро на седница на УО на РФМ
По два одработени квалификациски циклуси, за СП и ЕП, и освоено 11. место на последниот мундијал во Хрватска со машката сениорска ракометна репрезентација, селекторот Илија Темелковски наскоро ќе добие наследник. Како што дознава „Дневник“ на една од следните седници на УО на РФМ, Темелковски ќе биде разрешен. РФМ нема да му понуди договор. Темелковски, за досегашното селекторување не добиваше селекторска плата.
- Има шанси УО на Темелковски да му се заблагодари за соработката. Пости такво расположение. Но, мора да се најде добра замена. Ако нема замена каква што посакуваме, нема ни потреба нешто да се менува, вели нашиот извор од УО на РФМ.
РФМ сака да го реши селекторското прашање, зашто во јануари 2010 година сениорите стартуваат со нов квалификациски циклус, овој пат за СП 2011, во Шведска. Дотогаш би требало да има неколку собири, контролни мечеви и темпирање на формата за турнирот во Турција. Покрај Македонија и Турција, на истиот турнир ќе игра и Литванија, а само најдобриот ќе се пласира во баражот во јуни, в година.
На најуспешниот репрезентативен селектор досега, Темелковски му забележува дека ги испуштил работите од раце, особено по СП во Хрватска. Уште по пласманот на СП, лани во јуни, по елиминацијата на Исланд, ракометарите многу се опуштија. Есента киксираа против Естонија во гости, со што само си ја отежнаа работата за пласман на ЕП 2010 година, во Австрија. Темелковски не успеал ниту да ја држи под контрола ситуацијата во репрезентацијата, особено за време и по СП, Атмосферата меѓу играчите е нарушена, подлегнал на притисоци и влијанија, а имал „попуст“ кон одредени избраници кои и покрај нивната лоша игра, постојано добивале доверба.
Сите сакаат Македонец на клупата
Трите учества на големите натпреварувања, на ЕП 1998, СП 1999 и СП 2009 година, Македонија ги оствари со домашни селектори. Затоа сакаат во РФМ да продолжат со истата приказна. Веројатно треба повеќе да се ценат домашните тренери, кои може да се избројат на раце. Малку наши тренери веруваат во себе, уште помалку вложуваат во себе, во посета на семинари, едукација, не функционира нивната тренерска организација, освен за гласање. Не си го штитат еснафот, па затоа и во Македонија послабо котираат и немаат привилегии како странците.
Од друга страна, факт е дека со Темелковски на клупата играчите беа опуштени, без притисок. Брзо стигна и заситувањето од ваквата релаксирана атмосфера, па почнаа зад грб да „бараат влакно во јајцето“.
Досега со машката репрезентација работеа 10-мина Македонци, без разлика дали биле „постојани“ или со префиксот в.д. за еден или повеќе натпревари. На таа листа се: Ванчо Јовановски, Славе Атанасовски, Ристо Трпчевски, Цане Крстевски, Стефче Стефановски, Драган Здравковски, Љубомир Савевски, Стојан Петрушевски, Гино Стрезовски и Илија Темелковски.
Што бара РФМ од селекторите
Никогаш досега при промовирање нов селектор, без разлика дали е тој за машката или женската репрезентација, од новоименуваниот кормилар јавно и јасно не било побарано остварување на некоја долгорочна цел. Ниту пак се имало стратегија што сакаме да направиме во следниот период. Секогаш се одело со привремени решенија и „инстант-резултати“.
Ретко се успевало. Ниту еден селектор не бил на плата и не бил „само селектор“ туку најчесто неговиот ангажман бил врзуван со работата во одреден клуб.
Ретко кој имал докрај одврзани раце во однос на исполнување на предложената програма, договарање силни мечеви, турнири. Некои ќе се сетат дека имавме селектори кои „вадеа“ репрезентативци од „нафталин“, од третолигаши во странство, на штета на нашите младинци кои трпеливо ја чекаа шансата и никогаш не ја добиваа.
Затоа, треба стратегија. Шанса се квалификациите за ЕП 2012 кое се одржува во Србија. Тогаш ќе играме во група и ќе бркаме едно од првите две места. Треба ладна глава и цврста рака. Ракометари имаме, знаат да играат и можат да победуваат. Тоа го покажаа.
#