МАКЕДОНИЈА СО СВОЈ ПРЕТСТАВНИК ВО НЦАА-ЛИГАТА
Ѓуроски сонува НБА-настапи
Најголемите и најкорисни совети за да си го претвори сонот во јаве младиот кошаркар ги добива од славниот Карл Мелоун во универзитетскиот тим на „Луизијана тек“
Стојан Ѓуроски (19 г.) е првиот Македонец што ќе настапува во кошаркарската универзитетска НЦАА-лига. Најголемите професионални совети ги добива од славниот Карл Мелоун, поранешна суперѕвезда на НБА-лигата. Деветнаесетгодишниот Македонец е дел од кошаркарската екипа на универзитетот „Луизијана тек“, каде што настапувал Мелоун, а сега е еден од главните донатори на екипата.
- При првата посета на колеџот ме пречека Мелоун и бев вчудовиден од неговата непосредност при комуникацијата. По неколкумесечниот престој се зближив со него, па често одиме на ручек и разговараме за кошарката и за мојата кариера. Од него добивам многу корисни совети. Тој истакнува дека со добри игри во НЦАА-лигата постои голема веројатност да се биде дел од најдобрата кошаркарска лига на светот - НБА - вели Ѓуроски.
НЦАА-лигата им е посветена на образованието и на кариерата на студентот-спортистот и се залага да му обезбеди стабилен напредок на двете полиња. Од познатите кошаркари порано за „булдозите“ играле Пи Џеј Браун и Пол Милсап. Овој универзитет досега петпати учествувал во плејофот, а трипати стигнал меѓу 16. најдобри колеџ-тима во САД.
- Оваа лига се залага да се постигне највисокото ниво на квалитет, како на спортските терени, така и во академските клупи. Секако, тоа бара голема одговорност од страна на студентот-спортист. Еден нормален ден изгледа вака: будење во 5.30 наутро, бидејќи во 6 часот почнува првиот тренинг, од 9 часот почнуваат предавањата на факултетот, а потоа следува задолжителното учење. Попладне повторно имаме тренинг - појаснува младиот кошаркар.
Натпреварите во лигата почнуваат во ноември. Стојан истакнува дека во тој период патувањата ќе бидат двојно зголемени бидејќи темпото на игра понекогаш е и до три натпревари во неделата.
- Постојано треба да се следат и училишните обврски, така што самиот систем не дозволува студентот-спортист да има премногу слободно време за други активности. Исто така, мора да се истакне дека оваа лига е професионална до тој степен што има специјален режим на исхрана. Професионалци во таа област работат посебно со секој играч. Имаме и посебни кондициски и фитнес-тренери. Крајната цел на колеџите е студентот-спортист да дипломира, со цел да има повеќе опции за работа по завршувањето на кариерата - открива тој.
Стојан потекнува од кошаркарско семејство, а неговите професионални ангажмани почнале на 13-годишна возраст кога станал дел од тимот на Гостивар. Кариерата ја продолжува во кошаркарскиот клуб Вардар од Скопје, каде што игра две сезони и ги освојува првенството и Купот на Македонија во јуниорска конкуренција. Кариерата и образованието ги продолжува во средното училиште „Лифе Центер Ацадемѕ“ и во истоимената кошаркарска екипа во градот Флоренс, во сојузната држава Њу Џерси. Неговите добри игри не остануваат незабележани, по што добива понуди и стипендии за продолжување на образованието и на кошаркарска кариера во неколку колеџи.
- По разгледувањето на понудените услови, се одлучив да заминам во Louisiana Tech University - Ruston, со што официјално станав и првиот, а засега и единствен Македонец што настапува во НЦАА-лигата. Се надевам дека еден ден ќе заиграм и во НБА-лигата, што е мој животен сон - вели Ѓуроски, кој ќе го носи дресот со број 10 во тимот на тренерот Кери Рап.