Како што веќе напишав, мојата генерална оцена е дека сум задоволен од целата серија, како и од емотивното финале. Бидејќи редовно замарав на темава, не би било во ред ако не образложам. Идемо:
Пред се' да кажам дека целата епизода беше прекрасна, имаше некаков интензитет кој не те остава рамнодушен. Исто така, епизодава не штрчеше, туку одлично се вклопи во целата целина на приказната. Односно, уште од почетокот видовме дека Мајкл може успешно да балансира помеѓу двата света. Ваквиот баланс се поремети кога се откри заговорот, и колатералната штета како последица на истиот. Ми се допаѓа што заговорот го ставија, и остана до крај, во спореден план. Тој служеше само како средство кое го одолговлекува Мајкл од решавањето на вистинските прашања. Како што и' кажа на д-р Еванс: „It doesn't matter“.
Околу крајот, првото кое си го помислив кога заврши последната епизода е дека се' било сон, иако на никаков начин тоа не беше експлицитно посочено. Поради ова, нормално е дека постои простор за интерпретација. Клучен дел кој ме поттикна да размислувам во друг правец е последниот со д-р Еванс, каде таа тврди како Мајкл конечно се помирил со вистината - црвената реалност била сон, а зелената била онаа вистинската. Како и во текот на целата сезона, Мајкл не можеше да го прифати ова. Тој сака да остане и со Рекс и со Хана, и не сака од рака да испушти ниту една реалност.
Она кое јас го сметам за конечен крај на серијата е објаснувањето дека Мајкл го контролира својот ум, и поради тоа, наместо да живее паралелно во двете реалности, одбира трета опција. Ова го потврдува следниот дијалог:
Еванс: I believe you'll find that allowing yourself to invest fully in one real life is ultimately going to be a richer experience than dividing yourself between two.
Мајкл: What if I just had a dream?
Ова првпат кога го слушнав помислив дека Мајкл зборува за минатото, кога сонот му се чинел како реалност. Но, потоа се сетив на поинаква интерпретација. Познавајќи го цврстиот став на Мајкл, сметам дека Мајкл всушност сака да каже: What if I just have a new dream? Тогаш му текнува, си претставува ново решение. Наместо да создава две реалности каде и жена му и син му се живи (или да живее во една каде само еден од нив е жив), тој ги напушта и двете и создава сосема нов свет каде целата фамилија е заедно. Ја презема контролата врз сопствениот ум. Ја создава реалноста која отсекогаш ја посакувал, единствената вистинска (за него). Во пилот-епизодата рече како не сака напредок, ако тоа би значело дека повеќе нема да си ја види фамилијата заедно. На крај, Мајкл се' уште не сака напредок, без разлика дали светот во кој е осуден да живее е вистинит или не.
Но што е вистинито, а што лажно? Релативноста е клучна овде. Се' додека Мајкл чувствува дека светот во кој живее е вистинскиот, нема потреба од никакви сомнежи. Мајкл го избира она кое му е најважно, без оглед на цената. Прекрасно доловено.
Кон ова да додадам и дека сметам како едната реалност беше вистинската, а другата не. Претпоставувам дека црвената беше „сон“, пред се' поради чудните моменти со Вега и вечерата со Хана. Но, ова повлекува и неколку прашања, како на пример, како можеше Мајкл да знае што се случувало во мотелот? Дали двојната реалност е плод на волјата која произлегла од трагедијата, или пак овде е вмешан некој друг фактор, надворешен? Дали Мајкл кога-тогаш ќе биде принуден да се откаже од третата реалност? Јасно е дека серијата може да продолжи понатаму пред се' со одговарање на овие прашања, но со оглед на околностите (укинувањето), добивме најдобро што можевме. Кога Мајкл ги виде Рекс и Хана заедно, гледачот сфаќа дека се исплатеше. Емотивната поврзаност со ликовите е клучна за тоа. Понекогаш, во некои серии, протагонистите се поважни отколку дејствата и ова особено важи за Awake. Од реакцијата на Мајкл, кога си ја виде фамилијата пред него, сфативме дека ова е крајот на случајот кој тој го бараше. За нас, ова е крајот на приказната за човек со чија болка сочувствувавме цели тринаесет епизоди.
И за крај, ова не е совршеното финале кое прилега на ваква добра серија. Остава многу прашања отворени, и не дава конкретни одговори за тоа што било вистинито, а што не. Дали последната сцена е замислена, дали е вистинита, дали е нешто слично на they-went-into-the-light сегментот од една друга серија. Сепак, со оглед на тоа што копилиљата од NBC ја прекинаа серијата, сметам дека продуцентите се обидоа најдобро што можат да одговорат на најважните прашања. Најважно е што гледачите добија некаква интерпретација за она кое му се случуваше на Мајкл. Слично на него, и јас си го добив мојот closure.