http://www.sport.com.mk/?itemid=B166F872F886C94BB6019685FFF0878A
Поразот од Луксембург за секој фудбалер е како електричар да загине од струен удар, пливач да се удави во базен, маратонец да истрча 100 метри... но не и за наш фудбалски работник за кого ова е „нормална“ работа
Пишува: Игор Д. Ивановски
Не постојат толку црни бои со кои може да се пребои овој наш фудбал, оваа наша репрезентација. Исто така не постојат ниту толку лоши зборови со кои како епитети треба да се наградат нашите фудбалери. Нашите репрезентативци, нашите бранители на државниот идентитет, гордите носачи на државниот грб - МАКЕДОНЦИТЕ! Тие бруки облечени во државните бои кои со децении ни нанесуваат срамови од највисок степен. Лузери во душата, бесрамници и личности кои без душа си поигруваат со државната селекција која насекаде во светот значи светост, а само кај нас темнина. Толку ли ви не ви сече во главата или вашите генијални настапи стануваат болест која не можат да ја дијагностицираат ниту најголемите психијатарски експерти. Вие сте ѓонови, дрва, продадени души.... Вие сте сè што ви е залепено како етикета од народот, навивачите, познавачите на фудбалот. Вие фудбалерите, стручниот штаб и Федерацијата го заслужувате сето тоа. Вие треба да стоите мирно и да барате прошка од овој народ, од оваа нација која пати. Пати поради вашата неспособност, вашето незнаење и вашиот комплекс. Вие не заслужувате да бидете фудбалери (со исклучок на некои). Вие треба да се срамите, да одите со наведнати глави и да молите за прошка. И оваа и претходните генерации. И онаа од Андора, па таа со Лихтенштајн и онаа од Лузембург. Не патите од вчера или од денеска. Ние патиме со години. Со години глумиме лудило, но и самите не сме свесни колку сме очајни, бедни и мизерни. Ние и Вие сме гола вода, никој и ништо во фудбалот, а се однесувате, се однесуваа и ќе се однесуваат како ѕвезди, како големини, како играчишта.
Еј,... Луксембург. Се спасивме во Скопје, но не и на гостувањето. Се радувавме лани на среќната победа, но лекцијата не ја научивме. Подобро тогаш за да не ни се случи сега, но враќање нема. Што да се каже, а притоа да се биде паметен по еден ваков резил. И повторно ќе нагласам. Не ни е ова првпат. Ова е наша постојаност. Ние ако порано бевме кројачи на табелите и одредувачи на судбините на големите селекции сега се претворивме во пишувачи на историјата на оние што се свесни дека се на дното. Андора, Лихтенштајн, Луксембург па и Гибралтар кај малите. И што сме ние!? Сега сме фенерџии, сега сме топовска храна, сигурен „кец или двојка“. Тоа сме ние. Ние сме земја без фудбалска иднина со бледо минато и репрезентација која нема визија и стратегија. Ние со години наместо атмо имаме резил - сфера. Имаме „големини“ со шупливи позадини. Немаме лидер, немаме игра, немаме резултати.
Вака повеќе не се трпи. Се менуваат, селектори, играчи, раковотства. Се менуваат на сила но никој кога е на дното не превзема одговорности, не си оди сам туку чекаат народот да им суди. А народот на оваа генерација и на оваа Фецерација веќе им има пресудено. Со нив понатаму во ваков состав не може да преживее фудбалот и националните селекции . За фудбал треба тим на теренот и тим на функциите. Ниту Љубинко Друловиќ има избрано добар тим, ниту Ѓоргиоски има квалитетна екипа околу себе. Селекторите и претседателите секогаш одговараат за својата тактика а потоа и за резултатите. И едните и другите не се во нивни прилог.
И како сега утре со Шпанија!? Атмосфера немаме со години, стадионот ќе биде полн а народот на трибините наострен за поразот од Луксембург.
П.С: И за селекторот и за претседателот на ФФМ. Подобар пријател ви е оној кој ви ја кажува вистината и реалноста во очи отколку оние кои ги шетате, кои кимаат со главите а не знаат ништо. Потребен е двоен „РЕСТАРТ“ и ви требаат луѓе со авторитет да им ги истегнат ушите на фудбалерите кога губат од аматерски селекции.