ФУДБАЛ - ПО ВЕСТА ДЕКА БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ ТОКМАТ ЗАЕДНИЧКА КАНДИДАТУРА
И Македонија домаќин на ЕП 2020!?
И Македонија сака да биде дел од кандидатурата на балканските земји за организација на завршницата од Европското првенство 2020 година. Во Скопје има стадион кој ги исполнува сите стандарди на УЕФА за да се играат натпревари, макар од групите, за завршницата на ЕП 2020. Арената „Филип Втори“ во Скопје, која е во изградба и реконструкција со капацитет од околу 35.000 гледачи, што ќе го има веќе во наредната година. Веста дека балканските земји од поранешната СФРЈ, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина можат да истакнат заедничка кандидатура за домаќин на ЕП, ја заинтересира и ФФМ.
- Убава вест. Не сум разговарал со колегите од соседството, но убеден сум дека ако дојде до вакво нешто ќе се вклучиме во трката. Се видовме сите колеги на конгресот на ФИФА што се одржа пред почетокот на првенството во Јужна Африка, но не стана збор за оваа идеја. Деновиве ќе ги барам и ако има конкретна понуда, ќе размислуваме заеднички за сериозниот проект - вели Харалампие Хаџи-Ристески, претседателот на ФФМ.
Поранешните републики од СФРЈ се обединуваат за ЕП 2020. Челниците на овие федерации се со пофални зборови дека имаа блиски односи со претседателот на УЕФА, Мишел Платини. Очекуваат силна поддршка и од сопствените влади, бидејќи да се добие организација на една ваква манифестација е и голема економска добивка.
- Голема одлука ќе биде да се одлучи УЕФА за ваков потег - вели Томислав Караџиќ, претседателот на ФС Србија. Истото го потврдуваат во истражувањето на „Дојче Веле“ и Зорислав Сребриќ генералниот секретар на хрватската федерација, и Сулејман Чолаковиќ претседателот на федерацијата на БиХ.
УЕФА неодамна одлучи домаќин на ЕП 2016 да биде Франција. Од наредното првенство бројот на учесниците на завршницата се зголемува од 24 на 32 репрезентации. Досега коорганизатори на завршница од ЕП беа Холандија и Белгија (2000 година), Австрија и Швајцарија (2008) и Полска и Украина на наредното првенство 2012. УЕФА е се погласна во своите гледања дека со заедничка организација на завршницата ќе прави популаризација на фудбалот. Повеќе од две земји домаќини не учествувале со кандидатура за организација на ЕП. Поранешните ју-републики веруваат дека ќе бидат првите земјите домаќини кои ќе ја урнат и оваа бариера.