Кој е кодошот во Уставниот суд?
Лустрацијата започна од врвот
Со најавеното преиспитување на Законот за лустрација во Уставниот суд се промовира сериозен собраниско-судски уставен судир во кој некој можен “кодош” меѓу уставобранителите како да си ја ишка мувата не од капата, туку од главата. Но, за тоа го тресе целиот уставен поредок
Пишува: Илија МАКСИМОВСКИ
Фото: Андон ДАВЧЕВ
Дали Законот за лустрација ги скратува човековите права и слободи? Ова е официјалното објаснување на Уставниот суд за да отвори расправа на подготвителна седница, а потоа и да одлучува дали ќе го укине Законот за определување на дополнителен услов за вршење јавна функција.
Но, кога попедантно ќе се погледнат поднесените иницијативи од тројца граѓани (редовни “соработници” на Уставниот суд) и Фондацијата “Сорос” кои во општата декларативност дека се работи за иницијативата за заштита на човековите права, како да се затскрива прашањето: Дали и уставните судии и Претседателот на Републиката треба да бидат подложни на лустрација?
Тоа и се конкретизира со рефератите под број У.бр. 42/2008 и У.бр. 77/2008 кои се однесуваат на член 5 и член 10, токму на делот за Претседателот на Република Македонија во Законот за лустрација.
ИМА ЛИ “КОДОШ” ВО УСТАВНИОТ СУД?
Леснотијата за прифаќањето на иницијативата за уставно преиспитување на Законот за лустрацијата, а со тоа да се отвори можност тој и да биде укинат, отвора едно суштинско прашање: Дали навистина станува збор за заштита на уставноста во делот на човековите права или се работи за манипулација за заштита и воспоставување уставен исклучок кога се однесува за позицијата на само две државни институции? Има и трето: Дали не се работи и за тоа под покритие на нивната заштита да се остави во живот темната страна на македонската политика и држава во злоупотребите на тајните служби од 1944 до 2008 г. направени на штета на граѓанските и политички слободи и права, па дури и за затскривање сериозни кривични дела кои не застаруваат?
Со цела почит кон Уставниот суд како институција и неговите членови, но со прифаќањето на иницијативата се поставуваат неколку суштински дилеми:
1. Дали воопшто уставните судии имаат правна и морална основа да расправаат и одлучуваат за уставност на важечки закон кој самите не го спроведуваат. Имено, Законот за лустрација предвидува и самите уставни судии да бидат подложени на лустрација, односно да дадат изјава дека во периодот кој го опфаќа Законот не биле соработници на тајните служби. Иако Комисијата за верификација на факти не функционира, зошто уставните судии не се дрзнат и постапат како некои пратеници кои пред и по последните парламентарни избори, во времето на нивното кандидирање доставија изјави за лустрација до Државната изборна комисија, како преодна форма до создавање услови за примена на Законот за лустрација.
Овде се наметнува и прашањето за групната просудба на уставните судии, бидејќи нивните засебни биографии со кои и дошле во врвот на македонската правда и држава се движат од интелектуални авторитети до политички скандал-мајстори. Зошто досега ниту еден уставен судија не се појави јавно да ја изнесе својата професионална и лична дилема за лустрацијата која е и законска, но и лична обврска, туку тоа го иницираа личности на кои уставобранителството им е забава и здружение на граѓани (Сорос) кое е длабоко заглавено токму во лустрациониот материјал?
Ова наметнува сериозна и тешка јавна дилема дали и меѓу уставните судии се крие некој “кодош”, односно соработник на тајните полиции.
2. Дали на најавената подготвителна расправа Уставниот суд ќе ги повика истите оние експерти кои впрочем и го напишаа Законот за лустрација? Дали не е премногу наивно да се очекува истите луѓе да застанат против својот труд? Секако, реална е можноста во уставната сала да бидат собрани некои од “кодошите” од интелектуалните средини кои сесрдно се обидуваат лустрацијата да пропадне. Едноставно, луѓето си се штитат себеси за да си ја задржат “работата” и моќта со која располагале последните шеесетина години.
Трета и најголема дилема: Дали уставните судии воопшто го погледнале Законот за лустрација, за да дефинираат дали зборуваат за човековите права на сите граѓани на Македонија, или за “човекови права” на потенцијалните криминалци скриени во безбедносните структури на државата? Македонската лустрација од самиот почеток, сè до сегашната фаза на уставно преиспитување ја следи сенка на погрешна јавна презентација. Во иста категорија се ставаат професионалците кои работеле и соработувале со безбедносните служби кои народно се нарекуваат тајни полиции со поединци кои со злоупотреба создавале лична корист. Најкратко речено, Законот за лустрација се однесува токму на овие вториве.
ИНГИЛИЗОВА КАКО ПРИМЕР
Лилјана Ристова-Ингилизова е особено податна за конкретнава анализа. Од времето кога како претседател на ДИК се прослави со тврдењето “не се важни гласачите, туку се важни бројачите”, до нејзиниот придонес како Претседател на Уставниот суд кој по налог на држалникот Б.Ц. го укина Законот за пратеници со објаснување “не е време”, па сè до присуството за време на запечатувањето на кабинетот на починатиот Претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, по авионската несреќа кај Мостар, Ингилизова сосема разбирливо се наметнува како еден од најсилните катализатори на уставната дилема ќе има или не лустрација во Македонија. Ова со цел да бидат изземени од одговорноста за следење, прислушување и кодошење на граѓаните, уставните судии и Претседателот на Републиката, со што влегуваат во категорија граѓани за кои уставната определба дека пред законите сите граѓани на Република Македонија се рамноправни - нема да важи.
УСТАВНО-СОБРАНИСКА КРИЗА!
Со самата најава за можно поништување на Законот за лустрација, без разлика на крајниот резултат, Уставниот суд од пратениците во Собранието на Македонија прави политички дилетанти кои, всушност, и не знаеле што гласаат, туку изгласале антиуставен закон. Но, ако се има предвид дека како во ретко која прилика, ако не и единствена, во Собранието на Македонија за овој закон беше постигнат консензус, прашање е: кој, всушност, е бранител на државата? Овде се наметнува и прашањето за политичкиот опортунитет и политичка зависност на уставните судии од времето на нивното именување, односно кој ги поставил сегашните уставни судии на позицијата на највисока судска власт и дали истите центри на политичка моќ не се надвор од Собранието како најмоќна, иако нелегална власт во државата.
Олеснителната алтернатива на уставното минирање на лустрацијата е еден од последните грчеви на корумпираната бирократија во Македонија како одговор на најавената реформа на македонското судство, каде според сите проценки се наоѓаат како центрите на организиран криминал, така и главните кочници на реформите на државата.
Лустрацијата ќе предизвика земјотрес во судовите
Иако јавната расправа за лустрацијата беше сведена на ниво на маалски муабет, добрите познавачи на лустрациониот материјал очекуваат суштински промени во македонската држава. Со спроведувањето на Законот за лустрација, покрај малите кодошки подлости ќе се отворат и законски постапки за одговорност за македонските историски петна како стрелањето на 52-ца велешани, преспанските и кумановските ликвидации, побуната на штипскиот гарнизон, македонците на Голи Оток, кражбите на денационализациите и сл. Законот за лустрација дава реална основа за отворање судски постапки за кривични дела кои не застаруваат согласно со други закони на Република Македонија.
http://forum.com.mk/#_tools/article/3778/view