Можеме до утре да дебатираме која генерација била поквалитетна и поталентирана (и со големо задоволство би го правел истото) но, она што може да се извлече како заклучок од целиот муабет е дека генерацијата 1996 беше почетокот на малку посериозна работа со младите генерации од страна на РФМ.
Резултатите од нивната работа веќе се гледаат. Основната цел на целиот тој процес е да се создадат играчи за сениорскиот тим, се друго е споредно! Основата на сениорскиот тим се играчи од таа 1996 генерација: Талески, Кузмановски, Велковски, Јагуриновски па и Лазаревски и Џонов кој упаднаа малце подоцна, но веќе се стандардни. Нормално, тука беа и сеуште се неколку староседелци како: Митревски, Маркоски и Пешевски. Од генерациите родени 2000та и нагоре тука се: Серафимов, Митев, Кизиќ, Костески, браќата Атанасијевиќ итн.
Со други зборови, инвестирањето се исплати и ги дава резултатите кои се бараат од истото. Тука морам да го напоменам РК Алкалоид како клуб кој има голем придонес врз целиот овој процес. Имам купишта замерки за истиот но тоа е друга тема. Речиси сите играчи кои играат таму - напредуваа.
За поголеми успеси, висок пласман, медал итн. ќе треба да се променат уште купишта други работи кои не се директно поврзани со ракометот (но ќе се одразат врз истиот) за да ги дочекаме. Не мора да значи дека нема да се случи, можеби ќе се погоди некоја исклучително талентирана генерација, но доколку не се случи не треба да се паѓа во очај затоа што како што кажав и претходно - стигаат играчи за сениорскиот тим. Далеку од тоа дека е идеално, меѓутоа ситуацијата не е ни од блиску толку црна како што изгледаше пред само некоја година.