Дервишот и смртта - Меша Селимовиќ
„Дервишот и смртта“ е ѓаволски добра книга спакувана во 350-тина страни. Инспирацијата на авторот му била неговата лична судбина. Имено, додека за време на Втората светска војна Селимовиќ бил член на КПЈ, Агитпроп, а кон крајот на војната и политички комесар на Тузланскиот партизански одред, неговиот брат бил уапсен и без судење бил ликвидиран. Судејќи по книгата овие настани оставиле длабок впечаток врз личноста на Меша Селимовиќ и неговото литературно творештво.
Дервишот е психолошки и филозофски роман. Дејството се случува во некоја касаба во османска Босна. Не случајно не е споменато местото и времето на случување на настаните. Тоа имплицира дека судбината на Ахмед Нурудин може да се повтори на било кого, било каде и во било кое време. А без сомнеж со тоа се критикува и тоталитарниот систем и бирократскиот управен апарат во тогашна Југославија на кој бил сведок самиот писател.
Ахмед Нурудин, инаку шејх на дервишката текија, е централниот лик во романот. Неговите неволји започнуваат откако ке дознае дека брат му е уапсен, но не е запознаен поради што. Нурудин влетува во права кафкијанска ситуација. Јосеф К. одеше по судници, канцеларии, адвокатски бироа. Нашиот јунак оди кај муселимот кој што го препраќа кај кадијата, кој подигрува со него цитирајќи делови од Куранот, за на крај да отиде кај муфтијата кој што се интересира единствено за шах. Ја препознавате шемата на вртење во круг? Универзална и вечна. Поединецот против системот. Може слободно да се направат паралели помеѓу османска Босна и Македонија во 21 век. Нурудин влегува уште повеќе во вртлогот и сплетките на управувачката елити кога од Хафиз-Мустафа, неговиот пријател дервиш, дознава дека брат му е затворен невин, бидејќи видел пропуст во еден судски процес што го водел кадијата. Уверен дека правдата ке излезе на виделина тој се препушта на волјата на Алах. Пресвртот настанува со веста дека брат му Харун е убиен. Нурудин е следен, претепан од полицајците и на крајот завршува во градската тврдина, затворен во темните зандани. Како што бунтот на Мерсо во камиевиот Странец започнува во затворот така и Нурудин решава работите да ги превземе во свои раце. Особено врз него влијае муабетот со затвореникот.
„Дали власта е од Бога? Ако не е, од каде нејзиното право да ни суди? Ако е, како може да погреши? Ако не е, ке ја срушиме. Ако е, ке ја слушаме. Ако не е од Бог, што не обвржува да ја слушаме?“
Нурудин е спасен од Хасан, неговиот пријател кој што плаќа откуп за да се избави од затворот. Интересен е и ликот на Хасан за анализа, но ако почнам ептен ке заглавам.
Излезен од затвор Ахмед Нурудин решава да се одмазди на системот. Прави сплетка, го крева народот на бунт. Кадијата и муселимот завршуваат мртви.
Има уште многу за пишување ама тука ке прекинам со надеж дека ке ги заинтригирам тие што не го читале романот да седнат и го прочитаат. Ке го цитирам само Кафка: “In man's struggle against the world, bet on the world.”.
Интересен е и психолошокиот момент. Конфузијата во личноста на самиот Нурудин, неговата отуѓеност од светот, внатрешната борба, изборите што се ставени пред него, романтизирањето на минатото и тн. Според начинот на кој што се обработени главните ликови романот можам да го споредам со Степскиот волк на Хесе или па со некој од романите на Достоевски.
Се на се препорака за секого!
(Коментарот ми е малку подолг. Ама морав. Доколку не му е местото тука модераторот нека го префрли во темата за дискусии на книги.)