Lorenzo's Oil
На лизгав терен е маслото на Лоренцо, а за неговата крајна оцена ќе пресуди времето. Искрено, не знам ни самата по кој критериум да го рецензирам филмов. Дали како филмско остварување, или како приказ на вистинска приказна од животот. За второво не сум доволно запознаена, па овој филм ќе го третирам како и сите други, со критика за сите нелогичности и работи што ме нервираа, и пофалби за оние што беа како што треба. Па ајде да почнеме ми се смачи од глупавиов вовед.
Глума и ликови. Ugh. Најлошиот дел од филмов дефинитивно. Ликот на Сарандон и глумата на Нолти се толку очајни во филмов што дирекно ја уништуваат приказната и впечатокот на еден ваков тежок и суштински филм со тешки и суштински зборови како циклопентаноперхидрофенантрен и адренолеукодистрофија. Сметам дека за да се пренесе една ваква трагична приказна успешно, многу е важно да се игра на картата емоции и емпатија со родителите, низ што поминуваат и колку им е нив тешко, па да ги сожалуваме за беспомошноста и тешката судбина што им го поделил животот, но тоа тука воопшто го немаше. Сарандон цел филм одеше наоколу и се развикуваше по луѓе, воопшто не можев да сочуствувам со неа или да ја сожалувам, дури во ниеден момент ни си помислив Леле колку и е тешко, всушност многу повеќе тоа си го помислував за луѓето околу неа што мораа да го толерираат нејзиниот третман, со оглед на тоа што со нив се однесуваше како со животни, а не со луѓе. За „Италијанецов“ па што да се каже, карикатура. Со преглумувањето и акцентот како да гледав комедија, а не драма. Се на се мене овој елемент од филмов ми беше за 5 или евентуално 6, а двајцата ми беа ептен тежок флоп. Детево што го глумеше Лоренцо, во џеб стави двајца Холивудски ѕвезди со години и години искуство.
За приказната нема што многу да се збори, доста солидна и ми се допадна, неа би ја оценила со 8, можеби малку субјективно зашто мене вакви теми ми лежат и интересираат. Ми се свиѓаше тоа што беше објаснета болеста онолку колку што беа потребите на филмот, ни помалку ни повеќе. Овде нешто што би искритикувала е тоа што некои изолирани сцени ми беа ептен дебилни и ме нервираа, како сцената кај докторот Николаис кога им објаснуваше како се наследува болеста, а овие двајца ко од Марс паднати, а болеста беше веќе во 6ти месец од првата манифестација, на страна тоа што некои работи ги објаснија порано во филмот, и тука пак ги повторуваа. Не разбирам како родителиве немаа до тогаш прочитано и разбрано се за болеста на нивниот син, мене ми е тоа несфатливо. 6ти месец од почетокот на симптомите, а Сарандон допрва дознава дека таа е носител на болеста и прашува зошто таа не е болна а нејзниот син е???? Еве јас деца немам, нека ми каже некој родител тука дали ако неговото дете е болно нема во истиот момент да се заинтересира и да се едуцира за болеста не неговото дете. Другата сцена што ми остана во сеќавање, а ми беше исто така многу глупа, е онаа во библиотеката кога Italiano vero го сонуваше Лоренцо како ги влече/синтетизира двете масни киселини и му текна дека се работи за истиот ензим??? Не знам ни од каде да почнам за оваа сцена, дали моментот што на сон му дојде одговорот, или тоа што претходно во филмот изјави јасно и гласно дека два различни ензими синтетизираат, и после дозна дека бил еден ист. Не сфаќам, од каде му беше претходната информација, ја измисли ли? Сцениве беа толку непотребни што комотно можеа и да не постојат, немаше ништо да изгуби филмот, и немаше да се нервирам за џабе, не гледам зошто мораше толку театралност да се додава за некои вакви технички работи.
Филмов мене истовремено ми е и за 6 и за 7 и за 8, па не беше баш лесно да му се даде некоја средна оценка зашто не сакам да му простам за некои пропусти, но сепак зашто морам,
7/10