Историја на канибализмот од Ролан Вилнев. Се работи за некаков француски обид од 1965 година да се направи осврт кон оваа појава, за жал, не толку невообичаена и старовремска, како што сакаме да веруваме. И, авторот меѓу другото пишува за патолошки, ритуален, лековит канибализам, за човекојадство во услови на отворена и слободна лакомост, или на голем недостаток на храна, во услови на војни, опсади и сл. Има тука и извесен број сочни гурмански примери од сите оние прекрасни места во светот кои мечтаете да ги посетите, со цел да се шокира читателот (а некој можеби ќе падне и во искушение).
И се би било супер, кога книгата не би била премногу кратка, а авторот не би бил толку склон кон сензационализам и желба за поголемо внимание од пошироките маси читатели. Еден посериозен пристап кон една ваква, верувам, мошне интересна историска, антрополошка, психолошка, социоошка итн. тема секако ќе бил подобар од книгава што има обем на нешто потпроширена брошура. Сепак не е штета да ѝ се посвети внимание, посебно ако немате идеја што да пишете во гурманско катче, а сакате да дадете таму свој придонес.