Моментално ја читам Мајсторот и Маргарита од Михаил А. Булгаков. Врв на творештвото на овој руски романописец, раскажувач и драмски автор.
Романот е едно комплексно, богато и раскошно ремек-дело на руската, а и светската книжевност, рамо до рамо со Дон Кихот, Злосторство и казна, Клетници и сл.
Самата структура на романот е сложена, таа има две паралелни фабули и во исто време претставува "роман во роман". Дури би можело да се издвојат и три приказни од кои две се спојуваат кон средината на романот, а третата се слева со првите две на крајот од романот.
Првата приказна раскажува за доаѓањето на сатаната Воланд и неговата урнебесна придружба во Москва (во 20тите години на XX век). Воланд ќе го растресе градот од темели и сосема ќе му го измени ликот, а самите московјани ќе ги доведе на работ на лудило и масовна хистерија.
Втората приказна е "романот во роман" за Понтиј Пилан, роман кој го напишал Мајсторот. Во романот ликот на Пилат се "осветлува" од еден друг, психолошки агол.
Третата приказна е за Мајсторот и Маргарита, за нивната љубов, романот што го напишал Мајсторот и реперкусиите од истиот.
Топло им го препорачувам овој роман на сите вљубеници во книгата и во делата на руските писатели. Читајќи го разбирам зошто му требале 12 години на Булгаков да го напише, доста е сложен, има милион ликови, милион дејствија, па на момент треба да се навратите на претходната глава, за да се потсетите за кого всушност се работи. :smir:
Контроверзна книга која своевремено била забранета за издавање (излегла 17 години по смртта на Булгаков, дури во 1967 г.)
Според литературните критичари едно од "најистакнатите алатки" во борбата против задушувачкиот и бирократизиран социјалистички поредок во СССР.
П.С. Се надевам дека нема да ми замерите заради малку подолгото резиме за книгата.:smir: