Еве ме, sorry што доцнам. 6 души биле во Естонија, и гледале вкупно 13 филма, додека ме немаше. И тоа:
1.
@Shawn Spencer - 4 филма - просек 7,5
2.
@Keyser - 3 филма - просек 7,33
3.
@Filip Telford и
@Варвара - по 2 филма - просек 6,87
4.
@Violetova и
@zmija1 - по 1 филм - просек 4,00
Јас заглавив во Истанбул, а
@devilko ,
@Dumbledore ,
@The Cooler King ,
@Shutmanga ,
@Mark Renton ,
@grande-juve ,
@moongoses ,
@Corvus и
@Imperatorot не знам кај биле.
______________________________________________________________
Оваа недела се враќаме дома! Како деветта држава на патувањето низ Европа, рандом генераторот ја избра:
МАКЕДОНИЈА 20.05-02.06.2022
Да, добро гледате! Дома ќе останеме 2 недели! Ова ќе биде единствена држава од Европа каде ќе се задржиме 2 недели, намерно, за да изгледаме што е можно повеќе од нашата кинематографија. А сега нешто повеќе за неа:
Филмското производство во Македонија започнало спонтано во почетокот на XX век, како поединечни опити на поединци кои беа фасцинирани со новиот медиум на подвижните слики. Браќата Јанаки и Милтон Манаки во 1905 година, само една деценија по појавата на филмот, со нивната 35 мм филмска камера „Bioscope No. 300“, производство на Charles Urban Trading Co., ги направија првите филмски снимки не само во Македонија туку и на Балканот.
Пионерскиот подвиг на Манакиевци ќе го продолжи Арсениј Јовков, снимајќи го во 1923 година филмот „Македонија“ со јасно профилирана свест за национална кинематографија. Првите обиди, пак, за организирана филмска продукција се направени во рамките на филмското одделение на Хигиенскиот завод од Скопје, кој во 1931 година започнува со сопствена филмска продукција. Пред Втората светска војна во Македонија живнува и аматерското производство на филмови.
Филмската продукција како базичен дел на институционално организираната кинематографија, во Македонија се раѓа во 1947 година со формирањето на „
Вардар филм“. Со основање на оваа продуцентска куќа, Македонија се здоби со своја национална кинематографија.
Со почетните скромни кадровски и технички можности производството на филмови брзо се развивало. Постепено се ширела техничката база, а голем број вработени се специјализирале за комплетирање на филмското производство. Тоа доведува до зголемување на филмската продукција, и со текот на времето, и до оспособување за производство на сите филмски видови и жанрови.
Во развојот на филмската продукција во Македонија, особено влијание одиграле филмските творци кои кон средината на 60-тите можеле да имаат статус на слободни (самостојни) филмски работници, кои потем на различни начини се организирале, се здружувале меѓу себе или, пак, соработувале со државната продуцентска куќа со склучување на посебни договори. Како резултат на овој статус на филмските автори, зачетоците на првичните приватни облици во филмското производство во Македонија се појавија за првпат, уште во 1968 година, кога на иницијатива на неколку филмски работници била формирана Филмската Работна Заедница (ФРЗ). Така започнува конкуренција меѓу „Вардар филм“, кој дотогаш бил монополска организација, и ФРЗ, што силно ја развива македонската филмска продукција и во квантитативна и во квалитативна смисла.
Со згаснувањето на Филмската Работна Заедница, продуцентски иницијативи пројавиле и „Македонија филм“ и „Градски кина - Скопје“, покрај единствениот „државен“ продуцент „Вардар филм“. Овие три институции одвреме-навреме влегуваа во копродукции.
Со развојот на филмското производство а, особено, со новите општествено-политички и економски односи по осамостојувањето на Македонија, дојде до експанзија на приватните продуцентски активности. Така од 1991 година во Македонија се оформени голем број приватни продуцентски куќи кои, со поголем или помал успех, работат и денес.
Хронолошки развојот на македонската филмска индустрија изгледа вака:
1905 - Започнува креативната историја на филмот во Македонија. Според сеќавањата на Милтон Манаки, Јанаки Манаки ја купува филмската камера „Bioscope“ производство на Charles Urban Trading Co. Со таа камера во родната Авдела, Гребенско, браќата ги снимаат првите „живи слики“ не само во Македонија , туку и на Балканот . За навек ќе останат забележани нивната 114 години стара баба Деспина , жени како сноват основа за ткаење и училиштен час на отворено.
1952 - „Вардар Филм“ го снима
првиот македонски игран филм „Фросина“ по сценарио на Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Снимател бил Киро Билбиловски. Премиерата е одржана на 28 јуни во скопското кино „Култура“. Владата на Македонија го оформува претпријатието за дистрибуција на филмови „Македонија Филм“.
1955 - Премиера на вториот македонски игран филм
„Волча ноќ“ и учество на овој филм на Филмскиот фестивал во Пула. Славко Јаневски добива „Златна арена“ за сценарио. Режисер на филмот е Франце Штиглиц.
1957 - Премиера на третиот игран филм на „Вардар Филм“ ,
„Малиот човек“ во режија на Жика Чукулиќ. Исто така снимени се и првите краткометражни играни филмови
„Сонце зад решетки“ на Славко Јаневски ,
„Бунт на куклите“ на Димитрие Османли и
„Подарок од веселиот молер“ на Димитар Ќостаров.
1958 - Снимен е
првиот македонски игран филм во боја и тоталскоп техника
„Мис Стон“ во режија на Жика Митровиќ. На фестивалот во Пула , следната година , Петре Прличко и Олга Спиридоновиќ добиваат „Златни Арени“ за главна машка и најдобра женска улога. Филмот доби почесни дипломи на фестивалите во Единбург 1960 и Њу Делхи 1961 година.
1959 - „Вардар Филм“ снима два играни филма :
„Виза на злото“ на Франце Штиглиц и
„Три Ани“ на Бранко Бауер. Реализирана е и
првата копродукција во Македонија ,
„Дубровски“ , во режија на Вилјем Дитерле, со продуцентот „Хеспериа Филм“ од Рим.
1960 - Производството на „Вардар Филм“ бележи мала стагнација. Освен големиот број на документарни филмови снимен е и краткометражниот игран филм
„Давид, Голијат и петел“ на Славко Јаневски.
1961 - Премиера на два нови играни филмови:
„Мирно лето“,
прв филм сниман од македонски режисер , Димитрие Османли, како и прва македонска филмска комедија и
„Солунските атентатори“ на Жика Митровиќ. На фестивалот во Пула ,
„Солунските атентатори“ ја доби традиционалната награда на публиката „Елен“ а Диме Шумка доби награда за сценографија.
1964 - Снимен е филмот
„Под исто небо“ на Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ. Одржан е првиот републички фестивал на аматерски филмови.
Отпочнува со работа Телевизија Скопје.
1965 - Во продукција на „Вардар филм“ снимен е играниот филм
„Денови на искушение“ во режија на Бранко Гапо, според драмата „Црнила“ на Коле Чашуле.
1966 - Одржани се премиерите на играните филмови
„Денови на искушение“ и
„До победата и по неа“ на Жика Митровиќ. Сценаристот Симон Дракул за филмот
„До победата и по неа“ доби „Златна арена“ на фестивалот во Пула 1966 година.
1967 - Реализирани се дури три играни филмови:
„Мементо“ во режија на Димитрие Османли ,
„Каде по дождот“ на Владан Слијепчевиќ кој на фестивалот во Авелино ја доби наградата „Lanceno d'Oro“ и
„Македонска крвава свадба“ во режија на Тале Попов. Никола Лазаревски за работата во овој филм доби награда за сценографија на фестивалот во Пула 1968 г.
1968 - Формирана е филмска работна заедница за снимање на филмови "ФРЗ". Снимен е играниот филм
„Планината на гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски.
1969 - Во продукција на „ФРЗ“ е снимен играниот филм
„Време без војна“ во режија на Бранко Гапо кој доби специјална диплома за режија во Пула 1969 година, „Сребрен медал“ за режија во Авелино 1972, како и наградите „11 Октомври“ за снимателот Љубе Петковски и „13 Ноември“ за режисерот Бранко Гапо. „Вардар филм“ го реализира играниот филм
„Републиката во пламен“ на Љубиша Георгиевски.
1970 - Во продукција на „Вардар филм“ е снимен играниот филм
„Цената на градот“ во режија на Љубиша Георгиевски.
1971 - Една од најбогатите години на македонската кинематографија. „Вардар филм“ ги реализира играните филмови
„Македонскиот дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица и
„Црно семе“ на Кирил Ценевски кој ги освои наградите „Златна арена“ за режија и „Златна арена“ за најдобра машка улога за Дарко Дамевски во фестивалот во Пула , „Жар птица“ на фестивалот во Москва за најдобра дебитантска режија и на фестивалот во Авелино 1972 , награда „Lanceno d'Oro“. Снимен е и
првиот македонски цртан филм „Ембрион No. М“ на Петар Глигоровски. ФРЗ бележи уште еден игран филм
„Жед“ во режија на Димитрие Османли.
1972 -
„Македонскиот дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица добива „Златна арена“ за сценарио на фестивалот во Пула , а за своите творби во филмот
„Жед“ , Ацо Јовановски и Неда Спасоевиќ се наградени на фестивалот на глумечки остварувања во Ниш. Во продукција на ФРЗ е снимен играниот филм
„Истрел“ во режија на Бранко Гапо.
1973 - Уште еден игран филм во продукција на ФРЗ:
„Колнати сме Ирина“ („Татко“) во режија на Коле Ангеловски. На фестивалот во Пула композиторот Томислав Зографски доби „Златна Арена“ за музиката во овој филм.
1975 - Премиера на филмот
„Јад“ во режија на Кирил Ценевски. За снимателската работа во овој филм Љубе Петровски добива „Златна арена“ на фестивалот во Пула. Филмот добива и „Специјална награда“ на фестивалот во Карлови Вари во 1976.
1976 -
Почнува со работа Кинотеката на Македонија. Премиера на играниот филм
„Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо кој на фестивалот во Пула добива „Голема сребрена арена“ а Киро Билбиловски „Сребрена арена“ за камера.
1977 - Снимени се два играни филма:
„Пресуда“ на Тале Попов и
„Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов, кој покрај „Бронзената арена“ за режија и „Сребрената арена“ за главна женска улога на фестивалот во Пула, освои и повеќе меѓународни признанија.
1979 - Документарниот филм
„Дае“ на Столе Попов е
номиниран за Оскар, а претходно стана лауреат на Фестивалите во Белград и Оберхаузен. Жиријата во Мелбурн 1979 и Лондон 1980 година му доделија специјални награди.