ВАРДАР ПРО НЕМА ДА МОЖЕ ДА СМЕТА НА ИСКУСНИОТ ЛЕВ БЕК НИТУ НА СЛЕДНИТЕ ПЕТ НАТПРЕВАРИ ОД ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Стојановиќ на прегледи во Хрватска
Левиот бек на екипата на Вардар Про, Раде Стојановиќ вчера замина за Загреб каде што во следните денови ќе треба да добие одговор за повредата на неговото колено и околу тоа како ќе се санира истата.
Уште во саботата стана јасно дека Стојановиќ нема да може да настапува за Вардар Про се додека неговата повреда не биде комплетно санирана. Тој не можеше да игра против КИФ Колдинг иако тренираше во деновите претходно. Пред средбата почувствува болки во коленото и поради тоа мораше повторно да мирува со што практично левата бековска позиција остана ослабена.
Според тоа како се одвиваат работите засега е јасно дека Стојановиќ прво ќе направи прегледи во Загреб. Првите наоди велат дека има проблеми со рскавицата на левото колено. Ова е стара повреда која не беше доволно добро заздравена и која на мечот против Динамо Минск минатиот месец беше обновена. Токму поради тоа сега ќе мора после прегледите во Загреб да се донесе одлука како ќе се одвиваат работите понатаму.
Најголема веројатност е дека ќе мора да биде извршена хируршка интервенција. Доколку биде утврдено дека тоа ќе треба да се направи, тоа веројатно ќе се случи во Загреб, а засега може само да се шпекулира околу тоа колку време ќе биде потребно додека Стојановиќ да се врати на теренот.
Она што барем засега изгледа како сигурно е дека Стојановиќ нема да може да им помогне на своите колеги на средбите против Адемар и Кил. Тој сигурно нема да биде во составот и за дербито против Металург во Автокоманда, но ниту за следните три натпревари од Лигата на шампионите во кои Вардар Про е домаќин на Барселона и Амичитиа, а и гостува на Барса.
Во една таква ситуација Вујовиќ нема многу простор за менување пред следните натпревари. Одново ќе може да се смета на истите ракометари коишто играа и против Киф Колдинг. Единствената измена која би можела да се случи е на десно крило каде во комбинација е уште и Влатко Јовчевски. На средбите од ЛШ сезонава има по 16 ракометари во записник, па оттаму и има простор за комбинација од повеќе играчи за време на средбите.
Пред мечот со Адемар "вардарците" прво состанчеа барајќи ги грешките коишто беа направени на првиот дуел, но секако и причините поради кои ја снема мотивацијата кај поголемиот дел од ракометарите. Секако сето ова ќе мора да биде поправено пред дуелите коишто следуваат веќе в сабота, а потоа и в среда во Автокоманда.
Ако Киф Колдинг беше клучен меч кој можеше да му ги отвори ширум вратите на Вардар Про кон 3. место во групата, дуелот со Адемар значи многу пред с$ во поглед на тоа дали "црвено-црните" ќе ги задржат шансите во голем процент за осминафиналето. Дуелот потоа против Металург и не треба да се потенцира што значи за двете екипи бидејќи во последните неколку години ова се тимовите кои го привлекуваат вниманието на ракометната јавност во Македонија. Оттаму е јасно дека сите мисли сега ќе биде насочени кон она што претстои прво во Адемар, а потоа во Скопје. Она што беше загубено во "Борис Трајковски" во саботата сега ќе треба да се надомести, а мечот против Адемар е првата шанса за тоа да биде направено.
ДЕНЕСКА ДЕРБИ МЕЧ ВО ГРУПАТА "Ц"
Хамбург го пречекува Сиудад
Екипата на Хамбург која многу се засили во подготвителниот период денеска го пречкува Сиудад Реал во рамки на 2. коло од Лигата на шампионите во групата "Ц". Овој дуел заедно со тој во Загреб кој е од истата група ќе бидат за отворање на борбите од 2. коло во сите групи.
За разлика од првото коло кога само еден меч се одигра пред викендов сега ќе има повеќе, но дефинитивно тој дуел во Германија најмногу го привлекува вниманието. Хамбург е можеби мал фаворит пред с$ поради фактот што се работи за тим кој имаше многу засилувања, но и за тим кој игра одлично на стартот на сезоната и во Бундеслигата. Оттаму денеска се очекува да биде одигран интересен натпревар во кој лесно може да се случи актуелниот шампион да претрпи пораз после долго време.
Лазаров пред нов триумф
По десетката која ја имаше на дуелот во Норвешка против Филинген, Кире Лазаров денеска ќе има шанса за нови погодоци, но сега на домашен терен против Алињас од Шведска. После првото коло Кире Лазаров се наоѓа на 2. позиција зад Кнудсен од Виве Киелце кој има 15 гола. Сепак, јасно е дека Лазаров ќе има многу повеќе погодоци во следниот период и се очекува зголемување на вкупниот збир на голови така што би требало веќе во ова коло да се врати на врвот.
Инаку, тимот на КО Загреб денеска е голем фаворит против Алињас и се очекува да дојде до победата.