Ништо ново.
Уште една приказна, слична како и оваа:
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=0&EditionID=1489&ArticleID=97682
само што е отпечатена во друг весник, во друг временски период, и во друго пакување, односно, со друго сценарио.
Во август 2008, министерот за информатичко општество на Република Македонија, Иво Ивановски, за Време изјавува дека, преку македонската дијаспора, успеал да оствари средба со првите луѓе на PayPal, со кои се договориле PayPal да почне да ги нуди своите услуги и во Македонија од 2009.
Во летото 2009, српската министерка за телекомуникации и информатичко општество, Јасна Матиќ, за српската јавност изјавува дека, PayPal ќе почне да ги нуди своите услуги и во Србија од 2010.
Во септември 2010, истата таа српска министерка за телекомуникации и информатичко општество, Јасна Матиќ, заедно со министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Миле Јанакиески, за јавноста изјавуваат дека, Македонија и Србија заедно ќе испратат нота до PayPal за да почне да ги нуди своите услуги и во Македонија и Србија:
http://www.b92.net/biz/vesti/srbija.php?yyyy=2010&mm=09&dd=19&nav_id=459601
И еве не, на 1 ипол месец од новата година 2011, а на македонската, српската и црногорската јавност, им се продава истата приказна, но во друго пакување, односно со друго сценарио, според кое, PayPal ќе почне да ги нуди своите услуги во Македонија, Србија и Црна Гора од 2011.
Се разбира, тоа не значи дека веќе на 1 јануари 2011 ќе почнеме да ги уживаме услугите на PayPal во овие три држави, ама 1 година трае 365 дена, а на Балканот лагите се секојдневна навика, така да, и со вакви приказни, сепак ќе преживееме некако, па ќе видиме, дали заклучно со 31 декември 2011, во Македонија ќе бидат достапни услугите на PayPal, или не.
Доколку веќе на 1 јануари 2012, услугите на PayPal и понатаму останат недостапни во Македонија, слободно ќе можеме да дојдеме до заклучок дека и ова е само уште една приказна, чисто само колку за да се смирува рајата, за да не се буни и за да си дреме мирно.
Инаку, една работа треба да се разјасни, а тоа е дека проблемот поради кој PayPal не ги нуди своите услуги во Македонија, не е поради македонскиот закон за банки, според кој, граѓаните на Република Македонија не смеат да имаат банкарски сметки во странство.
Од каде можеме да дојдеме до заклучокот дека проблемот не е кај нас ?
Па, од фактот дека други Интернет базирани сервиси, како Moneybookers, ги нудат во Македонија на целосно легален начин, кристално истите услуги кои што ги нуди PayPal, вклучувајќи ја и опцијата да си отворите сопствена Интернет сметка на која можете да ставате пари.
Освен ако Moneybookers нелегално работи во Македонија, друго објаснување би било дека проблемот не е кај нас, туку кај дамите и господата во PayPal.
По тоа што јас го имам слушнато, причината поради која што PayPal не ги нуди своите услуги во Македонија, е бидејќи македонската законска регулатива ќе бара PayPal, за секоја остварена трансакција, или за секоја остварена трансакција над не помнам која одредена сума, ќе мора да ја извести Управата за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам. Ова правило не им се допаѓало на дамите и господата во PayPal, поради што, PayPal и понатаму не ги нуди своите услуги во Македонија.
Исто така, има една теорија според која, PayPal не ги нуди своите услуги во Македонија, поради високата стапка на електронски измами и кражби.
Ваквата теорија слободно можеме да ја баталиме, бидејќи, ако една Бугарија, која е рај за криминалците на Балканот, како и една Русија и еден Израел, кои се шампиони во хакирање и електронски измами и кражби, може да ги уживаат услугите на PayPal, тогаш и една мала Македонија, со нешто над 2 милиони народ, заслужува да ги ужива услугите на PayPal.
Е сега, не сме најголема држава во светот по големина на територија, како Русија, ниту сме стратешки партнер на западот на Блискиот Исток, како Израел, поради што тешко дека било кој би одбил да тера бизнис со овие две држави, ама тоа не е никакво оправдание за да Македонија биде заобиколена од страна на PayPal.
Така да, од тука, и оваа теорија паѓа во вода.
Богами, ќе биде долга 2011, како и секогаш кога сме во очекување на добри вести, а кој знае дали воопшто ќе ги дочекаме истите тие добри вести во 2011.