Пред некоја вечер седевме на една клупа до Белведере и времето беше таман свежо. Одамна не бев излезен навечер за да шетам покрај езеро и таман нешто се зазборувавме, Николче од Коњско застана пред нас и почна да си пее песнички. Николче е локална легенда, малку повеќе е летнат од умот ама и тој не сака. Мене ми е жал и се правам дека го слушам кај што ја пее "дојди мала на охридски ѓевреци", а Боби почна да кажува за некој човек од Азија негде што никогаш не јадел и не пиел, туку се хранел од сонцето. Гледал демек во сонцето сабајле и навечер и така 20 и кусур години терал. Му викам - Тие срања на точка мочка ги имаш прочитано и вервиш во нив.
- Не бе ова вистина е, шо? Да не не мојт да имат таков чоек, ми вели.
- Имат бе, имат. А ко ќе е облачно дента, гладен останвит?, му враќам и таков пресреќен го ваѓам мобилниот (имам апликација со звуци од ситкоми) и пуштам смеење со аплауз.
Додека ги доживувам своите пет минути слава, Николче е распеан "а можевме, повеќе да имаме сега...".
И си мислам дека се е до тие искрени моменти на задоволство, пред се од самиот себе, кога ја сокриваш последната насмевка од тој момент за да те чува понатаму во случај на незгодни времиња.
А поминав едно такво. Само што му го заборавив името на медицинскиот техничар. Секој ден се дружевме и додека лежев таму ми правеше анкети за којзнае што и поставуваше луди прашања.
- Дали имаш скали дома?, му беше првото прашање. Пет минути се мислев... Имам, ама никогаш немам помислено на нив. - Дали имаш паднато во последнава година? - В кладилница на сите ливчиња. И еден испит во јануари. - Спортуваш? - До на кафе шо одам само...
- Болести на срце? - Не.
- Туберкулоза, бубрези, нешто на белите дробови?
- Немам ништо од то.
- Други заболувања освен овие кои ги набројав?
- Имам. Запиши таму "душата му е во критична состојба. Да не му ја оштетувате. После тој сам ќе си ја негува".
Николче од Коњско завиваше некоја песна од Тоше и си мислам дека Боби можеби е во право затоа што еднаш прочитав за човек што никогаш не се уморува додека трча и може да истрча до бескрај. И еден друг на кого не му студело никогаш.
Еднаш кога излегував од дома, пред врата Луи (мачорот што ми прави друштво веќе две години) и девојка му Хитлерка (црно бела е и грда) се клецаа и беа залепени, одвај врата отворив. Почнав помош да викам. Требаше да излегувам, а овие се тресат како да нема утре. Стрико ми вели дека Хитлерка најверојатно се породила затоа што стомакот и е спласнат. Вечерта пиеме кафе в кујна и со мајка ми правиме муабет за мачоров и и велам дека Хитлерка е породена ама не знам кај се мачињата. Таа ми вели - Мажјакот ќе ги задавит малите мачиња за пак да се парит со женката. Инаку таја не го остават ако ги цицат.
И седам така и ми се враќаат сликите од претходно, Луи, Хитлерка, страстите во воздухот и поврзав два со два...
- Мамо задавени се мачињата изгледа...
- Од кај знајш?
- Знам, ЗАДАВЕНИ СЕ МАМО, ЗАДАВЕНИ СЕ! И ме фати една таква манијакална смеа што морав да излезам надвор за скришум да се насмеам. Не сакав пред моиве, да не речат после дека сепак, и покрај се, синот им е среќен.
А кога бев мал и гледав во картата од светот мислев дека позади континентите целата земјина полутопка е Тихи океан и е голем од Америка до Азија и си мислев којзнае дали некој може да преплива пола свет. После кога првпат видов глобус ми стана јасно.